Што сака ЕУ со „Европската културна престолнина“
24 декември 2009„Верувам во културната размена, и сметам дека не смее да има само една заедница на компири и домати, туку мора да има размена и за културните работници.“
Мелина Меркури, поранешната пејачка на шлагери и министерка за култура на Грција, дојде на оваа идеја. За време на тешкото претседателство на Грција со ЕУ требаше да настане нешто убаво, нешто поврзано со културата, што ќе ја зголеми вредноста на Европската економска заедница во која доминираше земјоделската политика.
Така госпоѓа Меркури бргу направи од Атина прва „Културна престолнина на Европа“. Магијата траеше само неколку недели, за време на летото. Почетоците беа скромни. Следуваа Фиренца, Амстердам, Берлин и Париз. Вистински големо шоуто стана во 1990 година со Глазгов. Оттогаш наваму се спроведува повеќестепена постапка на кандидирање со презентации и бизнис планови, речиси како за Олимписките игри. Во 2004 година во ЕУ влегоа десет нови членки, во меѓувреме ги има 27 на број и затоа сега годишно има најмалку две културни престолнини, објаснува Џон Мекдоналд, портпарол на еврокомесарот за култура во Брисел.
„Кога во 2004 година дојдоа новите држави членки, забележавме дека еден град повеќе не е доволен. Ротацијата на сите држави би траела предолго. Со цел источноевропските земји да не мора да чекаат предолго, Советот на министри го воведе правилото за во проесек две културни престолнини годишно.“
Градовите ширум Европа стојат во редица за освојување на посакуваната титула, за која во меѓувреме мораат да се кандидираат шест години порано. За 2011 година се избрани Турку и Талин, во 2012 следат Гимараеш и Марибор, а во 2013 година културни престолнини ќе бидат Марсеј и Кошице.