Merkel Balkan
22 август 2011Германската канцеларка од денеска ја почнува мини балканската турнеја во Хрватска и Србија. Теми на средбите ќе бидат меѓународните, билатералните и економските односи, соопшти кабинетот на канцеларката спроти турнејата. Во Србија со сигурност ќе биде отворена темата за независноста на Косово, кого Белград не го признава, се вели од германски владини кругови. Официјален Белград и Загреб имат конкретни очекувања од посетата на канцеларката.
Загреб посетата на Меркел ја гледа како голем успех и знак дека Хрватска, барем што се однесува до процесот на интеграција во евро-атлантските структури, навистина стана пример во регионот. Канцеларката, која посетата ја продолжува во Србија, патува во придружба на економска делегација.
Нагорен тренд
Иако во Хрватска е неспорно дека Германија во изминатите две децении беше најважниот партнер на земјата, еден дел од населението денес чувствува извесно заладување на односите. Ова чувство, според загрепскиот политиколог Дамир Грубиша, се должи на сериозните опомени од Берлин на адреса на владата во Загреб, за теми како, на пример, борбата против корупцијата. Од друга страна, се намали и интересот за инвестирање:
„Чувството за воздржаност од страна на Германија, можеби се создаде поради вмешаноста на бившиот премиер Иво Санадер во аферата Хипо-банк“, подвлекува Грубер и оценува дека претстојната посета на канцеларката Ангела Меркел значи подобрување на германско-хрватските односи.
Бирократијата ги кочи инвестициите
Будимир Лончар, советник за надворешна политика на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, ги оценува германско-хрватските односи како извонредни и смета дека Германија е најсилниот партнер од економски и финансиски апскет. Еден од најголемите фактори е туризмот, оценува Лончар. Една третина од туристите во Хрватска се Германци. Единствениот проблем во моментов е хрватскиот трговски дефицит со Германија, меѓутоа вината за тоа треба да се бара во Хрватска.
Проблемите кои доведоа до влошување на подготвеноста за инвестирање, според зборовите на политикологот Грубишиќ се стари: тоа се хипер-бирократијата и хипер-нормирањето. „Ако на пример сакате да наместите соларни ќелии на покривот, мора да обезбедите 27 одобренија, за што ви се потребни две години. Истовремено, за користењето на обновливи енергии не добивате никаква финансиска поддршка. Тоа докажува дека бирократијата се’ уште го кочи слободниот проток на инвестиции“, вели Грубишиќ.
На наредната страница:
Добри предуслови за вложувачите
И за Србија, втората станица на канцеларката Меркел, Германија е еден од најважните партнери и донатори. Во последните единаесет години се влеаја околу една милијарда евра помош и донации за инфраструктурата, за проекти од областа на енергетската техника и водоснабдувањето, како и хуманитарна помош. Германските инвеститори се борат речиси со истите проблеми како во Хрватска - „административни дефицити“ како што ги нарекува Бојан Предовиќ, заменик претседател на Германското економско здружение во Белград. Тој воедно укажува и на проблемот со корупцијата. Според нивното последно истражување, во здружението во моментов се регистрирани 360 фирми кои обезбедуваат 20 илјади работни места. Земјата имено, привлекува со ниски плати, поволни даночни стапки и добро обучена работна сила. Предовиќ меѓутоа, укажува на други проблеми: недоволно спроведување на европските стандарди и нерешените политички проблеми.
Токму за тоа ќе стане збор на разговорите на канцеларката Меркел во Белград. Меркел ќе се сретне со вдовицата на поранешниот српски претседател Зоран Ѓинџиќ, убиен во 2003 година, како и со стипендистите од фондацијата Ѓинџиќ. Со српскиот претседател Борис Тадиќ и премиерот Мирко Цветковиќ ќе разговара за приближувањето на земјата кон ЕУ и напредокот при исполнувањето на неопходните предуслови. Најважна тема притоа, се очекува да биде косовското прашање. Според српски дипломатски кругови, во Белград се очекува Меркел да ја отфрли идејата за евентуална поделба на Косово и наместо тоа да се се заложи за нормализирање на односите на северот на Косово.
„Втор Кипар не доаѓа предвид“
Од владини кругови во Берлин се вели дека канцеларката во Белград ќе го изнесе ставот дека признавањето на Косово нема да биде предуслов за почеток на преговорите на Србија со ЕУ, меѓутоа земјата пред да стане полноправна членка, ќе мора да ги признае новите граници. Според зборовите на претседателот на парламентарната група за Југоисточна Европа, Петер Вајс, „втор Кипар не доаѓа предвид. Тоа значи дека за европската перспектива на Србија е потребно задоволително регулирање на односите со Косово. Ангела Меркел уште еднаш ќе ја охрабри српската влада и ќе ја повика разговорите да доведат до позитивен исход.“
Посетата на Хрватска и Србија во овој момент е особено важна, смета Вајс. Германија со Хрватска, како идна членка на ЕУ, мора да усогласи заедничка европска политика. Освен ова, Ангела Меркел има намера да ги повика хрватските официјални претставници и натаму да ја следат политиката на помирување со земјите наследнички на поранешана Југославија.
Автор: С.Богданиќ/ И.Петровиќ/ С.Филиповиќ/ А.Трајковска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска