1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што сега, Британијо?

Бернд Ригерт
13 март 2019

Речиси Шекспировска дилема; Брегзит или не, е прашање сега. Откако Долниот дом во парламентот во Лондон го отфрли Договорот за Брегзит на премиерката Меј, иднината е неизвесна. Меј е соочена со пораз, смета Бернд Ригерт.

UK Brexit l Verrat
Фотографија: Getty Images/D. Kitwood

Дебатата во Долниот дом на британскиот парламент беше жестока и долготрајна. Вистинска политичка битка, но со ист исход како во јануари- парламентот го отфрли повторно договорот за Брегзит. 17 дена пред датумот кога Велика Британија треба да ја напушти ЕУ, земјата стои на работ на карпа под која се заканува непознат економски и политички амбис. И заговорниците на Брегзит и неговите противници, со различни аргументи, го одбија договорот на премиерката Тереза Меј и ЕУ, кој беше дополнет во последна минута. Гласачите, партиите, парламентот, владата, сите се поделени. Земјата се наоѓа во криза.

Како последица на Брегзит-шокот, не е исклучено распаѓање на Унијата, на Обединетото кралство составено од Шкотска, Велс, Англија и Северна Ирска.

ЕУ не беше во состојба на Британците да им понуди прооден пат, тоа значи потфрлање и за континентот и за Брисел. И за ЕУ би била  голема штетата настаната од нерегулиран Брегзит. Впрочем, од заедничкиот пазар на ЕУ во еден миг заминува втората по големина економија. Велика Британија и ЕУ, без потреба, итаат во самопоставена стапица. Надвор од ЕУ можат само со запрепастеност да се фатат за глава и да се прашуваат – како можеше да се случи ова? Или, човек може, како американскиот претседател и останатите националисти определени за изолационизам, да се радува што Европа самата се ослабува.

Бернд Ригерт

Сонот на Брегзит-националистите, дека Велика Британија ќе се ослободи од вообразените стеги на ЕУ и наскоро ќе се врати на својата империјална големина, може наскоро да се распрсне. Во глобализиран свет, земја со големина од Велика Британија сама не може многу да постигне, иако Британците поседуваат атомско оружје и седиште во Советот за безбедност на ОН.

Време да се стави крај на безумието

Остануваат уште 17 дена за да се избегне најлошото. Денеска и утре Долниот дом ќе гласа дали ќе дојде до Брегзит во слободен пад, без преоден период или ќе го одвее ова безумие и ќе ги пролонгира Брегзит-преговорите за неколку недели. Најдобар излез од ќорсокакот меѓутоа би бил чекор за кој е потребнна голема храброст на досега тврдоглавата премиерка. Тереза Меј треба да го повлече комплетно барањето за излез на Велика Британија од ЕУ според членот 50 и потоа да си даде оставка.

Повеќе:

Британски фирми се „вооружуваат“ за тврд Брегзит

Брегзит: Најголемата можна катастрофа

Новиот премиер потоа би можел во мир да размислува како натаму, кога на Британците ќе им биде јасно што всушност сакаат. Економските штети би биле избегнати, а госпоѓа Меј би си обезбедила заслужено место во историските учебници, иако од други причини отколку планираните. Премиерката првпат ја навести можноста од ваков излез во парламентот. Таа го согледа својот пораз.

Но, поверојатно е дека Тереза Меј ќе продолжи како и досега и од ЕУ ќе побара пролонгирање на рокот за преговори, и самата свесна дека ЕУ за тоа ќе бара добра причина: неможно е постојано одолговлекување на драмата. Можен е и втор реферeндум, но какво прашање да се постави на него?

ЕУ на крајот по сѐ изгледа ќе се согласи на пролонгирање, за никој да не рече дека Брисел го исклучи приклучокот и на некој начин е виновник за предвидливиот хаос на британскиот остров. Шекспир би се радувал на вакви драматични заплети.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми