1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што треба да знае Петре Шилегов

4 ноември 2017

На Шилегов сега ќе му треба визија од поинаков тип, а не само програма за изборна победа, затоа што вистинското раководење со Скопје не подразбира само „живот во него“, туку планирање на подобар град.

Petre Silegov
Фотографија: DW/P. Stojanovski

На новиот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, очигледно не му недостасува енергија ниту верба дека метрополата може да ја направи пристојно место за живеење на неговите жители. Дека може од Скопје да направи еколошки пријателски град, дека може да го гасифицира, дека може да се справи со неверојатниот сообраќаен метеж... Во една изборна кампања реториката може да биде функционална за да ги привлече гласачите, ветувањата може да бидат безбројни, па дури и неверојатни, плановите да бидат грандиозни. Голем дел од кампањата по некое време се заборава, но некои делови од неа остануваат да потсетуваат колку лесно можат да се изречат зборовите.

Петре Шилегов не треба да го заборави она што го зборуваше во кампањата, но водењето на еден град кој ја претставува безмалку половината од државата (а економски веројатно две третини) не е она што се зборуваше на бините или при ракувањето со граѓаните. На Шилегов сега ќе му треба визија од поинаков тип, а не само програма за изборна победа, затоа што вистинското раководење со Скопје не подразбира само „живот во него“, туку планирање на подобар град. Додека објаснува како имал состаноци со раководителите на секторите во Градот, кои му раскажувале на која точка се работите на денот кога влезе во градоначалничката канцеларија, Шилегов треба да отиде чекор понатаму или да размислува поинаку. Затоа што функционирањето од бараките во Градскиот парк не е исто со ораторството во Собранието на Македонија.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

За граѓаните на Скопје пожелно е Шилегов да знае што кажа високиот функционер на Обединетите нации, Жуан Клос, извршниот директор на Програмата за човечките населби на ОН (позната на ОН-Хабитат), во понеделникот на 31 октомври, кога се одбележува Светскиот ден на градовите. Клос (кој беше девет години градоначалник на Барселона) во својата изјава ја нагласи потребата да се најде иновативен начин за раководење со градовите. Клос, меѓу другото, го кажа и ова:

„Граѓаните и засегнатите страни можат да придонесат за поголеми инклузивни градови, особено за нивните најранливи жители. Но, за да успее ова, локалните влади треба да се отворат кон идејата за управување заедно со граѓаните, граѓанското општество и приватниот сектор - бидејќи предизвиците со кои се соочуваме се премногу големи за да се постигнат само со еден актер... Урбаното раководење бара силните локални институции да ги искористат овие предности, да ги препознаат понудените можности и лидери кои се доволно храбри да ги прифатат промените. Овој Светски ден на градовите го слави иновативното управување, отворените градови. Не треба да се плашиме од иновациите", истакна Клос.

Иднината на градовите

Можеби за една политика, која на прв поглед изгледа премногу локално во еден локален регион како Балканот, овие пораки се премногу општи, но сепак треба да се прочитаат. Како што треба да се прочитаат и дел од излагањата на познатиот Чикашки форум за глобалните градови, кој се одржа во јуни годинава. На него секогаш учествуваат голем број сегашни и поранешни градоначалници, поранешни и сегашни премиери или министри, како и политички мислители. Од визирот од Скопје тоа може да се чини премногу глобално, но ако за патот напред расправаат и градоначалникот на Рио де Жанеиро (познат по своите фавели) или на Аман (каде се со децении има стотици илјади палестински бегалци) зошто поентите од таа расправа за – патот напред, не би важеле и за Скопје.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Што заклучија влијателните луѓе на овој собир во Чикаго. Дека иднината на градовите ќе биде осмислена од два тренда: дигитализација и урабанизација. И дека градовите ќе мора да се прилагодат на тоа или ќе стагнираат. Според дебатата во Чикаго има три главни предизвици со кои се соочуваат мегалополисите, што Скопје несомнено е во македонски услови. Првиот предизвик е хипер-урбанизацијата. Бидејќи градовите зависат од енергијата многу работи ќе мора да бидат направени за да се подобри одржливоста и ефикасноста и да се промовираат нови зелени технологии. Вториот предизвик ќе биде да се адресираат ефектите од новите дигитални технологии кои генерално се поврзани со таканаречената економија за споделување. Хардверските и софтверските апликации кои обезбедуваат транспорт, испорака, угостителство и други услуги по потреба, ќе ги револуционизираат функционирањето и организирањето на градовите. Третиот предизвик се однесува на миграцијата во мегалополисите која ќе продолжи да се зголемува во наредните децении. Без соодветни политики и инфраструктура да ги апсорбираат овие нови пристигнувања, соѕвездието може да пропадне и да се дегенерира во урбани џунгли.

Градовите се главните мотори на националниот просперитет и економскиот раст речиси секаде во светот. Скопје во тоа не е исклучок, па дури неговата доминантна позиција во Македонија ги стави во нерамноправна улога сите други македонски градови, кои се сведени на преживување. Но оваа доминатна позиција на Скопје е голем катализатор на нееднаквоста на неговите жители и ужасна еколошка деградација. Гасификацијата, која не излезе од устата на Петре Шилегов и другите кандидати за градоначалници, не е магичниот лек со кој може да се запре огромното загадување. Таа може да помогне во побрзиот економски развој или во намалувањето на трошоците на подолг рок, но за квалитетна животна средина е потребен поширок спектар мерки.

Коце Трајановски мислеше еднонасочно - дека со пошироките улици и булевари ја подобрил проточноста на сообраќајот, а со тоа што беа набавени нови автобуси им го олеснил патувањето на скопјани. Петре Шилегов во кампањата најавуваше изградба на уште вакви широки улици и подземни премини и тунели за возилата да се движеле побрзо од едниот крај на градот на другиот. За жал на скопјани и двајцата ја промашија поентата – не е важно што повеќе возила да се движат побрзо на широките улици, туку како да се намали нивниот број. Клучот за ефикасен, одржлив и еколошки прифатлив јавен транспорт, барем за Скопје, лежи во трамвајот. Оваа недела беше објавена листата на градовите во светот кои имаат најдобар и најодржлив јавен транспорт. Според овој индекс изготвен од водечката глобална консултантска куќа за природни и изградени средства, „Аркадис“, на прво место се наоѓа Хонгконг, чиј јавен транспорт опфаќа метро, такси, автобуси, минибуси и трамвај. Извонредната организација и добро поврзаната мрежа овозможува во Хонгконг дневно со јавен превоз да патуваат дури 12,6 милиони патници. Различните видови превоз ја зголемуваат мобилноста на граѓаните, создаваат можности за поголем економски раст и го збогатуваат животот на луѓето. Петре Шилегов треба да знае дека во првите десет места од оваа листа се четири европски градови (Цирих на второ, Париз на трето, Прага на петто и Виена на шесто место) и дека во сите нив постои и трамвај.

„Зелена“ транспортна мрежа

Зошто воведувањето на трамвајот е толку важно? Затоа што ќе го намали бројот на смртни случаи од издувните гасови на автомобилите и ќе го намали ужасното загадување со честичките ПМ2.5 и ПМ10. Шилегов веројатно знае дека овие честички имаат посебни импликации врз децата, со тоа што им ја редуцираат функцијата на белите дробови и развиваат астма. Скопје е под автомобилска окупација, особено откако претходната влада дозволи огромен увоз на стари европски возила. Поголемиот дел од овие возила се со дизел мотори. Дизелот се посочува како еден од главните непријатели на здравјето на луѓето, не само што предизвикува респираторни проблеми туку е и причинител на рак. 

Фотографија: DW/K.Delimitov

Дизел моторите користат помалку гориво а повеќе воздух за да ги добијат истите перформанси со моторите на бензин. Но затоа го исполнуваат воздухот со честички на азотни оксиди кои се големи непријатели на здравјето на човекот. Европските податоци велат дека тоа се однесува и на дизел возилата кои се со стандард „евро 6“. Шилегов може да му се јави на заменикот-градоначалник на Париз, нашинецот Кристоф Најдовски, за последната одлука што ја донесе градската управа на француската метропола на големо инсистирање на градоначалничката Ана Идалго. Според оваа одлука, Париз целосно ќе ги забрани автомобилите на дизел во 2024 година, кога таму треба да се одржат Олимписките игри. А во 2030 година и автомобилите на бензин. Само електрични возила ќе можат да се движат во најпосетуваниот град на светот. Оваа е радикална мерка, но е во корелација со одлуката на владата на претседателот Емануел Макрон 2040 година да се определи како цел кога ќе дојде крајот за возилата на погон од фосилни горива.

Кристоф Најдовски во изјава за радиото Франс инфо вака ја објасни одлуката на градската влада: „Ова се планирања на долг рок со стратегија како да се намали емисијата на стакленички гасови. Транспортот е еден од главните прозведувачи на стакленички гасови“.

Градоначалничката Идалго налути налути многу париски возачи со нејзините напори да го направи градот со закрчен сообраќај во многу позелено место, особено со новите стотици километри велосипедски патеки, пешачење на многу делови од бреговите на реката Сена и организирање на денови без возила.

Дизелот се прогонува од центарот

Предлогот од новиот буџет на македонската влада за зголемување на акцизата на дизелот за три денари може да биде неочекувана помош за Петре Шилегов за намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж, ако знае правилно да ја искористи оваа мерка во конципрањето на одржлив и „зелен“ транспорт. И да не се обѕрнува премногу на поплаките на граѓаните кои го донесоа европскиот „дизел отпадок“ во Скопје за евтини пари.

Фотографија: DWS. Toevski

Затоа може да се запознае со мерките што ги предвидуваат седум градови покрај Париз, кои сакаат да го намалат или забранат возењето на автомобилите во нивните центри. Ниедно решение не е модел за некој друг град (особено поради разлишниот степен на развој), но може да послужи како насока:

Осло – главниот град на Норвешка уште во 2015 година го објави планот за забрана на сите возила во центарот во 2019 година. По протестите од бизнисот, градската иправа во јуни годинава излезе со попаметно решение –забрани најголем дел од паркинг местата и го направи ужасно тежок пристапот за автомобили до центарот. Преходно владата одлучи дека 2025 година во цела држава ќе ги исклучи возилата на дизел и плин. Градската управа вложува масивно во јавниот транспорт и замени 35 километри патишта претходно наменети за возила со патеки за велоспеди.

Хамбург – германскиот пристаништен град планира да го направи пешачењето и возењето велосипед во доминантен вид транспорт во наредните две децении. Со овој проект наречен „зелена мрежа“ ќе бидат поврзани стотици простори каде не ќе може да се стигне со автомобил туку само пешки или на „точак“.

Копенхаген – половина од населението на данскиот главен град вози велосипед благодарение на пешачките зони што беа воведени уште во 1960-тите години. Денес во Копенхаген има 320 километри линии за велосипеди и има најнизок процент на автомобили во Европа. Следната цел е изградба на суперавтопати за велосипеди кои ќе го поврзат Копенхаген со предградијата.

Фотографија: Jane Dimeski

Лондон – слично како Париз и градоначалникот на британската метропола, Садик Кан, најави дека дизелите ќе бидат забранети, но во 2020 година. Денес градот ја  обесхрабрува употребата на дизел моторите во некои делови со наплата од 12,5 фунти за време на најфреквентните часови.

Брисел – сега белгискиот главен град има најголема пешачка зона во Европа. Бриселските власти планираат оваа зона од срцето на стариот дел да ја прошират и на познатите булевари со четири ленти. 

Берлин – уште во 2008 година германската метропола создаде простор од 88 квадратни километри каде што беше забранета употребата на возила на дизел и плин. Берлин сега ќе почне да гради супер брзи патишта за велоспеди широки четири метри каде што не смеат да возат автомобили.

Сан Франциско – на 2 август познатиот американски град на Пацификот го најави проектот за забрана на автомобилите на 3,5 километри од познатата улица „Маркет“ и да додаде патеки за велоспеди. Проектот за претворање на најпрометната улица во пешачка зона ќе чини 600 милиони долари.      

Сето ова би требало да го знае Петре Шилегов и да започне проекти, кои можеби ќе се спроведуваат десетина години, со кои ќе се намали загадувањето. Тоа не се планови кои се конципираат и остваруваат за неколку месеци. За тоа се потребни и знаења, и помош, и ресурси.

Претходно може да го почне проектот што е меѓу најважните во Скопје – да се вратат вегетацијата и парковите во градот. Шилегов и неговите соработници би требало да знаат дека дрвајата природно го ладат просторот околу нив и испуштаат водена пареа. Нивните листови служат како филтри кои ги редуцираат нивоата на ПМ честичките за една четвртина на 30 метри околу дрвата. Затоа – време е за садење.

       

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми