1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што откриваат шесте 11-то октомвриски плотуни на СЈО?

11 октомври 2018

Во сомнежот на СЈО дека е направена финансиска штета на буџетот од 80 милиони евра, со најголем дел учествува штетата направена со Спогодбата за затворање на рускиот клириншки долг кон Македонија.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Подарок“, „Пропаганда“, „Пациент“, Хармонија“, „Дизајн“ и „Базни станици“ се имињата на шесте нови истраги што ги отвори СЈО, информирајќи ја јавноста за тоа преку соопштение на веб-страницата на институцијата. Со истрагата се опфатени и лица за кои СЈО веќе има неколку обвиненија - Никола Груевски и Миле Јанакиески. Но, за првпат под истрага се наоѓа и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, во истрагата „Подарок“ која се однесува на затворањето на рускиот клириншки долг кон Македонија, како и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во истрагата „Пациент“ за јавни набавки во повеќе јавни здравствени установи. Под истрага е и Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во предметот „Дизајн“ за набавка на 202 двокатни автобуси, како и Жарко Луковски, поранешен главен извршен директор на Т-Мобиле, за легализација на дивопоставени базни станици со кои буџетот бил оштетен за 1.568.828 денари.

Како што соопшти СЈО, станува збор за основано сомнение дека во овие случаи е предизвикана финансиска штета на буџетот од речиси 80 милиони евра.

Бркале зајак, налетале на мечка

Сепак, најголемата ставка, односно повеќе од една третина од оваа сума, ја сочинува штетата за која СЈО се сомнева дека е направена со Спогодбата меѓу Владата на РМ и Руската Федерација за затворање на рускиот клириншки долг кон Македонија, при што на руската компанија „ОАД Стројтрансгас“ од Москва ѝ била овозможена противправна имотна корист во износ од 32.664.672 евра, на штета на македонскиот буџет.

Поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески е за првпат под истрага во случајот „Подарок“ кој се однесува на затворањето на рускиот клириншки долг Фотографија: Imago

„Фактички, Република Македонија со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната реалната сума на чинење, а долгот на Русија кон РМ, фактички останал 'подарок' за Русија“, велат од СЈО.

„Фактички, бркајќи зајак, СЈО открило мечка“, реплицира политички аналитичар, алудирајќи дека оваа истрага, покрај сомневањата за направена штета на македонскиот буџет, открива и друг „интересен“ аспект.   

СЈО преслушува 606.555 аудио фајлови

00:55

This browser does not support the video element.

„Она што е поинтересно во овој случај, не е само битието на делото за кое постои сомневање, туку она што се открива во заднина: го лоцира периодот од кој преку вакви 'економски', односно коруптивни активности, всушност започнало и заднинско политичко инклирање кон држава и политика што не е стратегиски интерес на Македонија. Дополнително, уште полошо ако тоа е сторено во 'корист' на штетата на нашиот буџет. Резултатот е двојна нула. А, имајќи ги предвид актуелните политички предизвици пред кои сега е исправена Македонија, преку овој случај можеме уште подобро да препознаеме нечии домашни и странски силни мотиви за опструкции кон ЕУ и НАТО - интеграциите“, вели нашиот соговорник, иако потврдува дека и без овој случај линковите се јасни и „не се изнадувачки“ за упатената јавност.

Османи: Стојам на располагање

Во моментов се чини дека е изненаден единствно вицепремиерот Бујар Османи, како што и самиот потврди преку изјава за јавноста.  

„Информацијата за отворената истрага од СЈО, иако претходно како шпекулација ја имав прочитано во медиумите, сепак претставува изненадување за мене, особено спомнувањето на моето име во контекст на евентуални злоупотреби“, вели Османи.

Османи: Немам што да кријам, напротив, очекувам што е можно побрза и поефикасна истрагаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Притоа потенцира дека во неговата политичка и професионална кариера, како поранешен министер за здравство, и сега како вицепремиер, секогаш работел според закон и во интерес на сите граѓани.

„Задржувајќи го истиот принцип, сакам да испратам неколку пораки. Поведената истрага ја сметам за нормална, коректна и професионална обврска на Обвинителството и стојам на располагање и на СЈО, и на кој било друг правосуден орган во земјава, за соработка во интерес на идентификување на целосната фактичка состојба. Немам што да кријам, напротив, очекувам што е можно побрза и поефикасна истрага, со цел да се утврди вистината - дека ниту сум влијаел, ниту сум можел да влијаам, а ниту сум можел да бидам запознаен со евентуална злоупотреба, секако, доколку таква постоела“, изјави Османи.

Иако секој е невин додека не се докаже спротивното, сепак, прашање е дали и принципот на пресумпција на невиност ќе му помогне на Османи „без дамка“ да влезе во претстојните процеси, имајќи предвид дека токму тој е политичкиот шеф на тимот кој ќе ги води преговорите за членство во ЕУ.

Повеќе: СЈО ќе трага по одлеаните пари во странство

Под лупа на ЕК

Аналитичарите се согласни дека компромис со правдата и правната држава, не смее да има.

„Заклучоците на Советот на ЕУ од јуни годинава го отворија патот за почеток на преговори, но посочија дека Македонија ќе треба да покаже успех во однос на владеењето на правото, но и во борбата против корупцијата“, потенцира Андреја Стојковски, претседател на граѓанскиот Центар за европски стратегии „Евротинк“. „Оттаму, Европската Комисија ќе цени како ќе се спроведуваат судските постапки кои се во тек, како што се онаа за 27-ми април и оние од СЈО, а ќе очекува ангажман и на ОЈО и ЈОРМ за откривање на сторителите и утврдување на вина за други кривични дела за кои постојат сознанија, или пак се водат истраги. Соодветно постапување во однос на законот за борба против корупцијата и основањето на новата Антикорупциска Комисија ќе биде исто така под лупа, а ќе се гледа и каква ќе биде судбината на СЈО во иднина. Шесте нови истраги, но и оние последните отворени ова лето ќе мораат да бидат правилно процесирани и за истите ќе мора да има разрешница на суд“, вели Стојковски.

СЈО најавува дека пред финиш се уште неколку истрагиФотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

Според него, судбината на СЈО како успех на медијацијата на ЕУ во политичката криза на големото прислушување на над 20.000 граѓани, мора да биде приоритет во блиска иднина.

„Но, само продолжувањето на работата на СЈО ќе се смета за успех“, дециден е Стојковски.

И додека јавноста ги анализира сомнежите во шесте нови истраги, од СЈО веќе најавуваат дека пред финиш се и неколку други: „Моќник“ (за Антонио Милошоски), „Попис“ (за прекинатиот попис во 2011 година) и „Актор“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми