Итно е потребен поголем ангажман
5 октомври 2015Четири години по почетокот на граѓанската војна во Сирија, европските и американските политичари повеќе не можат да ја игнорираат драматичната бегалска криза. Американската влада е повеќе од активна на Блискиот исток, но смета дека е поудобно да ги класифицира сириските бегалци како европски проблем. А европската реакција досега е далеку од идеалите на една Унија која се повикува на вредности како што се почитувањето на човековото достоинство и заштитата на човековите права. Тоа мора да се промени.
Решавање на коренот на проблемот
„Во Алепо сме веќе мртви“, рече еден Сириец неодамна кога пристигна на грчкиот остров Лезбос, откако го прашаа зошто тргнал на опасниот пат од Турција преку Средоземното море. Стотици илјади Сиријци од истите причини бегаат во Европа. Со тоа, нивната молба за заштита поради „основаниот страв од прогон“, како што се наведува во Женевската конвенција за заштита на бегалците, е втемелена. Притоа, депримирачки е што сириските бегалци се само делче од 20 милиони луѓе кои побегнаа од војната во други држави и од 40 милиони кои се бегалци во сопствената земја. Се работи за најголем број бегалци кој Комитетот за заштита на бегалците на ОН било кога досега регистрирал.
Причините за оваа трагедија мора да се решаваат во корен. На ЕУ и стои на располагање единствен инструмент кој го сочинуваат дипломатски, политички и развојно-технички можности. Шефовите на држави и влади на ЕУ мораат да го користат за повторно да го оживеат замрзниот мировен процес. Тие мораат да го употребат неопходниот дипломатски капитал за да го запрат насилството кое секојдневно тера во бегство 42.500 луѓе.
Но, кризите во Авганистан, Сомалија и други земји, кои траат со децении, не е можно да се решат преку ноќ. Уште години ќе бидат потребни додека луѓето кои побегнаа од Сирија, воопшто ќе бидат во можност да размислуваат за враќање дома. Поради тоа е нужно значително да се зголеми како итната, така и долгорочната развојна помош: помош за луѓето, кои побегнаа, како и за земјите кои ги примија.
Помош за сириските соседи
Сирија е најголемата рана која најмногу крвари. Соседните држави како Јордан и Либан имаат потреба од директна финансиска поддршка и развојна помош: за да изградат инфраструктура, да ги обноват своите јавни служби од темел, за да направат места за образование и работни места за Сиријците во земјите во кои се сместени. Економијата и инфраструктурата на Јордан, Либан, Турција и Ирак колабираат под товарот на повеќе од 4 милиони бегалци. Само Јордан пресметува дека приемот на бегалците ќе го чини 4,2 милијарди долари до 2016 година.
Инвестициите на Светската банка и на други меѓународни финансиски институции се нужни за оправување на економијата на тие земји. Неопходно е и да се стабилизираат земјите од регионот за да се сопрат дополнителни стотици илјади луѓе да не го бираат смртоносниот пат преку Средоземјето.
Една задача е уште поитна: донаторските цели на ОН за Сирија и регионот се постигнати само со 31, односно 40 проценти. Поради тоа е загрозено снабдувањето на бегалците со животни намирници и основни медикаменти. Потребна е што побрза заедничка донаторска иницијатива на Европејците, Американците и арапските држави за да се финансираат институциите кои на лице место пружаат помош.
Отворање сигурни патишта кон Европа
Како дополнение на овој план мораме да се погрижиме за тоа бегалците да можат да дојдат во Европа и во другите индустриски земји како САД и Канада по сигурен и легален пат. Програмите за преселба, фиксни квоти, спојување на семејства и други можности би ги поштедиле оние кои се во бегство од судбината да бидат искористени, уценувани, измачувани или злоставувани од страна на шверцерите.
За успешно надминување на кризата мора да се има предвид и судбината на оние кои веќе пристигнаа во Европа. И тука постојат бројни нешта кои државите членки на ЕУ што побрзо треба да ги сторат. Најпрво мора да се осигура дека бегалците кои доаѓаат во Европа бидат примено со човечност и достоинство. ЕУ мора да подготви неопходна финансиска и техничка поддршка за да започне ефикасна и добро координирана хуманитарна операција на надворешните граници на ЕУ во јужното Средоземје. Тоа значи трауматизираните бегалци да добијат храна, вода и медицинска заштита.
Второ, ЕУ-членките мора да престанат да се однесуваат како бегалците во Средоземното море да се единствениот проблем на земјите на крајбрежјето. Речиси 245 илјади бегалци пристигнаа годинава во Грција, и уште околу 200 илјади се очекуваат до крајот на годината. Но досега, земјите-членки се согласија да распределат само 120 илјади бегалци од Италија и Грција во други земји. Тоа мора да се промени. Планот на Јункер е почеток на искрена распределба. Тој ја заслужува нашата поддршка.
Третиот чекор е спроведување на фер, заедничка европска бегалска политика, која ќе обезбеди дека сите барања за азил ќе бидат обработувани според меѓународни стандарди и дека обврската за преземање на бегалците, ќе биде споделувана еднакво меѓу сите земји-членки на ЕУ. Планот на Јункер со право налага, сите оние кои немаат право на азил, да се вратат назад.
Време за солидарност
Ниту една земја не може самата да преброди криза од ваков обем. Тоа не го може ни Европа. Глобалната криза бара глобален одговор. Но Европа ќе успее да ги убеди САД, заливските држави и другите влади кои се уште не се ангажирале, доколку и нејзиното делување биде на висина на проблемот.
Тоа е и можност да се живее вистинска човечка солидарност. Европските политичари треба да погледнат во правец на Лезбос каде деновиве тамошните жители ги снабдуваат бегалците со храна, прекривки и лекови. Меѓу волонтерите се и жители на островот чии баби и дедовци избегале од крвопролевањата на Втората светска војна токму во Сирија каде им биле понудено сигурно прибежиште. На овој позитивен пример треба сите да го следиме.
Зигмар Габриел е вицеканцелар на Сојузна република Германија, министер за економија и претседател на Социјалдемократската партија (СПД).
Дејвид Милибанд е поранешен министер за надворешни работи на Велика Британија од 2007 до 2010 година. Во моментов е претседател на хуманитарната организација International Rescue Committee со седиште во Њујорк.