1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучните ставови на Клинтон и на Трамп

Кристоф Рикинг
8 ноември 2016

Доселување, одбрана од терор или американската улога во светот - ви ги претставуваме ставовите на двајцата претседателски кандидати за доминантните теми во изборната кампања во САД.

US TV Debatte Trump vs Clinton
Фотографија: picture alliance/AP Photo/J. Locher

Доселување

Во САД живеат околу единаесет милиони нерегистрирани мигранти. Мнозинството од нив потекнува од земјите во Латинска Америка како Мексико, Хондурас или Ел-Салвадор. Доналд Трамп планира запирање на илегалното доселување преку изградба на ѕид на границата кон Мексико. „Ќе го принудам Мексико да плати за овој ѕид“, рече милијардерот. Трамп и најави протерување на извесен дел од илегалните доселеници, земјата треба првенствено да ја напуштат криминалните мигранти без дозвола за престој. Републиканскиот кандидат одбива прифаќање на бегалци од Сирија. Трамп одвреме навреме инсистираше дури и на комплетна забрана за влез на сите муслимани, барем додека не се докаже дека не се терористи. Во меѓувреме тој го ублажи барањето, но останува на ставот за потребна паушална детална проверка на муслиманите при влез во земјата.

За силна контрола на илегалното доселување се залага и Хилари Клинтон. „Но, таа се противи на протерување на нерегистрираните мигранти од САД“, вели Јоханес Тим од Фондацијата Наука и политика во Берлин. На нерегистрираните доселеници Клинтон сака да им овозможи легализирање на статусот преку стекнување државјанство. Додека Обама се согласи за само 10.000 сириски бегалци, Клинтон планира прифаќање на 65.000 луѓе од земјата зафатена од граѓанска војна.

Трамп би изградил ѕид на границата кон МексикоФотографија: picture-alliance/dpa/L. W. Smith

Американската улога во светот

Дали САД ќе останат глобален одржувач на редот? Каква ќе биде позиционираноста кон сојузниците? Ако одлучува Доналд Трамп, Вашингтон во иднина многу помалку ќе се ангажира во меѓународни рамки, вклучувајќи и на воено поле. „Сликата на светот која ја има Трамп е под печат на неговото сфаќање дека САД се искористени од остатокот на светот“, вели Јоханес Тим. Во интервју за „Њујорк тајмс“ Републиканецот отиде дотаму што ги доведе во прашање безбедносните гаранции кон НАТО-сојузниците ако стане претседател. Тој би сакал да провери колкав прилог вложил секој одделен сојузник. Во секој случај, членството во НАТО за членките ќе стане поскапо со Трамп во улога на претседател: „Тој сака сојузниците да плаќаат повеќе, да учествуваат позасилено во безбедносните гаранции кои ги добиваат од САД“, вели Тим. 

„Прекорот за недоволниот прилог на сојузниците не е нов, тој не е изум на Трамп“, истакнува Мартин Тунерт од Центарот за американски студии во Хајделберг. „Генерално, ќе расте притисокот за поголем придонес“. Тоа значи дека и Хилари Клинтонќе бара поголем меѓународен ангажман од сојузниците. Но, таа нема да ја доведе во прашање поддршката кон партнерите, вели Јоханес Тим. „Што се однесува до безбедносните гаранции во поглед на сојузниците, Клинтон се залага за континуитет, тука таа нема да врши промени.“ Клинтон жестоко го критикуваше Трамп поради неговите надворешно-политички планови. Ако Трамп успее на изборите, „Америка ќе биде понебезбедна, а светот ќе го направи поопасен“, изјави таа. 

ТПП е веќе потпишан, а двајцата кандидати го отфрлуваатФотографија: MFAT/dpa

Трговска политика

Доналд Трамп протежира протекционистичка трговска политика. Тој би сакал да го изолира американскиот пазар од прилив на странски стоки. „Трамп отстапува од досегашната линија за слободна трговија на неговата партија,“ вели политикологот Мартин Тунерт. Тој го отфрла и договорот за слободна трговија со 11 земји од Латинска Америка и Азија, ТПП. Северноамериканскиот договор за слободна трговија НАФТА тој би го приспособил на интересите на САД или би го откажал. „Според мислењето на Трамп, договорите за слободна трговија се одговорни за загубата на работни места во преработувачките индустрии“, потенцира Тунерт. Тука Трамп го погоди нервот кај дел од населението.

Хилари Клинтон во времето додека беше министер за надворешни работи го поддржуваше ТПП. Во меѓувреме таа се дистанцира  од него. „По сето она што досега го знам во врска со него, не можам да го поддржам овој договор“, изјави таа. Целите кон кои се стреми таа, отворање работни места и подигање на платите во САД не се достижни со постоење на овој договор, аргументираше Клинтон. Истото важи и за подобрувањето на националната безбедност. 

Засилена борба против Исламска државаФотографија: Reuters/A. Al-Marjani

Борба против теророт

И Хилари Клинтон и Доналд Трамп сакаат да се справат со терористичката милиција Исламска држава. За Трамп е дозволено секое средство, тој не отстапува ни од воен ангажман. Милијардерот изјави дека би се борел против џихадистите со копнени трупи. Притоа, посебна улога би требало да играат арапските држави, од кои тој бара поголем ангажман. Трамп веќе воведе во игра мачење на осомничените за терор, како и прогон на семејствата на членовите на ИД. Заради спречување на терористички напади во САД, Трамп предложи генерална забрана за влез на муслимани во земјата.

Доколку Хилари Клинтон стане претседател, ќе следува поостро постапување кон ИД. „Уште во времето додека Хилари Клинтон беше министер за надворешни работи, таа се залагаше за поостар однос отколку Обама“, вели Мартин Тунерт. Заради заштита на цивилното население во Сирија, таа во улога на претседател би вовела забранета зона на летови над земјата. Клинтон отфрла испраќање копнени трупи во Сирија, но би ги засилила воздушните напади и би ангажирала специјални единици. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми