1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што по референдумот во Република Српска?

Самир Хусеиновиќ
26 септември 2016

Граѓаните на Република Српска со 99,8 проценти изгласаа славење на спорниот национален празник на 9. јануари. Според експертите „неуставниот“ референдум нема да има правни, но ќе има погубни политички последици.

Bosnien und Herzegowina Referendum Republika Srpska Milorad Dodik
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Barukcic

Не осврнувајќи се на забраната од Уставниот суд на БиХ, Србите во Република Српска излегоа на референдум и речиси едногласно се изјаснија за задржување на нивниот спорен национален празник, 9. јануари, со 99,8 насто. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го спроведе референдумот и покрај одлуката на Уставниот суд и предупредувањата на меѓународната заедница.

Професорот на Правниот факултет во Сараево Горан Марковиќ потсетува дека и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, претходно зборуваше дека референдумот е „само анкета“. „Мислам дека овој референдум нема да има никакви правни последици и дека Собранието на РС на 11. октомври ќе го промени Законот за празници за да најде компромисно решение“, вели Марковиќ за Дојче веле. Нашиот соговорник верува дека приказната за референдумот во добар дел е политичка игра и дел од предизборна кампања, односно дека Додик го искористи „надгласувањето“ на српските судии во Уставниот суд  на БиХ за свои потреби. 

Бившиот судија на Уставниот суд на Федерацијата БиХ Фарис Вехабовиќ вели дека со референдумот е прекршен уставот  на БиХ и Дејтонскиот договор, предупредувајќи на очигледните неправилности и нелогичности, врз што исто така може да се оспори валидноста на изјаснувањето во РС, одржано вчера (25.09). „На гласачките места немаше независни набљудувачи, а многумина не можеа да се пронајдат на избирачките списоци. Тоа го потврдува и случајот со претседателот на Српската демократска партија, Младен Бошиќ“, истакнува Вехабовиќ. 

Се чека реакцијата на Обвинителството на БиХ и на меѓунардната заедница

Правните експерти очекуваат Обвинителството на БиХ да покрене истрага против одговорните за кршење на Уставот на БиХ. Многумина се изненадени од релативно малиот процент на излезност на гласачите на референдумот. Ентитетската комисија за спроведување на референдумот првите податоци ги соопшти околу 17 часот, според нив излезноста била 51 насто.  Процентот во текот на вечерта се зголемил на 59 до 60, но во медиумите и социјалните мрежи се појавија коментари за можни фалсификати, често со сатиричен тон. „Најголема излезност беше забележана кај починатите лица. Затоа мислам дека најсоодветно е да отвориме изборни места и на гробиштата, барем на оние најголемите“, напиша на Фејсбук политичката аналитичарка Ивана Мариќ.   

Обвинувања за неправилности во изјаснувањето Фотографија: Klix.ba

Лажирање на податоците за излезност на гласачите?

Бањалучкиот новинар Слободан Васковиќ на својот блог „Од другата страна...“ изнесува сериозни сомневања во наводите на власта. „Излезноста на граѓаните е далеку под очекуваното... Синиша Каран, претседател на Комисијата за референдум на РС избегна да изнесе бројка, наведувајќи проценки дека излегле меѓу 59 и 60 проценти. Тоа не е вистина, податоците се фризирани. Станува збор за употребени, пополнети ливчиња, не и за излезени гласачи. Замолив еден пријател да однесе три лични карти од своето семејство, ги однесе и на гласачкото место доби три гласачки ливчиња. Вакво нешто беше правило низ цела РС. По завршувањето на гласањето, беа уфрлувани ливчиња во вреќи и правени нови записници. Затоа Каран нема резултати, се чека ноќта и измама,“ напиша Васковиќ. 

Процентот на излезност на гласачите на неуставниот референдум за 9. јануари за Дојче веле го коментираше професорот на Универзитетот во Мостар, политичкиот аналитичар Славо Кукиќ. „Можеше да се очекува дека поддршката на граѓаните на Република Српска, кои излегоа на референдумот, ќе биде речиси апсолутна. Меѓутоа, делумно е неочекувана, секако и охрабрувачка, ниската излезност на референдумот, таа зборува дека политичкиот авантуризам на ентитетскиот претседател Милорад Додик нема толку силна поддршка во овој дел од БиХ“, вели професор Кукиќ. 

Погубни политички последици

Кукиќ смета дека референдумот, иако правно ништовен, би можел да има погубни политички последици. „Елементарно е меѓутоа прашањето што сега, по референдумот? Можни се само две сценарија, или Додик ќе исчезне од политичката сцена, или тој самиот ќе ја збрише БиХ од геополитичката карта на светот. Во поглед на внатрешниот потенцијал, Додик е невозможно да биде запрен. Прашање е само дали тој може да биде стопиран однадвор? Признавам, немам одговор на тоа. Но, го знам следното, ако меѓународната заедница не го запре, Додик би можел да се покаже не само како гробар на БиХ, туку и како причина за големи потреси во целиот регион, па и Европа во најбуквален смисол“, предупредува Кукиќ. 

Безбедносната ситуација во БиХ по референдумот и затворањето на гласачките места не е нарушена, без оглед на жестоката реторика. Министерот за внатрешни работи на БиХ Драган Мекиќ ги пофали граѓаните дека се „попаметни од своите политичари“, изразувајќи надеж дека ни во иднина нема да наседнуваат на провокации.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми