1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Толедо– целосно вакциниран град?

30 октомври 2021

Во Бразил, Ковид-19 беснее како на ретко кое друго место во светот. Но, што би се случило ако цело население биде имунизирано? Фајзер бара одговор на тоа прашање во градот Толедо на југозападот од земјата.

Градот Толедо е предводник во Бразил кога станува збор за имунизацијата од коронавирусот
Градот Толедо е предводник во Бразил кога станува збор за имунизацијата од коронавирусотФотографија: Stadtverwaltung Toledo, Brasilien

Бразил е земјата со можеби најголеми спротивности во ставовите во однос на вакцинацијата. Од една страна е претседателот кој беше блокиран на Фејсбук заради тоа што неодамна го поврза вакцинирањето со ширењето на сида. Од друга страна е населението кое со оглед на600 илјади починати од Ковид-19 во земјата сака вакцини по секоја цена. Според актуелна анкета на Датафолг, 94% од жителите се за вакцинирање.  

Токму во земјата на Жаир Болсонаро за кого вирусот и натаму е само „слаб грип” наскоро во градот Толедо со 143 илјади жители ќе почне вакцинирање кое компанијата Фајзер го нарекува „едногодишно долгорочно испробување на едно реално сценарио” кое треба да даде одговор на прашањето што ќе се случи ако во еден град сите жители се вакцинирани со нивната вакцина.

„Веќе 99 проценти од луѓето постари од 12 години имаат примено по една доза, а 65% имаат примено втора доза и плус дополнителна таканаречена бустер доза. Луѓето од почеток се придржуваат строго до правилото за држење дистанца и носат маски и многу позитивно реагираа на студијата”, вели Бето Лунити, градоначалникот на Толедо и додава дека цел свет сега гледа во нив.

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, многумина го сметаат за главен виновник за катастрофалната епидемиолошка состојба во земјатаФотографија: O Globo/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Толедо се наметна во изборот за град за студијата

Лунити од лично искуство знае што вирусот може да предизвика бидејќи кога заболел од Ковид, заради проблеми со дишењето морал да биде приклучен на кислородна поддршка. 58-годишниот градоначалник дозволил дијагнозата да биде објавена на интернет како предупредување за населението. „Ние во Толедо и веруваме на науката, а јас како одговорен за 150 илјади жители морам со личен пример да водам напред", вели тој и посочува дека претседателот на државата не е добар пример за „така сериозен проблем како што е короната”.

Повеќе: Бразил – лабораторија за тестирање вакцини против коронавирус

Толедо се покажал полн погодок за истражувањето бидејќи не е ни преголем, ни премал, има здравствени установи и болници и факултет кои ќе се вклучат во студијата, а дополнително на тоа ниту населението не е скептично спрема вакцинирањето. Аграрната метропола во сојузната држава Парана на западот на Бразил се наметна над конкуренцијата. „Добивме најмногу бодови, 100, за придржување до планот за вакцинирање", гордо истакнува градоначалникот.

Има ли мутации и колку долго трае заштитата?

Габриела Кучарски има најдобар преглед во однос на корона-пандемијата во Толедо. Таа е педијатар, а од јануари и локален министер за здравство.

„Со напредување на вакцинацијата во последниве два месеца, намален е бројот на инфекции и пациенти кои завршуваат во болница или пак на смртните случаи,“ вели таа. „Во моментов на интензивна нега имаме шест пациенти, и по два смртни случаи неделно.“

Кучарски и нејзиниот тим сакаат уште повеќе да ги намалат овие бројки, а во тек е интензивна кампања за вакцинирање на млади над 12 години. Бројот на новозаразени со Корона помлади од 19 години за еден месец падна од 49 на 7, вели оваа лекарка. Додека на почетокот во Толедо се користеа вакцините на Синовак, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон, сега лекарите ја користат само вакцината на Бионтек/Фајзер.

„Со оваа студија од 100% вакцинирано население во реално време ќе добиеме резултати во однос на хоспитализацијата, смртните случаи и особено во однос на мутациите. Сакаме да знаеме како вирусот се однесува во целосно имунизиран град, и на пример колку време трае заштитата од вакцината,“ вели Кучарски. Држењето на дистанца и задолжително носење маски при тоа и понатаму останува на сила.

Толедо е продолжение на „Проектот С“ од Серана

Толедо е всушност само копија на експериментот со вакцините спроведен на почетокот од годинава во Серана. Тоа градче со 45.000 население, во близина на Сао Паоло, е целосно имунизирано со две клучни разлики: вакцинирани се само сите возрасни лица и тоа со кинеската вакцина КоронаВак.

Маркос Боргес најдобро ги знае резултатите од „Проектот С“ во Серана. Тој е лекар и директор на државната болница во градот. Статистиката е охрабрувачка. „Бројот на симптоматски случаи на Ковид 19 е намален за 80%, а бројот на инфицирани кои мораше да бидат хоспитализирани за 86%, додека бројот на смртни случаи е намален дури за 95%,“ вели тој.

Ковид-19 во Бразил: Плажите полни, болниците преполни

01:16

This browser does not support the video element.

Заштита и за невакцинираните

Резултатите од истражувањето покажуваат и како целосно вакцинирање на еден град се одразува на невакцинираното население, односно колку во Серана се заштитени децата и младите под 18 години.

„Бројот на новозаразени е значително намален и кај невакцинираниот дел од населението, а регистрирано е видно намалена циркулација на вирусот,“ вели Боргес.

На крајот најголем предизвик за Толедо може да биде не набљудување, надзор и следење на вирусот во следните дванаесет месеци, туку спречување пандемијата во Толедо да биде донесена однадвор. Во Серано на пример строго беа контролирани пристапните патишта, посетителите мораше да остават податоци и им беше дозволен ограничен престој во градот. Последните бројки од Бразил се опомена за Толедо – во моментов бројот на новозаразени во земјата е околу 13.400 со тенденција на раст. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми