1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе биде со Доналд Трамп?

Кристи Пледсон
12 ноември 2020

И покрај тоа што американскиот претседател не го признава поразот тоа не значи дека бесконечно може да остане во Белата куќа. Што го очекува Трамп по крајот на неговиот мандат?

USA I Präsidentschaftswahl 2020 I Joe Biden - Donald Trump
Фотографија: Chris Kleponis/Captital Pictures/picture alliance

Помина една недела откако Американците излегоа на гласање и го избраа Џо Бајден, поранешниот демократски потпретседател за 46-ти претседател на САД. Два месеци пред официјалната инаугурација, Бајден веќе ја презема новата улога: состаноци со здравствените експерти за подоготовка на анти-корона план, телефонски разговори со политичари во Лондон, Берлин и Париз.

Во меѓувреме сѐ повеќе луѓе се прашуваат што ќе се случи наскоро со актуелниот претседател, кој сѐ уште не помислува јавно да признае дека ги загубил изборите. Освен ако не верувате во изненадувачки пресврт – а со овој претседател ништо не е исклучено – времето на Доналд Трамп во Белата куќа му истекува на 20 јануари 2021 година. И што потоа?

Куп долгови

Веќе се зборува дека упорноста со која Трамп и понатаму се држи до идејата да остане уште еден мандат – со сѐ обидите прво да го спречи изборниот процес, а потоа и пребројувањето на гласовите – се објаснува со потребата да го задржи правниот и финансиски имунитет поврзан со претседателската функција. „Позицијата е она што го спасува од затвор и сиромаштија,“ изјави историчарот Тимоти Снајдер за магазинот „Њујоркер“ пред изборите.

Во септември истражување на весникот „Њујорк тајмс“ откри дека Трамп има долгови во висина од 400 милиони долари (околу 340 милиони евра) – од кои голем дел кон Дојче банк – кои доспеваат во следните четири години.  Само неколку дена пред американските избори, менаџери на Дојче Банк за агенцијата Ројтерс изјавија дека пораз на Трамп ќе ѝ олесни на банката да си ги наплати кредитите кои му се дадени лично на Трамп, или пак да изврши присилна наплата на долговите.

Повеќе на темата:

Избори во САД: (не)признаен пораз

Џо Бајден: Нов претседател, но не и победник над омразата

Избори во САД: Може ли судовите да го направат Трамп победник?

Доналд Трамп: Застрашувачко непочитување на демократијата

Дојче банк веќе е во фокусот поради сомнителни практики. Цитираните менаџери чиј долгогодишен клиент е Трамп, исто така кажаа дека пораз отвора можност за затворање на сметките на Трамп и прекин на деловните односи кои беа причина за лоши написи во медиумите и несакано политичко внимание кон оваа финансиска институција. Дојче банк не сакаше да ја коментира природата на односите со Трамп, сега кога Бајден е избран за претседател.

Според даночната ревизија, Трамп исто така е соочен со поврат на данок. Се работи за 72 милиони долари кои ги добил во 2010 поради наводни загуби од 1,4 милијарди долари во 2008 и 2009.

Бизнисите на семејството

Претседателот и понатаму поседува над 500 компании, меѓу кои и хотели, ресорти и голф клубови. Познато е дека откако стапи на функција менаџирањето на конгломератот познат како Организацијата на Трамп е во рацете на неговите синови. Но, тој и понатаму има пристап до сметките. Демократите во Конгресот во ова секогаш гледаа конфликт на интерес и го обвинуваа Трамп дека дозволил потенцијални зделки да влијаат врз неговата надворешна политика и дека ја користи претседателската функција за лична финансиска корист. Всушност откриено е дека лоби-групи кои сакале да го привлечат вниманието на Трамп, спиеле во неговите хотели, а една кинеска државна компанија добила договор од неколку милиони долари за изградба на Трамп - голф терен во Обединетите Арапски Емирати додека беше во полн ек трговската војна меѓу САД и Кина.

Како екс-претседател Трамп може повторно да преземе активна улога во концернот кој го носи неговото име. Но, според бизнис магазинот „Форбс“, конгломератот кој пред сѐ се занимава со недвижности и хотели може доста да е погоден од корона-кризата. „Форбс“ проценува пад на вредноста на групацијата за околу една милијарда долари на 2,1 милијарди помеѓу 1 и 18 март 2020.

Дополнително, иако претседателствувањето на Трамп на некој начин беше маркетинг можност за неговите компании, во друга смисла му наштети на брендот на Трамп. Порталот за недвижности Сити риалити пресмета дека цената на зградата во сопственост на Трамп во Њујорк каде што тој се смета за крајно непопуларен, во изминатите четири години е падната за 25%. Во некои станбени згради името на Трамп е тргнато од фасадата.

„Бизнисите на семејниот концерн со недвижности и хотели може да опаднат,“ изјави новинарот и биограф на Трамп, Мајкл Д'Антонио за ДВ. „Тоа е многу тежок бизнис, и а брендот страдаше во луксузниот домен.“

Редица тужби

Во пресудата од американското Министерство за правда од 1973 година – кога скандалот Вотергејт го турна претседателот Ричард Никсон – стои дека судовите не можат да гонат актуелни претседатели. Но, кога ќе ја напушти Белата куќа, Трамп го губи овој имунитет кој му е загарантиран со претседателската функција, по што брзо ќе се соочи со лавина од обвиненија кои се насобрале во изминатите четири години.

Во сојузната држава Њујорк има и цивилни и кривични тужби поврзани со истраги на неговите бизнис активности. Претседателот исто така ќе се соочи и со тужби од жени за наводно сексуално злоставување.  Може повторно да му се врати скандалот со ислата на пари за замолчување од 2019 година, за кој зад решетки е веќе неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен. Според пресудата Коен го прекршил регулативите за водење изборна кампања исплаќајќи им пари на две жени за да премолчат дека имале афери со Трамп, во времето кога беше претседателски кандидат на Републиканците. Коен тврдеше дека тоа го направил по наредба на Трамп.

Не е незамисливо Трамп да го искористи уставното право за помилување додека е на функција. Сепак ниту еден претседател пред него досега не го искористил правото да си се помилува, и нејасно е дали ваков чекор би бил правно издржан.

Патем и претседателот Бајден може да го помилува Трамп, како што направи Џералд Форд во 1974 со Никсон по неговата оставка.

Како и да е, законски само претседателот има право да дава помилувања на случаи според федералниот закон. Но, на ниво на некои сојузни држави Трамп нема да има заштита од правно гонење кога нема да биде повеќе на функција. Времето ќе покаже што ќе значи тоа конкретно.  

„Цел живот некако правно се извлекува,“ вели биографот на Трамп, Д'Антонио за ДВ. „Тој секогаш успевал да се извлече од судски процеси или да плати што е можно помалку кога бил во костец со судството“.

Трамп ТВ

Има луѓе како поранешниот шеф на штабот во Белата куќа, Мил Мулвани, кои тврдат дека Трамп ќе остане во политиката и по четири години ќе излезе на реванш со Бајден. Но, многу други мислат дека тој има различни планови. 

„Ако го гледавте во изборната кампања и сфативте колку енергија влече од јавните настапи, тогаш е прилично јасно што ќе следи”, вели Д’Антонио кој поминал одредено време во Белата куќа и го интервјуирал Трамп за своите книги.

„Сметам дека постојано ќе го гледаме на телевизија."

Биографот Д’Антонио и други шпекулираат дека Трамп ќе игра на картата на афинитетот за медиуми и ќе се поврзе со конзервативна телевизија или ќе основа сопствена. Тоа уште во 2016 го најави во случај да ги изгуби изборите. Според магазинот Бизнис инсајдер, еден од неговите најблиски соработници и зет Џеред Кушнер му предложил таква варијанта. 

Телевизија под водатво на Трамп би можела да биде позиционирана уште подесно од актуелниот негов миленик „Фокс њус". Меѓу поранешниот гласноговорник на претседателот и Трамп во изминатите месеци дојде до тензии. Трамп меѓу другото бил бесен што „Фокс њус" сега не презема доволно за да го стави под прашање изборот на Бајден. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми