1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што мора да направи Германија, 75 години по Аушвиц

Инес Пол
28 јануари 2020

На 75-годишнината од ослободувањето на Аушвиц не е доволно само евоцирање спомени. Во Германија мора да бидат преземени конкретни мерки во борба против омразата кон Евреите и странците - и тоа веднаш, коментира Инес Пол

Antisemitismus in Deutschland Symbolbild Grabsteine
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со децении во мојата татковина доминираше срамот. Поради она што го сторија родителите, дедовците и бабите и за што Германија останува одговорна за навек. Повеќе од шест милиони луѓе беа убиени во Аушвиц и во други логори. Во една индустријализирана машинерија за убивање каква што дотогаш не постоела и која сѐ до денес ја надминува моќта на разбирање.

Тоа чувство на срам беше духовното јадро на говорите кои политичари и интелектуалци ги држеа на безброј комеморации, најчесто при годишнини. И јас самата, моите колешки и колеги на факултетот, подоцна и во редакциите, бевме носени од тоа: јас се срамев поради она што го сторила мојата земја.

Пукотници кон Синагогата

Годинава се чувствувам поинаку. Можеби затоа што сведоците на времето веројатно последен пат присуствуваат на некоја голема комеморација и одбележување на Холокаустот. Но пред сѐ затоа што Евреите во мојата земја се повторно во опасност. Затоа што на најголемиот еврејски празник беше нападната синагога со огнено оружје. Затоа што вицовите за Евреите повторно станаа нормални, а извикот „Евреину“ во Германија е повторно навреда. Срамот не е доволен кога преку викендот, додека светот се сеќава на жртвите од Холокаустот, се објавуваат извештаи дека во германската армија има сѐ повеќе неонацисти. Денес. Сега.

Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Годинава мојот срам е засилен од бесот што сето тоа повторно се случува во мојата татковина. Бес затоа што во Германија сето тоа не е спречено. Говорите, секако, се важни, па така и одличниот говор на претседателот Франк-Валтер Штајнмајер минатата недела во Јад Вашем. Културата на сеќавање на оваа земја ја обележаа големи гестови - почнувајќи од клекнувањето на канцеларот Вили Брант во 1970 година во Варшава.

Но само тоа не е доволно. Доколку Германија и натаму сака да ја исполни својата одговорност, поради злосторствата против човештвото, мора да се направат повеќе конкретни работи. Политичарите мораат да најдат одговори на прашањето: што треба да се случи за во Германија синагогите да не мора веќе да бидат под постојана заштита? Родителите мора да најдат одговори на прашањето како еднаш засекогаш да се исфрлат од училиштата вицовите за Евреите. Што всушност прави нашиот образовен систем ако секој четврти ученик од десетто одделение не знае ништо за Аушвиц?

Извлекување на сеќавањата од елитниот ќош

Сите ние - граѓанското општество, политичарите и интелектуалците - мораме да ги извлечеме сеќавањата за Холокаустот од елитното ќоше. Во училиштата, пред сѐ, мора повеќе да се преземе. Бидејќи во нашето општество не смее да има место за антисемитизам и непријателство кон странците. Јасниот исказ „никогаш повеќе“ може да постои само со политика на нулта толеранција. Потешко е да се мрази она што се познава. Германија може да се послужи со тоа сознание и да го разгледа прашањето: Што навистина знаеме за еврејската вера, еврејскиот живот или историјата на Евреите во Европа? Зошто нема масовна размена на ученици со Израел?
Наскоро повеќе нема да има сведоци на времето. А некогашните злосторници се уште една генерација подалеку од оние кои денес во голема мерка ѝ даваат печат на Германија. Затоа не смее да се губи време - владата мора да делува веднаш. И во зависност од тоа делување и нејзе треба да ѝ се суди.

Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува

04:31

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми