1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад шпионската афера во Србија?

Ивица Петровиќ
22 ноември 2019

Србија ја тресе нова афера. По аферата Крушик и наводната продажба на оружје на Украина, сега се појави снимка на која руски разузнавач дава пари на пензиониран српски потполковник. Што се крие зад сето тоа?

Serbien PK Präsident Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

По објавувањето на снимката на која руски разузнавач наводно предава пари на непознато лице од српска страна, државниот врв закажа итна седница на Советот за национална безбедност. Српските власти инаку не се одликуваат со преголема транспарентност кога се во прашање вакви случаи, па изненадувачка е брзината со која е потврдена автентичноста на снимката.

Според она што на белградските медиуми им го соопшти Реља Жељски, началник на одделот за аналитика на безбедносно информативната агенција (БИА), „снимката е автентична и на неа се гледа рускиот разузнавач Георгиј Клебан“.

Службеникот на БИА во ист здив се обиде донекаде да го амортизира фактот дека станува збор за руски шпион, велејќи дека „разузнавачката субверзивна дејност која се одвива на територија на Република Србија, а таа де факто се одвива, не треба никако да се врзува само за Руската Федерација. Напротив, и други големи сили, како САД, Велика Британија и Франција, но и регионални играчи, ќе ги спомнам само Хрватска и Албанија, многу интензивно работат на остварување на своите интереси, што во меѓународните односи и политика е секогаш очекувано“, рече Жељски.

Следуваше и реакција од Москва. „Односите со Србија се партнерски, од братски карактер, и на тоа не може да влијае ништо“, изјави портпарлот на Кремљ, Дмитриј Песков. Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, смета дека видеото за шпионите е „провокација во пресрет на важни средби на врвот“ и истакна дека „не го разбира соопштението на српската влада дека ситуацијата е многу сериозна“.

Повеќе: 

Вашингтон ја предупредува Србија поради руското оружје

Исфрлање на дипломати: Шпионирај ме нежно

Србија ја зајакнува воената неутралност

Началникот на одделот за аналитика во БИА истакна дека е познат идентитетот на другото лице и дека станува збор за „висок српски претставник со офицерски чин“. Српскиот претседател Александар Вучиќ по седницата на Советот за национална безбедност ја извести јавноста дека станува збор за пензионираниот потполковник на српската армија З.К. и дека снимката е направена во декември 2018 година. Наведениот З.К. е предмет на интерес на српските служби за безбедност од 2012 година, кога имал контакти и со припадниците на хрватските разузнавачки служби.

Александар Вучиќ наведе дека Србија е изложена на силни активности на странските разузнавачки служби и посебно апострофираше одредени воени претставници, кои, како што вели, во воени униформи го посетуваат Санџак и таму разговараат за политички решенија кои би ја уривале Србија. „Станува збор за претставници на австриската, германската и бугарската служба“, истакна Вучиќ.

Прашан за влијанието на таа шпионска афера врз односите на Србија и Русија, српскиот претседател рече дека не му е јасна логиката во сето тоа, дека Србија со ништо не ги загрозила руските интереси и дека се надева оти претседателот на Русија, Владимир Путин, не е известен за тоа дејствување. „Сето ова ќе нѐ натера да работиме посилно врз воената неутралност на Србија и Србија нема да се врти кон НАТО“, нагласи Вучиќ.

Забошотување на други афери?

Драмскиот заплет кој го доби шпионската афера кај српските власти, според Предраг Петровиќ, извршен директор на Белградскиот центар за безбедносна политика, претставува „обид на Александар Вучиќ со оваа афера со руски шпион да забошоти една друга афера - со Крушик и трговијата со оружје“.

Предраг Петровиќ, извршен директор на белградскиот центар за безбедносна политикаФотографија: DW/N. Rujević.

Таков впечаток, вели Петровиќ за ДВ, имам поради тоа што „едноставно не е вообичаено на ваков начин да се обелодени снимка со руски шпион, која инаку е направена пред една година, а ние ниту по обраќањето на претседателот немаме никакви детали за тој случај. Ние имаме некакви снимки каде што не знаеме кој од Србија бил со другата страна, што тие лица планирале, дали планирале некаков напад или атентат, и сето она што го слушнавме по седницата на Советот за национална безбедност е многу воопштено и неубедливо. Оттука не верувам дека една ваква афера може да влијае и врз односите на Србија и Русија“, оценува Петровиќ.

Предраг Петровиќ забележува дека „работа на сите разузнавачи е да врбуваат свои соработници и не знам зошто ова сега е толку специјален и специфичен случај. Впрочем, ние во рамки на српската влада имаме некои луѓе кои важат за 'руски луѓе' и не гледам дека околу тоа се крева некоја голема прашина во јавноста.“

Главен виновник - домашната корупција?

Српскиот претседател Вучиќ целата афера со рускиот шпион ја стави и во контекст на нападите врз српската наменска индустрија. Со оглед на тоа што фабриката Крушик е важен дел од таа индустрија, најновата афера со рускиот разузнавач за Вучиќ претставува дел од коориднираните напори на странски служби за уништување на производството на оружје во Србија.

„Документите јасно покажуваат дека Крушик стопанисуваше на сопствена штета и дека на нивна сметка се богатеа приватни фирми, пред сѐ фирмата ГИМ, која е во врска со таткото на министерот за полиција, Бранко Стефановиќ. Значи, ако мора да размислуваме за нападите врз наменската индустрија, тогаш се тоа корупцијата и криминалот во Србија, а не некој однадвор“, нагласува Петровиќ.

Претседателот на Србија посебно сврте внимание и на една земја „која претставува разузнавачка канализација поради тоа што извршува работи за интересите на некои поголеми западни земји“. Вучиќ не прецизираше на која земја мисли, но се претпоставува дека станува збор за Бугарија, зашто тамошниот портал Arms watch објави доста податоци за продажбата на српско оружје.

Предраг Петровиќ забележува дека со тие теми се занимаваа и српски новинатри, и вели дека не би го „зачудило да мислел и наши новинари од Србија и дека сите тие се една разузнавачка канализација која се обидува да ја собори власта на Српската напредна партија“, заклучува извршниот директор на Белградскиотр центар за безбедносдна политика.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми