Есен на одлука за Ангела Меркел
15 август 2016Кога по одморот Ангела Меркел ќе се врати во своето канцеларија, ќе ја дочекаат старите и добро познати проблеми: војната во Сирија, борбите на истокот на Украина, односите со Турција. На овие полиња во изминатите неколку недели ситуацијата не се подобри. Напротив.
На пример, кризата во Украина: конфликтот меѓу Русија и Украина повторно ескалираше. Најновите тензии најмногу го погодуваат полуостровот Крим, кого Русија го анектираше во 2014. година. Според обвинувањата од Москва, таму Украина со помош на „диверзанти“ планира напади. Киев ги негира овие обвинувања кои не се потврдени, но ни демантирани од независна страна. Русија се заканува со одмазда. Украина воените единици ги стави во состојба на борбена готовност, а оваа тема се најде и на дневниот ред на Советот за безбедност на ОН.
Дали сѐ уште е можно дипломатско решение?
Во оваа многу затегната ситуација украинскиот претседател Петро Порошенко бара помош од своите најважни европски партнери, Германија и Франција. Ангела Меркел заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд во февруари 2015. година посредуваше во постигнување на договорот од Минск помеѓу Русија и Украина, кој е воедно и план за окончување на кризата на истокот на Украина. Меѓутоа, спроведувањето на овој план одамна не функционира како што треба.
Рускиот претседател Владимир Путин новите разговори за тоа во моменталната ситуација ги смета за „целосно бесмислени“. Канцеларката и натаму се залага за дипломатско решение. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер по посетата на Москва, планирана за денеска, би можел да обелодени какви разговори се воопшто уште можни помеѓу Русија и Украина.
Непредвидливиот Ердоган
Односите со Турција, партнерот на ЕУ кога станува збор за бегалската криза, се во целост непредвидливи. По неуспешниот воен удар турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со сите расположливи среdства ја зголемува својата моќ во земјата. А ја користи и секоја можност која му се нуди да ја критикува Германија и германските политичари.
Под знак прашање е колку долго во овие околности ќе трае договорот за бегалците поради кој Меркел често е изложена на критики. Поради сѐ поголемиот бегалски притисок од Сирија ова надворешно-политичко прашање за канцеларката има внатрешно-политичко значење.
Бегалската криза под контрола?
Една од главните задачи на Ангела Меркел е да го спречи растот на бројот на бегалци кои доаѓаат во Германија. Мнозинството Германци веќе не се задоволни со нејзината политика по тоа прашање. Во Германија месечно и натаму доаѓаат по 16.000 бегалци. Додуша, тоа е значително помалку отколку на почетокот на годината кога пристигнуваа по 90.000 бегалци. Вкупниот број на баратели на азил во првата половина на годинава изнесуваше околу 238.000.
Меркел мора да разработи план во случај од Турција и од Сирија кон Европа повторно тргнат десетици илјади бегалци. На широка поддршка од своите европски партнери таа не може да смета. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие уште пред летната пауза рече дека е „исклучително тешко“ да се пронајде мнозинство за рамномерна распределба на бегалците помеѓу членките на ЕУ. Тој смета дека ни алтернативните механизми за распределба „сѐ уште не се сигурни“. Парадоксално е тоа што канцеларката единствено може да смета на земјите од т.н. „Балканска рута“, кои се придржуваат на политиката на затворени граници. Значи го прават она што Меркел во случајот на Германија не сакаше да го стори.
Да се реши спорот сo ЦСУ
Со бегалската криза тесно поврзана е и кризата во односите на Меркеловата Христијанско-Демократската Унија (ЦДУ) и нејзината сестринска партија од Бараварија, Христијанско-Социјалната Унија, на чело со Хорст Зехофер. ЦСУ од самиот почеток беше скептичен кон политиката на добредојде за бегалците која ја застапува Меркел. Зехофер сега ја заинтригира јавноста со изјавата дека би можел да се кандидира за канцеларската функција на изборите во 2017 година. Двете партии се свесни дека си се потребни една на друга. на есен ЦДУ и ЦСУ ќе одржат неколку конференции за заедничките теми со цел повторно приближување.
Да не се дозволи зајакнување на АфД
Популарноста на Меркел во изминатата година значително опадна. А опадна и поддршката на гласачите за ЦДУ. Профитираа десните популисти собрани во Алтернатива за Германија (АфД). Меркел мора нешто да превземе. На неодамна одржаната конференција за новинари таа најави пакет-мерки за внатрешна безбедност кој потоа подетално го претстави германскиот министер за внатрешни работи. Сега е потребно да се подготват одредени закони и да се договорат со коалицискиот партнер СПД.
Со темата „внатрешна безбедност“ сака да се врати загубената доверба кај гласачите. Сѐ на сѐ, Ангела Меркел полека мора да се изјасни за тоа дали воопшто повторно ќе се кандидира за канцеларка.