1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што смеат политичарите да прифатат како подарок?

20 декември 2011

Германскиот претседател Кристијан Вулф е под се’ посилен притисок во јавноста поради земањето поволен кредит од пријател бизнисмен. Притоа улога играат и прашањата за моралот и за довербата во институцијата претседател.

Тешки денови за претседателот Вулф

Познатите политичари се соочени со големи очекувања на јавноста. Тие се следени во секој чекор, нивното минато детално се расветлува, а нивното лично и професионално однесување подлeжи на контрола на јавноста. Кој меѓутоа се обидува да го прикрие своето минато, во секој случај ќе биде цел на медиумите и ќе биде ставен на столбот на срамот, што честопати знае да резултира со отказ или оставка на функцијата.

Загубена доверба

На германскиот претседател Кристијан Вулф му се заканува да западне токму во таква ситуација. Експертот за уставно право Ханс Херберт фон Арним стравува дека германскиот претседател ја загубил довербата кај народот, бидејќи самиот чинел лоши нешта во минатото. Сојузниот претседател во Германија и онака нема големи компетенции и тој дејствува пред се‘ со неговите говори, истакнува Арним додавајќи:

Семејната куќа на претседателот Вулф за чија изградба го земал поволниот кредитФотографија: picture-alliance/dpa

„Затоа е неопходно тој да ужива доверба кај населенито и да изгледа дека е достоен за таа доверба.“

И Волфганг Шаупенштајнер, некогашен државен обвинител во Франкфурт на Мајна, со специјалност корупција, укажува на тоа дека покрај правното толкување постојат и морални аспекти , кои можат да им наштетат на угледот на институцијата и на личноста. Тенка е линијата меѓу правно издржаното дејствување и високите морални барања за функцијата сојузен претседател.

Премногу тактизирање

Шаупенштајнер смета дека причина за возбудата во јавноста е помалку фактот дека Кристијан Вулф земал приватен кредит од претприемач, туку повеќе тоа што тој лошо постапувал во сопствениот случај. Тој бил прашан за неговиот деловен однос со бизнисменот Егон Геркенс додека бил премиер на германската покраина Долна Саксонија. Во отчетот пред покраинскиот парламент тој дал нецелосен одговор. А половина вистина впрочем не е цела вистина. Шаупенштајнер критикува дека Вулф всушност се обидел да тактизира наместо отворено да каже кои се причините за земање на кредитот.

Со тоа за Шаупенштајнер ситуацијата е јасна. Во Долна Саксонија има закон според кој каква било предност, од оние кои се нудат за време на извршувањето на функцијата, меѓу кои спаѓа и земање кредит по извонредно поволни услови, како во случајот на Вулф, не смеат да се прифатат.

Бизнисменот Егон Геркенс е добар пријател на сојузниот претседателФотографија: picture alliance/dpa

Останува „горкиот вкус“

За поранешниот државен обвинител објаснувањето дека станува збор за кредитирање меѓу пријатели не е сосема нелогично од правен аспект. Меѓутоа, независно од правното вреднување, останува „горкиот вкус“ околу кредитната зделка на сојузниот претседател. Вулф позајмил 500 илјади евра од претприемач, кој бил присутен на повеќе негови службени патувања како премиер на Долна Саксонија.

Ако се воспостави дека тие службени патувања вродиле со деловни контакти за давателот на кредитот, тогаш се поставува ново прашање, имено - дали во заднина на таквите деловни односи давањето на кредит треба да се гледа во едно сосема ново светло?

Според Ханс Херберт фон Арним, одобрувањето на кредит од некој претприемач за службено лице станува проблематично ако тоа службено лице повеќе не одлучува независно според расположивите аргументи, туку под влијание одлучува во полза на давателот на кредитот: „Тогаш сме веќе во доменот на корупцијата“.

Автор: Матијас фон Хелфелд/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми