1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што после Бејли?

12 април 2018

Историјата на амбасадорите на САД ја исцртува константата на љубезна медиумска вербалност полна со демократија, отчетност, одговорност и проткаена со сушти спротивности во реалноста на прогледување низ прсти.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Сосема е извесно дека Македонија наскоро ќе стане земја членка на прилично екзклузивен, иако не толку елитен глобален клуб. Како 38 или 39-та земја во која САД нема да има ополномоштен и вонреден амбасадор, поради истекувањето на мандатот на сегашниот претставник амбасадорот Џес Липинкот Бејли. Велам, истекување на мандатот, кое не подразбира автоматски и заминување од мисијата.  Но со оглед што САД во овој момент немаат амбасадор во најмалку 37 земји - вклучувајќи ги Германија, Саудиска Арабија, Турција, Австралија, Белгија, Унгарија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Египет, Шведска, ОБСЕ – за очекување е дека и амбасадата во Скопје ќе биде ставена на листа на чекање на нов Амбасадор. По истекувањето на тригодишниот мандат на амбасадорот Бејли, започнат со предавањето на акредитивните писма на 12 февруари 2015 година.

Колку за утеха на непочестените со високо дипломатско претставништво на САД во сопствените земји, вреди да се укаже дека огромната дипломатска празнина е уште позабележителна во самиот Стејт Департмент на САД. Во кој осум од десетте највисоки дипломатски позиции стојат се уште испразнети и во очекување да празнината наследена од Рекс Тилерсон биде пополнета од номинираниот државен секретар Мајк Помпео. Кој пак, според Вашингтон Пост, на денешното конгресно соочување се очекува да признае дека „многу членови на Стејт Департментот ги споделиле впечатоците колку е деморализирачко да се има толку испразнети функции и, искрено, да се чувствуваат небитни.”

Во продолжение на сопственото излагање пред Конгресот, поранешниот шеф на ЦИА и иден државен секретар Помпео ги пренесува надежите на персоналот на Фоги Ботом дека ќе бидат "ополномоштени во нивните улоги и ќе стекнат јасно разбирање за мисијата на Претседателот (Трамп)”. Накусо, надеж дека Стејт Департментот ќе биде вратен во милост на администрацијата на Трамп и неговата визура за светот во кој дипломатијата, барем засега, тешко дека може да се најде во врвните пет приоритети на Белата Куќа. Сепак, именувањето на Помпео како еден од најраните подржувачи на Трамп, познат по тврдо-линиските промислувања за надворешната политика на САД, може да придонесе кон какво-такво подобрување на длабоко разнишаниот статус на американските претставници ширум светот. Може, но дали е и гарантирано, времето ќе покаже.

Разликите помеѓу Бејли и Лу

Американските, како и сите дипломати впрочем, често љубат недостатокот на сопствени ангажмани или постигнувања да го префрлаат – дискретно и неслужбено – врз недостатокот на инструкции од матицата. Бејли секако не е исклучок во таа политика на „сокриј ја саламата” на одговорност. И за тоа не би можел да биде обвинет – доколку неговото поведение за време на неговиот мандат не беше во така оштар контраст со поведенијата на неговите колеги од регионот познати по својата гласност во јавноста. Во прв ред тој контраст паѓа во очи со невообичаената глаголивост на амбасадорот на САД во Албанија, Доналд Лу. Кој во сопствените чести и бурни обраќања не се либи да именува политичари осомничени за криминал, корупција, да дава оценки кои (иако на раб на дипломатска коректност) се широкоградо пречекувани од тамошната јавност. Од Доналд Лу ќе чуете мислења за опозицијата, за судиите и обвинителите, за американските истраги против домашни политичари, за руските влијанија, за сѐ и сешто и со име и презиме наведено. За разлика од Џес Липинкот Бејли од кого тешко дека некој ќе наведе една единствена изјава за рољата и улогата на Сашо Мијалков (за критика, Боже сочувај), за рољата и улогата на Али Ахмети (за критика, Алах сочувај), за Зоран Заев (за критика, Верушевски помози). 

Претходни колумни на авторот: 

НАТО во три брзини

НАТО сега или НАТО никогаш

 

Разликите помеѓу Бејли и Лу не запираат тука. За разлика од колегата од Тирана кој не се либи да учествува во прајм-тајм ТВ интервјуа и биде соочен со крајно тешки и провокативни прашања, како и за разлика од колегата во Приштина кој дава интервјуа за албански и српски медиуми во Косово, амбасадорот Бејли ќе остане запаметен по комично-тажни блаботења со памук-меки нарачани прашања карши Атанас Кировски, речиси целосно (и традиционално) иггнорирање на медиумите на албански јазик во Македонија и невообичаена вљубеност во утринските програми на ТВ Сител. Што се однесува до телевизиите на албански јазик – тие се потсмешливо сведени на гостувања на локален персонал од Кале.

Објаснувањето за таа дијаметрално различна дипломатска поставеност помеѓу Бејли и Лу можеби лежи во воспоставената традицијата на поставување амбасадори во Македонија според правилото "американски пионери и германски пензионери”. (Апропо, има ли Германија амбасадор во Македонија?) А сепак, и Доналд Лу е по прв пат именуван на амбасадорска позиција во Албанија, со што паѓа во вода образложението дека станува збор за амбасадорски првенци за кои личниот успех е побитен од мисијата на земјата. Прашањето кое затоа само по себе се наметнува е дали станува збор за личен, приватен однос на Бејли и Лу кон зададените задачи или пак различен однос на американската дипломатија кон Македонија и Албанија, базирана врз преувеличување на секој проблем во Албанија и минимизирање на секој проблем во Македонија? Во секој случај, контрастите се толку драматични и нелогични што одговорот на било кое од двете прашања несомнено не служи на чест ниту на Бејли, ниту на американската дипломатија.

Прогледување низ прсти

Дотолку повеќе што Бејли го заокружува сопстевниот мандат на сличен начин како и неговите претходници Миловановиќ, Рикер и Волерс – со успешен завршен мандат за себе (и донекаде за Америка) и неуспешна мисија за нас и демократијата. Салдото на неговиот ангажман е сосема јасен - Македонија останува далеку од НАТО, разрешницата на спорот со името чека на крај на бугарското претседателство со ЕУ, борбата против корупција и криминал сведена на промена на македонски режими и амнестија за ДУИ, продорот на Русија, Турција и Кина во несмален залет итн.. Но добро, од Бејли барем немаме слики на развеселено дружење со Латас и Јанкуловска или на бранчеви со Али и Беќир Асани. Но затоа ќе остане добро и долго запметена неговата велигденска пофалба на правосудството на Заев додека во Куманово се објавуваа казни за сообраќајни незгоди и насилни оци. 

Претходни колумни на авторот: 

Анти-Стабилократска Еволуција

Историјата на амбасадорите на САД во Македонија во последните десет години ја отцртува константата на љубезна медиумска вербалност полна со демократија, отчетност, одговорност и проткаена со сушти спротивности во реалноста на прогледување низ прсти кон домашната стабилократија и криминалците од полит-партиското миље. Бејли во тоа дволично поведение не е исклучок, туку правило на дипломатска пракса во премолчано повинување кон домашните пракси на политиканство наместо наметнување на реална отчетност, реална одговорност и реална санкциозност. Поведение кое суштински ја ништи и обесмислува, ја снемоштува и директно саботира јасната порака на Рајнхард Прибе за минатата и сегашната Влада. Впрочем, дали сметате дека е случајност што Извештајот на Прибе, без сомнение досега најреалниот и најбитниот документ за Македонија е напишан и составен од еден не-дипломат, за разлика од бесмислените извештаи на Евро-дипломатијата и извештаите на Стејт Департментот?

Бесмислена негација на правилата и стандардите

Одговорот на ова прашање од побитен од провинцијално сеирење и потсмешливост. Во време кога низ земји како Бразил, Јужна Африка и Јужна Кореа се судат, апсат и во затвор праќаат корумпирани претседатели на држави, политиките на "мудра и мека моќ” на ЕУ и САД кон балканските политички злотвори станува сѐ само не комична. Туку напати полошо, станува бесмислена негација на правилата и стандардите со кои амбасадорите се уште се кочоперат како врвно достигнување на западната цивилизација. Принципелноста на западот во односот кон крим-корупцијата на Балканите останува затскриена зад едно бедно адамово ливче со напис Санадер, но пиштол-гол разголено пред дружбите со западно-балканските вагабонди избрани низ избори со "западни стандарди”.

Затоа, дилемата на крајот на мандатот на Бејли не е прашањето кој ќе биде новиот Бејли, туку што може да се очекува како нов приод од страна на американската Амбасада? Протоколарно, по неговото (евентуално) заминување, тој ќе биде заменет од Црни Дахлии во улога на Вршители на Должноста. Функционално по безбедноста исто така нема да има големи пресврти, со оглед на фактот што Балканот и Македонија се повеќе во доменот на Пентагон отколку на Стејт Департаментот. Што и не е толку лоша вест, со оглед што Пентагон е побитен за промоција на демократијата отколку колаборационистичката мантра на Стејт Департментот кон локалните стабилократии.  

Накусо кажано, не може да се очекува ништо ново или подобро се додека ставот на јавноста кон реалната демократија се диктира од воспоставената стратегија на прмоција на fake democracy промовирана од страна на западните канцеларии и домашните киоск НВО-а и пост-Грујо про-Заев 360° кружноточни медиуми. Критиката на форсирањето на fake democracy не може да биде амнестирана со поплаки за фаворизирање на послушни грант-ем-кредит невладини се додека самата реална јавност не си ја најде сопствената моќ и сопствениот глас кој ќе биде помоќен од платените реклами и пропаганди. А со тоа, помоќен и од фалшливите Извештаи на ЕУ или пофалните придики за "новата демократска надеж во Македонија.” Доколку не, останува да се помириме со наравоучението – каков народ, такви Амбасадори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми