1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што носи иницијативата за „нова политичка спогодба за заедничко владеење“?

Свето Тоевски16 март 2014

Лидерот на ДУИ оцени дека неговата партија ќе влезе во нова владина коалиција само врз основа на „нова политичка спогодба за заедничко владеење“. Според експертите, тоа може да предизвика политичка криза во земјата.

Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Годинашниве предвремени парламентарни избори во Македонија уште не ни започнаа, а Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција, веќе ја прогласи својата партија како победник во изборната трка за новите парламентарни мандати меѓу партиите од албанскиот блок со порака до оној што ќе победи во македонскиот политички блок, односно, и воопшто на овие избори: „Приоритет во таквата спогодба за совладеење со македонската партија за ДУИ ќе биде зачленувањето на земјата во ЕУ и НАТО, што подразбира брзо решавање на прашањето за името, бидејќи на тој план имаме стагнација. Сигурно е дека тука ќе започне спроведувањето на таа спогодба ... “ - имаше кажано Ахмети само неколку часа откако неговата партија поднесе барање за распуштање на Парламентот и за предвремени избори.

Дојче веле во повеќе наврати безуспешно се обидуваше да добие изјава од портпаролот на оваа партија Бујар Османи и од нејзиниот генерален секретар Абдилаќим Адеми дали се веќе дефинирани барем дел од другите најважни принципи, врз кои ќе се заснова политичкиот договор што Ахмети има намера да им го понуди на оние кои ќе победат во изборната парламентарна трка. Единствено Муса Џафери, потпретседателот на Владата од редовите на оваа партија кусо ни изјави: „Ние немаме сѐ уште изготвено ниту изборна програма, па ниту таква политичка спогодба.“

Молк во македонскиот политички блок

Иако не се исцртани основните контури на документот што, според лидерот на интегративците, ќе треба да биде основа за конституирање на новата влада, внимателното анализирање на неговите јавни истапувања во последниве десеттина дена дава први појаснувања. По зачестените повици на ВМРО-ДПМНЕ до македонското бирачко тело за да и ја даде довербата на оваа партија да победи на изборите со 62 пратеници и за да не биде условувана од никого при формирањето на новата влада, Али Ахмети ја отфрли можноста да се повтори 2006-та година, односно, партијата што нема да победи во својот етнички блок да може, сепак, да биде дел на извршната власт, на владата.

Во неколку пригоди претседателот на ДУИ посочуваше: „ДУИ нема намера само да ја освои власта ... Ние имаме, мисија, визија, Албанците да бидат државотворен народ во поголема мера отколку што се сега, да добијат поголема улога во крупните политички процеси, кои се одвиваат во земјата ... “. Дилемата е дали токму таа „државотворност“ ќе биде еден од главните принципи во „политичката спогодба“, каква што ја замислува Ахмети.

Фотографија: DW

Во врска со новите позиции на Ахмети и ДУИ владее невообичаена штама во македонскиот политички блок. Никој од челниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, многу гласни и во јавноста сеприсутни околу изборите, барем досега не му одговорил на Ахмети во врска со „новата политичка спогодба за заедничко владеење“ и неговата „визија за државотворноста на Албанците“. На молк од страна на Илија Димовски, шефот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, наиде нашата молба да одговори на прашањата, кои му беа испратени по неговата собраниска електронска пошта. Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ, на истите прашања, се огласи само со „блиц-изјава“: „Во овој момент ние сме сконцентрирани само на подготовките за парламентарните избори.“

„Праксата на ’двајца победници’ (...) е политички нелогична“

Наспроти политичарите и раководителите од македонските партии, кои од свои причини молчат во врска со предусловите на „интегративците“, врвни експерти во изјави за ДВ сосема конкретно ги изнесуваат своите критички коментари.

Гордана Силјановска Давкова, експерт за уставно-политички системи и за политички партии од државниот универзитет во Скопје, вели: „Тезата за 'совладеење', или 'двовластие', е непознат политички феномен. Еден победува на избори и тој прави влада со кого сака. Политички одговорно е да се вклучи во владата и албанска партија, но, праксата на ’двајца победници’ - еден македонски и еден албански - е политички нелогична и компаративно непозната. Коалициите се прават врз основа на сродност на програмите и на традиционални сојузи, а не врз основа на политички притисоци. Зошто тогаш втората партија според освоени места, било СДСМ, било ВМРО-ДПМНЕ да биде, да не рече дека има легитимно право да биде вклучена во владата во определени тешки моменти? Ахмети зборува за сонот за бинационална држава, која е сосема нелогична за македонските (не)прилики.“

Фотографија: DW

Изнесувајќи ја својата дилема „дали баш со вакви услови ќе биде постигната таква политичка спогодба меѓу македонската и албанската политичка партија, кои ќе победат на изборите“, Осман Кадриу, експерт за уставно-политички систем од ФОН универзитетот во Скопје, напоменува: „Во уставот не е подвлечено дека коалиција може да се случи единствено со победничката партија од албанскиот блок, која ќе добие најмногу пратеници меѓу другите албански партии. Но, според некое непишано правило, воспоставена е политичка практика во владејачката коалиција да се прифати најголемата победничка партија на Албанците. Засега е нереален условот дека ќе се влегува во владината коалиција само ако до крајот на оваа година се постигне очекуваниот резултат на планот на евроатлантските интеграции на Македонија. Нереален е имајќи предвид дека таа евроатлантска интеграција зависи од повеќе фактори и околности дома и надвор. Кога се формира владата неминовност е да се постигнат одредени политички договори и тие да претставуваат составен дел на владината програма. Тие договори да претставуваат програма, агенда, во која меѓуетничките односи посебно треба да бидат нагласени и да бидат унапредени, со застапеност на етникумите во сите општествени сфери.“

Тања Каракамишева Јовановска, експерт за уставно-политички системи и изборни системи од државниот универзитет во Скопје, вели за ДВ: „Политиката на уцени и ултиматуми не е нова концепција, или нова стратегија содржана во речникот на ДУИ, а повеќе или помалку и на сите останати албански партии во државата. Првиот и можеби најважен предизвик, со кој ќе видиме како ќе се справи Груевски постизборно, е дали ќе стави крај на генералната политика на уцени од страна на албанските политички лидери. Дали тој успешно ќе го демаскира сеприсутното политикантство преку кое албанските лидери добиваат многу добивки и многу незаслужени 'медали’, додека реалниот народ нема ништо од сето тоа, и дали ќе успее да сврти нова страница во политичкиот живот во РМ, запирајќи ја проодноста на овие барања.“

Експертите предупредуваа од можните последици од „новата политичка спогодба за заедничко владеење“.

Нашите соговорници предупредуваат на можните последици врз стабилноста на земјата и за нејзиниот уставно-политички поредок од инсистирањето на Ахмети за „новата политичка спогодба за заедничко владеење“. Во овој контекст професорот Кадриу укажува: „Ако ДУИ опстои на својот став евроатлантската интеграција на земјата да биде услов за таа да биде дел од новата влада, таквата влада нема да биде стабилна, продуктивна и успешна. Македонија може повторно да западне во политичка криза. Ако инсистираат и на поширока примена на консензуалноста како принцип во функционирање на владата и на другите нивоа и структури на политичкото одлучување, не само при изборот на претседател на државата, тогаш тоа може да доведе до парализирање на владата и посебно на парламентот, до парализа и на самиот систем. Тоа е многу лошо за стабилноста на земјата и за правата на граѓаните.“

Фотографија: MIA

Професорката Каракамишева Јовановска дополнува: „На сите обиди за создавање други слични, или идентични спогодби, како Рамковниот договор, кои треба да донесат етнички благодети, треба да се гледа како на вонинституционални, како на решенија, кои директно ја повредуваат стабилноста на уставниот поредок во земјата. Тоа дури и како обид треба да се третира сериозно и многу внимателно. Нови спогодби со максималистички барања, кои се поддржани само од една, малцинска страна, ќе направат сериозна штета на земјата и на нејзините граѓани ионака поделени според етничка линија. Наместо тоа, треба да се сугерира насочување кон паметна, развојна, ефективна политика, која ќе биде всредоточена на интересите на сите граѓани и стимулирање мерки преку кои ќе се создаде силна интегративна енергија во државата, толку посакувана од мнозинството граѓани.“

Професорката Силјановска Давкова заклучува: „Поинаку би било кога македонска и албанска партија би креирале заедничка предизборна коалиција заснована врз усогласена платформа, односно, врз консензус за прашањата од национален интерес. Во така наречените ’поделени општества’ добро е да се стимулира и да се негува предизборното коалицирање.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми