Што ли ќе содржи американскиот извештај за НЛО?
5 јуни 2021Ако ве интересираат неидентификувани летечки објекти и од секогаш сте се прашувале што точно американската влада и тајните служби знаат за нив, јуни е голем месец за вас. Специјалната единица за неидентификувани воздушни феномени, група која потпаѓа под американското Министерство за одбрана, овој месец пред Конгресот ќе претстави Извештај околу информациите кои Пентагон ги има собрано во врска со необјасниви воздушни феномени и начинот на кој тие информации се процесираат.
Поимот необјасниви воздушни феномени го користат војската и научниците кои не сакаат да бидат поврзувани со НЛО кога зборуваат за објекти на небото кои летаат без видлив погон, по шема која е спротивна на нашето знаење за правилата на физиката. Со други зборови: Американското министерство за одбрана со конгресмените и сенаторите ќе го сподели она што го знае за неидентификувани летечки објекти на американското небо.
Јавноста ќе чуе се за тоа, иако е можно да има одложување меѓу презентацијата во Конгресот и објавувањето на целосниот извештај за пошироката јавност. Нема веќе тајни муабети за тајни воени бази, кои според приврзаниците на теориите на заговор ги имало уште откако еден НЛО наводно паднал во Росвел, Њу Мексико во летото 1947. Овојпат ќе има чист извештај.
„Документирани докази собрани од армијата“
Ави Леб, професор на Харвард и директор на Институтот за теорија и информатика на Харвард-Смитсонијан центарот за астрофизика, за ДВ објаснува што го прави овој настан толку посебен.
„Новиот извештај е различен од досегашните дебати за НЛО бидејќи вклучува документирани докази собрани од воен персонал базиран на детекција преку различни инструменти како радари, инфрацрвени камери, оптички камери итн.“, пишува Леб во еден мејл.
Повеќе:
-Разјаснета тајната на НЛО во Америка
Информациите кои ќе бидат претставени во Извештајот мошне веројатно ќе индицираат „можно постоење на објекти кои се однесуваат на начин кој не може да се објасни со технологијата која ние ја поседуваме."
Зад 95% од случаите има логично објаснување
Анкета на Галуп од 2019 покажува дека една третина од возрасните Американци веруваат оти барем во некои случаи НЛО се де факто вселенски бродови на вонземјани. Ханс Вернер Пајнигер почнал да се интересира за НЛО уште на 15-годишна возраст и веќе има 50-годишно искуство во истражувањето на такви појави. Претседателот на Друштвото за истражување на феномени на НЛО во Германија, ГЕП, вели дека зад големото мнозинство на случаи сепак стои природата или човечка рака.
„Од 1972 имаме проверено околу 4500 места пријавени од сведоци до ГЕП“, вели Пајнигер за ДВ. „Само за 5% од нив не можевме да најдеме логично објаснување.“
Остатокот, вели Пајнигер, се често балони од хелиум како што ги гледате по саеми, инсекти кои се борат па на фотографиите личат како летечка чинија, а некогаш е поради временските феномени или сателити. За оние 5% - „можеби станува збор за природен феномен кој засега едноставно не можеме да го објасниме.“
Зошто сега се објавува извештајот?
Не е случајно тоа што членовите на Конгресот месецов ќе добијат извештај од Специјалната единица за анализа на Неидентификувани воздушни феномени. Детален извештај беше една од ставките од пакетот тежок 2.3 милијарди долари, кој Конгресот го усвои во декември 2020 година. За шест месеци Министерството за одбрана и Канцеларијата на Директорот на Агенцијата за разузнавање се бара да презентираат „детална анализа за неидентификуваните воздушни феномени и евентуален живот надвор од земјата.“
Тоа што демократите и републиканците бараат извештај за неидентификувани летечки објекти – тема која до неодамна ја имаше само по научно-фантастичните филмови или ја зборуваа само луѓе кои шират теории на заговор и кои веруваат во вонземјани – покажува дека можноста за интелигентен живот вон земјата веќе не е толку апсурдна тема во високата политика за разлика од порано.
Овој чекор доаѓа на крајот од годината по неколку значајни пријави за вакви феномени. Во април 2020 година Министерството за одбрана официјално објави три видеа снимени од пилоти во морнарицата кои беа неофицијално објавени пред неколку години. На снимките се гледаат објекти кои летаат по небото на чуден начин поради што им го привлекле вниманието на пилотите.
Министерството ја потврди автентичноста на видео снимките откако НЛО аналитичарите веќе ги анализираа до последна секунда „со цел да расчистат какви било заблуди во јавноста за тоа дали снимката е реална или дали можеби има нешто повеќе од тоа што е објавено,“ се вели во соопштението на Пентагон. „Воздушниот феномен кој се гледа на снимките останува под категоријата – неидентификуван.“
Нема поврзаност меѓу пријавените НЛО
Помалку од четири месеци подоцна е формирана специјална единица за Неидентификувани воздушни феномени. Сега нејзините истражувачи треба да ги презентираат нивните наоди пред Конгресот. Професор Леб од Универзитетот во Харвард, кој на почетокот од годинава ја објави книгата „Вонземјани: првите знаци на интелигентен живот надвор од Земјата,“ вели дека тоа што морнарицата ре-објавува видеа не е доволно за официјалните лица сега да почнат активно да бараат докази.
„Наместо декласифицирање на документи кое покажува дека е користена стара технологија од сведоци без научна експертиза, ќе биде многу подобро да се постават напредно-технолошки апарати за снимање на местата од каде доаѓаат пријавите и да почнат да бараат невообичаени сигнали,“ ни напиша Леб во неговиот мејл до ДВ.
Пајнигер вели дека по многуте случаи кои ги истражувал, многу е скептичен дека на кое било од овие места всушност има вонземјани.
„Ако навистина некаде има живот во вселената и тие дошле да не посетат, тогаш треба да се поврзани со некакви неидентификувани летечки објекти (НЛО) “ нагласува тој – наводни летечки објекти во форма на диск на пример. „Но немаме најдено нешто такво во случаите кои ги анализиравме.“
„Не сакам целосно да го исклучам тоа“, вели Пајнигер, „но, претпоставувам дека досега не немаат посетено вонземјани“.