1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Што сѐ се промени во светот поради коронавирусот

Астрид Пранге
15 август 2020

Пакети за финансиска помош и работа од дома: корона-кризата покажа дека промените може да се спроведат побрзо од очекуваното. Политички, економски и општествено.

Symbolbild Coronavirus & Mundschutz
Фотографија: picture-alliance/Fotostand/Schmitt

Корона како морална пресвртна точка и извор на промени? Во светло на милиони заразени, стотици илјади починати, брутална рецесија и масовно губење на работни места ова може да звучи депласирано и цинично. Но, по повеќе од половина година од избивањето на пандемијата, сѐ повеќе се слуша дека Ковид 19 се смета за катализатор на реформи и промени. И како нешто што ги урна менталните бариери кои се сметаа за непроменливи.

Здравје по секоја цена

„Пандемијата покажа дека сме во состојба да не ги ставаме секогаш на прво место економските размислувања,“ вели германскиот филозоф Маркус Габриел. „Направивме морално исправен избор и се одлучивме за здравјето, без разлика на економска цена,“ вели тој во едно интервју за магазинот „Шпигел“.

Повеќе:

Втор бран коронавирус – за Европа тоа не треба да е проблем!

Ремдесивир за 30 илјади Европејци

Може ли короната да се смета за катализатор за напуштање на потрошувачкото лудило и критичкиот осврт кон глобализацијата? За интервенција на државата и државен кризен менаџмент. За соочување со етички и морални прашања ставени под тепих.  

„Дожд“ државни пари

И за иновација и реформи: бидејќи пандемијата не ја поттикна само дигитализацијата, туку и меѓународната соработка во потрагата по вакцина. Истовремено придонесе државата да издвои повеќе пари: за Европа, за култура, за образование, за медицинска нега.

Кон крајот на април германската валда донесе одлука за зголемување на минималната плата за медицинските негуватели. Но, бонусот беше ограничен на оние кои работат во старските домови што разочара многу медицински сестри кои работат во интензивните одделенија во кои се сместени Ковид 19 пациенти.

Сепак теологот Јохан Хинрих Клаусен смета: „За мене позитивна последица од оваа страшна пандемија е тоа што сега повеќе се ценат воспитувачките во градинките, негувателите и педагозите.“ Ополномоштеникот за култура во Евангелската црква во Германија смета дека „е охрабрувачки тоа што заштитата на животот во нашето општество е многу важна.“ Тој вели дека човечноста на едно општество се гледа преку начинот на кое тоа се грижат за децата и постарите во кризна ситуација.

Културна програма наместо субвенции  

Клаусен е особено воодушевен од програмата „Рестартирање на културата“ во висина од една милијарда евра. „Нема субвенции за половни автомобили, туку пари за уметност и култура,“ вели тој. Ова е знак дека Германија се гледа себеси како културна нација и во време на корона-кризата.

Во економијата, мерките за борба против ширење на пандемијата поттикнаа забрзана дигитализација. Според една анкета на реномираниот ИФО-институт со над 800 германски менаџери за човечки ресурси, спроведена на почетокот од август, поголемиот дел од компаниите сакаат на подолг рок да користат сѐ повеќе дигитални алатки во работењето како онлајн конференции и работа од дома.

Економистот Томас Штраубхар предвидува „огромна трансформација“: „Во пост-корона времето дигитализацијата ќе биде наследник на глобализацијата,“ напиша во гостински текст во весникот „Ди Велт“, професорот од Хамбург.

„Домашната канцеларија ќе ја замени официјалната канцеларија “

„Глобалните синџири на снабдување се покажаа како многу ранливи. Многу е важна националната безбедност на снабдување. Протокот на податоци ќе ги замени трговските текови. Видео-конференциите ќе ги заменат службените патувања. Домашната канцеларија ќе ја замени официјалната канцеларија,“ пишува Штраубхар.

Повеќе:

Германија: за наставниците компјутери, за учениците евтин интернет

Корона: Иднината е во работа од дома?

Германскиот министер за труд, Хубертус Хаил работи на предлог закон со кој ќе се утврди правото за работа од дома, доколку е тоа возможно. Овој социјалдемократ е меѓу оние кои за време на пандемијата енергично се залагаат за промени.

На пример, во индустријата за преработка на месо. По избувнувањето на жаришта на коронавирусот во многу фабрики за месо, од 2021. во овој сектор ќе се забранат договори за работа преку подизведувачи, исто како и ангажман на привремени работници преку агенции.

Короната ја забрза и промената во енергетската бранша и заштитата на климата. Политичарите беа приморани да ги врзат огромниот пакет од 130 милијарди на германската влада со историски високиот пакет за помош на ЕУ наменети за климатска заштита.

ЕУ за првпат презема заеднички долгови

Во однос на германскиот пакет за помош, експертите за заштита на климата меѓу другото го пофалија откажувањето од премија при купување на автомобили на бензин или дизел, како и помошта за надградба на е-мобилност. На ниво на ЕУ, 30% од средствата од заедничкиот буџет и корона-фондовите треба да треба да бидат наменети за заштита на климата.

Повеќе:

Милијарди од ЕУ само ако се почитува правната држава?

Епохален чекор на ЕУ

Тоа што ЕУ првпат во својата историја презема заеднички долгови на меѓународните пазари – незамислива иницијатива пред корона-времето – од многу страни е критички оценето. Филозофот Маркус Габриел поттикнува претпазлив оптимизам: „Ако бев претставник на движењето ‘Петоци за иднината’ тогаш на владите ќе им кажев: во време на пандемија покажавте дека сѐ може да оди побрзо. Поради тоа е политичка лага да се каже дека климатските проблеми не може да ги решиме со демократски средства,“ нагласува Габриел.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми