1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Што прави Светската здравствена организација?

Инес Ајзеле
7 април 2020

Со Светскиот ден на здравјето, кој секоја година се одбележува на на 7 април, Светската здравствена организација потсетува и на своето основање во 1948 година. Која улога игра СЗО оттогаш до денес, во време на корона?

Schweiz Hauptsitz der Weltgesundheitsorganisation (WHO) in Genf
Фотографија: picture-alliance/Xinhua/L. Qu

Што е функцијата на СЗО?

Во свеста на луѓето СЗО најчесто е особено присутна кога прогласува меѓународна здравствена вонредна состојба, како на пример во 2008 година заради ширењето на свинскиот грип, 2014 и 2019 заради ебола вирусот и на почетокот на годинава заради новиот коронавирус.

Но, задачите и спектарот на активности на посебната организација на ОН се многу пошироки. Со целта секаде во светот да постигне највисоко можно ниво на здравје, СЗО не само што пружа итна помош при катастрофи, туку го надгледува и оценува здравствениот развој во светот, како и исхраната и санитарните услови.

Со своите 194 земји членки СЗО е лидер во истражувањата за здравјето, како и во поставувањето норми и стандарди.

Зошто и како е основана СЗО?

Идејата за посебна здравствена организација се појавила уште при конференцијата за основање на ООН по крајот на Втората светска војна во 1945 година. На државите им било јасно дека за одржување на мирот и безбедноста во светот, што е централната цел на ООН, се потребни и решенија за здравствените проблеми. Уставот на СЗО во 1946 година беше прво потпишан од 61 држава во Њујорк. На 7 април 1948, денот кој сега го одбележуваме како Светски ден на здравјето, уставот стапи на сила. Седиштето на посебната организација на ООН е швајцарскиот град Женева, а покрај тоа има и 6 регионални канцеларии и 150 национални канцеларии. Според сопствените податоци, СЗО брои 7 илјади соработници.

СЗО е лидер во истражувањата за здравјето, како и во поставувањето норми и стандардиФотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt

Како се финансира СЗО?

Програмскиот буџет на СЗО 2020-2021 изнесува 4,2 милијарди евра. Една петтина од буџетот, кој се одредува на секои две години, е сочинет од задолжителните придонеси од актуелните 194 земји членки. Но, не плаќа секоја земја иста сума, туку висината се одредува според платежната моќ на земјата.

Остатокот е од доброволни придонеси од членките, како и донации од фондации, институции на ООН, НВО и приватни лица. Тоа што тој дел низ децениите сѐ повеќе расте, е предмет на критика, бидејќи, како што се вели, така се поткопувала неутралноста на организацијата. Според германското здружение за ООН во периодот 2010-2011 на пример десетте најголеми држави плаќачи на придонеси (задолжителни и доброволни) придонесле за преку 60% од вкупниот износ, а меѓу нив се САД, Јапонија и Германија. 2012-2013 најголем финансиер, дури и пред САД, беше Бил и Мелинда Гејтс фондацијата.

Повеќе:

СЗО вели „тестирајте“ на коронавирус, но имаат ли сите држави ресурси за тоа?

СЗО прогласи пандемија: Како најдобро да се подготвите?

Која е улогата на СЗО во кризата со короната?

Во борбата против новиот коронавирус СЗО има централна улога. Кај преносливи болести како сида, маларија или сега Ковид-19, СЗО ги координира меѓународните активности, меѓу кои во случајов и соработката во истражувањето на корона вирусот, развојот на тестови, лекови и вакцини. Меѓу другото иницираше и меѓународна клиничка студија со цел да се тестираат веќе постоечки лекови на нивното дејство против Ковид-19.

Во борбата против новиот коронавирус СЗО има централна улогаФотографија: picture-alliance/dpa/F. May

Прогласувањето на „Вонреден случај за јавното здравје од меѓународни размери", како што во јануари 2020 се случи заради короната, е ултима рацио што го поседува СЗО. Со тоа се ставаат на располагање финансиски и други ресурси. Со прогласувањето се поврзуваат и други конкретни препораки за мерки за земјите членки, како карантин и ограничување на патничкиот сообраќај. Тело за вонредни состојби, во кое членуваат здравствени експерти, виролози и други научници, континуирани ги адаптира на развојот на ситуацијата. Препораките не се правно обврзувачки, но земјите најчесто се придржуваат до нив. На почетокот на март годинава СЗО прогласи пандемија на коронавирусот. Со тоа само се констатира дека ширењето на Сарс-Ков-2 добило светски размери. Генералниот директор Тедрос Адханом Гебрејезус изјави дека означувањето како пандемија не менува ништо во тоа што презема СЗО и што треба да прават другите земји.

Тедрос Адханом Гебрејезус, генерален директор на СЗОФотографија: picture-alliance/Photoshot

Како се оценува делувањето на СЗО во корона-кризата?

СЗО неодамна доби пофалби за своето релативно рано и одлучно постапување, за разлика од пандемијата на свински грип во 2009 или во ебола-кризата во 2014 и 2015. По ебола-кризата, СЗО си ги призна грешките и го промени начинот на делување во справување со заразните болести.

Актуелниот успех на организацијата како глобален менаџер на кризата некои го припишуваат и на првиот човек Тедрос, кој од 2017 е на таа позиција и важи за мајстор кој не бега од соочување со јавноста. Тој меѓутоа беше критикуван за тоа што ја пофали Кина за начинот на справување со вирусот, откако земјата прво го игнорираше ширењето во Вухан за дури потоа да спроведе ригорозни мерки.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми