1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може да очекува Украина од НАТО?

Роман Гончаренко / Александар Методијев3 септември 2014

Војната во Источна Украина е во фокусот на НАТО самитот во Велс. Алијансата сака да му помогне на Киев без директно да се вклучи во конфликтот. Затоа очекувањата во Украина се спласнати.

Фотографија: Reuters

Местата за седење по азбучен ред се погрижија за тоа Петро Порошенко да има силни соседи на своја страна. Тој на состанокот на првиот ден од НАТО самитот во велшкиот Њупорт ќе биде „придружуван“ од американскиот колега Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерун.

А, токму САД и Велика Британија пред 20 години и‘ дадоа писмени безбедносни гаранции на владата во Киев. Украина го поседуваше од Советскиот сојуз наследениот трет по големина во светот арсенал со атомско оружје и го предаде. Во 1994 година во Будимпешта и Русија потпиша меморандум со безбедносни гаранции за Украина, но денес повеќе не се придржува до него. Украина себеси се гледа дека е вклучена во војна со Русија, поради анексијата на Крим и борбата против сепаратистите на истокот на земјата.

Повиците за помош од Киев стануваат се’ погласни

Од март Киев побара помош од НАТО. Но, досега не е добиено нешто многу. Алијансата испрати мала група од цивилни советници со цел да се подобри безбедноста на украинските нуклеарни централи при можна борба околу нив. Украинските власти тогаш соопштија дека воопшто не побарале воена помош од НАТО.

На украинската војска и’ е потребна модернизацијаФотографија: Reuters

Но, колку што подолго траат борбите на истокот на Украина, толку погласни стануваат повиците за помош од Киев. НАТО во јуни реагираше со формирање на фондови за помош при модернизацијата на украинската армија. Според информации од НАТО, станува збор за проекти со обем од 14 милиони евра. Парите во следните две до три години стојат на располагање и треба да се искористат за надградба на командните структури, логистиката и заштитата од сајбер-напади.

Новиот украински министер за надворешни работи Павло Климкин во средината на август за првпат побара воена помош од НАТО, преку интервју за радиото „Дојчландфунк“. Но, Алијасата досега реагира воздржано. Генералниот секретар на НАТО во заминување Андерс Фог Расмусен појасни дека организацијата не може да си дозволи испорака на оружје и оти тоа е работа на поединечните земји.

Надеж во САД и Источна Европа

Валентин БадракФотографија: cc-by-News UTR

Што точно може да направи НАТО за Украина ќе биде одлучено на самитот во Велс. Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека на неговата земја не и’ се потребни странски војници. Според него, на Украина и’ требаат информации од западните разузнавачки служби, како и несмртоносни оружја.

Валентин Бадрак, директот на киевскиот „Центар за воени студии, смета дека на Украина сепак и’ е потребно и тешко вооружување од странство. „Украинската армија не е модернизирана веќе 23 години“, вели експертот за Дојче веле. „Прво ни требаат противтенковски ракети и беспилотни летала, а второ ни требаат хеликоптери и силни воздушни одбранбени системи“, додава Бадрак. „Без западна помош не може далеку да се стигне и Украина да остане независна земја на картата“.

Украина се надева на помош од САД, каде украинскиот претседател ќе има посета во средината на септември, но и од источноевропските земји, како што се Полска или Романија, кои можат да и’ достават на Украина оружје од советско производство, за потоа самите да добијат модерно американско оружје, смета Бадрак.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми