1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што носи Макрон во Белград?

Ивица Петровиќ
15 јули 2019

Францускиот претседател денеска пристигнува во дводневна посета на Србија. Го дочекуваат фалби на таблоидите кои до вчера го плукаа. Дали посетата може да има конкретни ефекти?

Serbien | Frankreich | Macron | Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. F. Badias

Емануел Макрон требаше да дојде во Србија во декември, но тогаш дома го затекнаа проблеми со масовните протести на Жолтите елеци. Но, претходниот период не беше идиличен кога станува збор за односите меѓу Србија и Франција. Може да се каже дека периодите на недоразбирања беа почести одошто периодите на соработка. Во Белград владееше огорченост по прославата на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна во Париз, на кој Србија имаше полош третман од Косово.
„Александар Вучиќ потоа во неколку наврати изнесуваше негативни коментари на сметка на Макрон, споредувајќи го неговото наводно попуштање пред протестите на Жолтите елеци со сопствената непопустливост пред барањата на граѓанските протести“, вели Владан Марјановиќ, надворешнополитички новинар на неделникот „НИН“.

Макрон против проширување на ЕУ

Кога е во прашање цврстиот став на Макрон дека нема проширување на ЕУ пред длабоки реформи на Унијата, српската дипломатија своето незадоволство го изразуваше со избрани зборови.

Што се однесува до Косово, Србија и Франција во тој поглед имаат спротивставени ставови. Но, како и секогаш, таблоидите блиски до власта јавно го истакнуваат сето она што претставниците на власта само го шепотеа. Па така, се пишуваше дека Макрон сака да досели мигранти во Србија и дека им „зарил нож в грб“ затоа што одбил разграничување меѓу Србија и Косово.

Сега, пак, се пишуват текстови во кои Французите и Србите се „браќа по оружје“, дека Париз испраќа ракети од типот Мистрал и дека Макрон ќе ја убеди германската канцеларка Меркел сепак да прифати промена на границите на Балканот.

Пропагандни ефекти

Макрон ќе слета на аеродромот Никола Тесла со кој од неодамна управува француската компанија Ванси. Со него во авионот ќе бидат и одреден број француски претприемачи.

„Искуството од претходните посети сугерира дека зад бомбастичните најави за потпишување на силни договори стојат далеку поскромни конкретни договори за економска соработка и вложувања“, вели Владан Марјановиќ.

„Франција тука досега навистина не се покажа како голем инвеститор - секако не сразмерно со својата големина и стопански капацитети, а особено не во споредба со земји како Германија и Италија“, додава тој.
Како и да помине посетата, доаѓањето на францускиот претседател од Вучиќ беше искористено на вообичаен начин- како потврда на големиот углед во светот и на фактот дека Вучиќ рутински се гледа со клучните европски и светски политичари.

„Малата, сиромашна и искомплексирана Србија секое доаѓање на некој од претседателите на големите сили, особено од доаѓањето на власт на Српската напредна партија, го доживува како некаква потврда на своето значење“, вели Марјановиќ.

„Се работи за едноставна, детска логика: Штом доаѓа тој и тој, мора да сме многу важни“.
Оттука, овој соговорник смета дека ефектите од оваа посета на Макрон ќе бидат пред сѐ пропагандни.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми