1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе донесе импичмент против Трамп?

Карла Блајкер
13 јануари 2021

За околу една недела на американскиот претседател му истекува мандатот. Зошто тогаш Демократската партија планира почнување постапка за отповикување на претседателот Трамп - импичмент? Експертите гледаат две причини

US Wahlen 2020 | Donald Trump Rede
Фотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

На многу Американци уште им се во свежо сеќавање сликите од неодамнешниот упад на толпата во седиштето на американскиот Конгрес во Вашингтон, додека сенаторите и конгресмените се спремаа да ја потврдат изборната победа на Џозеф Бајден. Притоа загинаа пет луѓе, еден од нив беше полицаец.

Насилничката толпа, во која имаше и вооружени, провали во зградата откако претходно беше на собир свикан од Доналд Трамп, кој им порача – неговите симпатизери во никој случај не смеат да ја прифатат победата на Бајден, зашто наводно станува збор за изборна измама. Тој ги повика насобраните да се упатат кон Капитол.

„Директно загрозување на демократијата“

Демократите, на чело со Ненси Пелоси, запалливите изјави на Трамп ги зедоа како повод за покренување втора по ред постапка за отповикување на претседателот, откако прво побараа од потпретседателот Мајк Пенс да го суспендира Трамп според уставните одредби за непресметливост.

„Ќе дејствуваме најитно и ќе го заштитиме Уставот и нашата демократија. Овој претседател е непосредна опасност за обете“, напиша Ненси Пелоси во писмото упатено до конгресмените од редовите на Демократската партија.

Во текстот со кој се бара отповикување, Демократите го обвинуваат Трамп за анимација на „насилство против владата на САД“. Освен тоа, се цитира 14. член на Уставот во кој се вели дека некој кој учествувал во „востание или бунт“ против САД, никогаш веќе не смее да извршува некоја јавна функција. Денеска, 13.01.2021, Претставничкиот дом на Конгресот ќе се позанимава со оваа иницијатива.

Претходен обид за отповикување

Во декември 2019 година конгресмените од Демократската партија гласаа дали да предложат постапка за отповикување на Доналд Трамп. Тогаш причина беше телефонски разговор на Трамп со својот украински колега, во кој американскиот претседател побара од украинската страна да ја испита можноста за кривично гонење на синот на неговиот претседателски противкандидат, Џо Бајден. Дополнително беше востановено дека Трамп намерно ја одоговлекувал и условувал воената помош за Украина.

Во таквото однесување претставниците на Демократската партија во Претставничкиот дом на Когресот гледаа злоупотреба на власта и гласаа за покренување импичмент. Но, тие немаа двотретинско мнозинство во горниот дом на Конгресот, Сенатот, па постапката беше прекината.

Ни по изборите за Сенатот одржани минатиот ноември, Демократите немаат неопходно мнозинство од 67 гласови. Но, постапката ионака нема да заврши пред инаугурацијата на Џо Бајден на 20 јануари. Зошто тогаш се покренува импичмент ако Трамп ја напушта Белата куќа пред да може да биде исфрлен од неа?

Две причини за импичментот

Тоа би имало големо симболично значење“, објаснува Шери Бермен, политиколог од њујоршкиот Барнадр колеџ. Според неа, Демократите сакаат јасно да стават на знаење дека никој не е над законот. „Претседателот придонесе кон подбуцнување на народот и поттикнуваше на насилство. Затоа, за демократијата е важно тој да биде повикан на одговорност.“

Според Шери Бермен, уште една причина лежи во 14. уставен член. „Ако Сенатот го осуди, тоа би спречило негово идно кандидирање“, потенцира Бермен. Бидејќи американските претседатели можат да управуваат со земјата во вкупно два мандати, кои не мораат да бидат еден по друг, Трамп би можел да се кандидира за претседател во 2024 година. Меѓутоа, ако Сенатот го осуди, би можел да гласа и за тоа дали да му се забрани секоја идна кандидатура. За тој чекор е потребно само просто мнозинство, а него Демократската партија го има во Сенатот.

Но, постапката за отповикување може да се пролонгира со месеци. Новиот претседател Џо Бајден ќе има други приоритети – Сенатот мора да ги потврди членовите на неговиот кабинет.

Стапувањето на Џо Бајден на фунцијата е сигурно, отповикувањето на Трмап - неФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Неивесен крај

Правните експерти имаат различни мислења за тоа дали импичментот е допустлив според Уставот, ако претседателот против кого може да биде покренат веќе не е на таа функција. Едни велат – не, други – да, ако Претставничкиот дом за тоа реши пред окончувањето на неговиотмандат, а трети дека постапката е секако можна.

Дури и ако дојде до импичмент, не е познато дали доволен број Републиканци ќе се изјаснат за осуда на Трамп. Бермен смета дека републиканските претставници за неколку месеци ќе се чувствуваат помалку обврзани да го поддржат Трамп. Сепак, таа смета дека е можен и поинаков расплет: „Може да се случи сосема спротивно. Можеби луѓето ќе мислат – да, тоа беше грозно, но сега сакаме да гледаме нанапред“. Политикологот смета дека моментно е неможно да се прогнозира како ќе се одвива целата работа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми