1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ја одложи средбата со Нимиц?

16 ноември 2017

Заради дискреција на преговарачкиот процес, не е објавено зошто е одложена за декември средбата на преговарачите со Нимиц. Медиуми во Грција и Македонија наведуваат различни причини

Matthew Nimetz
Фотографија: MIA

Што ја одложи средбата на македонскиот и грчкиот преговарач со медијаторот на ООН во спорот за името, Метју Нимиц? Некои македонски медиуми повикувајќи се на неофицијални извори во институциите објавија дека „одложувањето било на барање на грчката страна, но поради технички причини“. Грчки медиуми, пак,  објавуваат дека тоа се случило по барање на Македонија. 

„Прототема“ во текстот за одложена средба на преговарачите со Нимиц ја пренесува веста на македонската информативна агенција МИА дека „причините за одложување на средбата сѐ уште не се познати“.

„Но, дипломатски извори во Атина велат дека одложувањето дошло на барање од страна на Скопје, за да се подготви за преговори“, додава „Прототема“.

Пред десетина дена грчкиот весник „То вима“ во текст под наслов „Зад сцената за 'чесен компромис' со Скопје“, меѓудругото, посредно го отвори прашањето кој ќе биде соговорникот на грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.

„Исто така, во тек е именување на нов преговарач од македонска страна, додека во име на Грција останува амбасадорот Адамантиос Василакис, кој ќе има нов асистент, како што рече Коѕиас“, се вели во текстот.

Според весникот, очекувањата за напредок во разговорите не се темелат само на претстојните официјални средби, туку и на разговори „зад сцената“.

Од македонската Влада велат дека амбасадорот на Македонија во САД, Васко Наумовски (кого Владата на Груевски го назначи за преговарач за спорот со името), и натаму е наш претставник во разговорите под покровителство на посредникот Метју Нимиц. Но потенцираат дека сите прашања поврзани со тоа се во надлежност на МНР, а „до моментов“ во Владата не е отворено прашањето за промена на таквиот мандат. Од МНР не се достапни за информација по ова прашање, и дали пред претстојната средбата со Нимиц и Наумовски би добил некакво зајакнување, по урнек на грчкиот тим. Тој е четвртиот  македонски претставник во разговорите за спорот со Грција, по Зоран Јолевски, Никола Димитров и Иван Тошевски.

Прашања созреани за решение“

Она што доминира во грчките медиуми пред најавената средба со медијаторот Нимиц, се силните сигнали на тамошните власти дека се подготвени решително да влезат во процес на затворање на отворените прашања со соседите. По прашањето за решавање на спорот за името, како „пресвртница“ се смета следниот Самит на НАТО (јули 2018 година) третиран и како (не)формален рок за постигнување компромисно решение меѓу двете земји. За да се успее во тоа, повикувајќи се на дипломатски извори, грчки медиуми најавуваат набиен календар на активности од крајот на 2017 до пролетта 2018 година, односно пред Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија. Притоа, потсетуваат и на изјавата на Коѕиас дека ако се постигне решение, ќе бидат потребни уште три до четири месеци за бирократски процедури во ООН, со што процесот би требало да заврши до крајот на 2018, пред да започне изборната 2019 година во двете земји.

Во текст под наслов „Прозорец за прашања од надворешната политика“ во весникот „Катимерини“, се оценува дека „прашањето на грчко-албанските односи и, пред сè, името на ПЈРМ, се чини дека е созреано за взаемно задоволително решение“. Но, истовремено се потсетува и на грчката преговарачка позиција за сложено име за сите употреби (ерга омнес). Истиот весник во текст под наслов „Силни процеси за решавање на името на ФИРОМ“ објавува дека „главните контакти меѓу двете страни се очекува да згуснат и да се интензивираат, особено во првите месеци на 2018 година (...) се разбира, под услов намерата за компромис за време на разговорите да е искрена и од македонска страна, каде што во моментов социјалдемократскиот премиер, Зоран Заев, изгледа како особено силен поддржувач на брз процес на преговори“.

Жешки прашања

Најжешкиот костен во рацете на македонските власти во текот на тој процес, ќе биде односот кон прашањето со симболите и спомениците, кои соседна Грција ги смета за нејзино историско и културно наследство. Грција веќе изрази очекување Македонија да покаже симболичен гест на добра волја со преименување на одредени објекти. На веб-страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, во текст кој ја објаснува хронологијата на спорот за името, наведени се примери со кои Грција смета дека Македонија „го прекршила духот и словото на Привремената Спогодбата, како и обврските кои произлегуваат од неа“.

Фотографија: Reuters/C. Baltas

Меѓу нив се наведени „спорни географски мапи во учебници и историски книги (...) користење на Сонцето од Вергина и други симболи кои се дел од грчката историско и културно наследство, преименувањето на аеродромот во Скопје во 'Александар Велики', именување  на дел од Коридорот 10 со истото име, подигање на спомениците на Александар Велики и Филип II, изградбата на 'Порта Македонија' со рељефни сцени од античката грчка историја и со Сонцето од Вергина, симбол кој го има и на споменици во Катланово, Тетово, Гевгелија, Гази Баба, Скопје, како и мапи на 'Голема Македонија'“.

Во описот не се изоставени ни „иредентистички слогани“ извикувани на меѓународни спортски настани, како и „провокативни и навредливи активности за Грција на карневалот во Вевчани, финансиран од Министерството за за култура“...

Темата за можно преименување на одредени објекти или дислоцирање на споменици, веќе создава голема поларизација во јавноста. Засега нема јасен одговор каков ќе биде пристапот на Владата кон овие прашања.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми