1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што после Заев?

3 ноември 2021

Како ќе се расплете политичкиот Гордиев јазол кој Зоран Заев го врза во неделата, и што тоа значи за централната власт и насоката на државата и општеството во месеците кои следат. Пишува Петар Арсовски.

Премиерот Зоран Заев нема намера да одолговлекува со поднесувањето оставка од државната и партиската функција, порачаа од неговиот кабинет
Премиерот Зоран Заев нема намера да одолговлекува со поднесувањето оставка од државната и партиската функција, порачаа од неговиот кабинет Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Од недела наваму, главна тема е оставката на Зоран Заев од премиерската позиција, како и од позицијата лидер на СДСМ.  Иако најавувана на доста експлицитен начин неколку пати во претходните денови, сепак, потегот дојде како изненадување за многумина, кои сметаа дека тоа е сепак само предизборен трик, мотивација за сопствените гласачи, или празен all-in блеф, на сега веќе премиерот и лидерот на СДСМ во оставка.  Сега е интересно кои се опциите во блиска иднина, како ќе се расплете политичкиот Гордиев јазол кој Заев го врза во неделата, и што тоа значи за централната власт и насоката на државата и општеството во месеците кои следат.

Првото прашање кое логично се наметнува е зошто Заев најави и поднесе оставка?  Тој самиот, во периодот помеѓу двата изборни круга, го подигна влогот на овие локални избори, воведувајќи во нив централен, национален, наратив, и со тоа поврзувајќи ја судбината на централната власт со исходот на локалните избори. За многумина тој потег не е добредојден, ниту во предизборието, ниту сега, кога таа најава се ефектуира. Сведоци сме овие денови на повеќе повици, од коалициските партнери, од меѓународната заедница, од локалните политички елити, па дури и од дел од неговите опоненти—во завиена форма, секако—за откажување од оставката, за стабилност на владата и владинот мнозинство, за континуитет.  Очигледно е дека значаен дел од овие групи сметаат дека нема потреба локалните избори да се поврзуваат во централната власт, и дека нема потреба од ваков чин.

Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Мислам дека постојат неколку главни причини зошто Заев толку брзо и недвосмислено го изигра својот, можеби последен, потег во сегашната политичка ситуација.  Првата причина е неговата лична желба за аура на месијански водач, еден вид мразокршач на стереотипите на Балканот.  Во таа смисла, сметам дека тој сакаше на некое ниво да покаже еден нов, досега непознат, степен на демократичност и одговорност за резултатите. Втората причина, според мене, е неговото конечно и недвосмислено сознание дека е жртва на ЕУ и нивната индолентност за Балканот општо, и особено за Македонија, и одбивањето понатака да биде казнуван за постапките на други (тука, се разбира, и неговата матична партија има свој удел).  Третата причина е наједноставната, но најтешка за „варење“ во нашава домашна политика.  Мојот впечаток од неговите изјави упатува на тоа дека тој сепак, интимно, смета дека неговата политика, начин на владеење, и правец во кој ја води државата, веќе нема поддршка.  Во таква ситуација, одење против гласната порака на гласачите би било самоубиство на рати.  Затоа бевме сведоци на едно „Шведско“ сценарио, на кое секако не сме навикнати. 

Друга колумна од авторот:(Ин)дискретниот шарм на дуелите

Се поставува прашањето што понатаму?  Мислам дека покомплицирано за одговарање е што ќе се случува во СДСМ, бидејќи таму очекувам поагресивна борба за наследник.  За разлика од тоа, опциите во државниот апарат се релативно праволиниски, иако имаат свои политички репркусии.  Има две главни опции, од кои едната има повеќе варијанти.  Главните опции се: или ќе одиме на предвремени парламентарни избори, или на нова влада од истиот состав во собранието.  Втората опција (таа со варијантите) може да се оствари преку сегашното парламентарно мнозинство, преку ново парламентарно мнозинство од опозицијата, или преку широка, експертска или концентрациони влада.  Сепак, имајќи предвид дека бројките во собранието се блиску, има многу коалициски партнери во двата табора, не верувам дека политичко мнозинство (од било која страна) може да се одржи на долг рок.  Стабилна опција би била широка коалиција, но и таа некогаш мора да заврши. На крајот, сегашната политичка криза мора да најде своја катарза во вид на предвремени парламентарни избори. 

Кој ќе биде наследникот на Заев на чело на македонската влада?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Прашањето, тогаш, станува кога тие треба да се одржат, дали најбрзо што може, или сепак да има некоја политичка калкулација околу терминот. Не гледам дека во оваа ситуација било која партија „се претргна“ за брза разрешница, напротив.  Како да постои консензус дека на државата не и требаат брзи избори.  Ова има логика, ако се земат предвид кризите (енергетска, економска, пандемиска) во кои сме, и кои ќе траат во наредниот период, а особено кризата со евроатлантската перспектива на нашето општество.  Можноста (колку и да е таа мала) за разрешница со Бугарија и конечен почеток на преговорите не треба да се игнорира во оваа смисла.  Колку и таа опција да изгледа недостижна, мислам дека сепак не треба баш ние да ја оневозможиме однапред, со наша сопствена интерна политичка криза.  Затоа, можеби добар термин се избори напролет: ќе оставиме простор за разрешница во декември или јануари, а дури и ако тоа не се случи, наредниот прозорец (јули 2022) ќе го дочекаме со завршени избори и нова стабилизација на ситуацијата.

Друга колумна од авторот:Меѓуетнички коалиции: Еволуција или маркетинг?

Конечно, се поставува прашањето кој би бил наследник на Заев во ова меѓувреме, а и подоцна во партијата.  Тоа прашање е најтешко за одговарање, имајќи предвид дека тука тој самиот сепак ќе има ограничено влијание, бидејќи е во оставка, а предаторите, и за владата, и за партијата, веќе си ги острат катниците.  Единствениот реален ризик тука е што, доколку Заев сега промовира некого од партијата во нов мандатар, сите тоа ќе го прочитаат како истиот однапред да го прогласил и за фаворит во партиската битка, хендикепирајќи ги другите потенцијални противкандидати.  Затоа, не треба да бидеме изненадени со некакво решение кое не е директно од СДСМ за мандатар, за да се одвојат тие две агенди и борби, во обид да се оневозможи нефер влијание на едната функција (таа во владата) на подоцнежниот партиски избор.

На крајот, имајќи ги предвид овие компликации во најава, секако ќе се изнагледаме во овој период уште повици Заев да остане, дека никој друг не може да „ја залепи“, и слично, особено од потесните партиски кругови.  Тоа е минлив партиски фолклор, кој со текот на времето ќе замре, и не треба да влијае на општата политичка проценка.  Дали Заев мораше да поднесе оставка?  Најверојатно не.  Дали сега, откако е поднесена, мора да опстои на таа одлука?  Апсолутно да.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми