1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Што ќе донесе дипломатскиот бојкот на Олимписките игри?

Штефан Нестлер
8 декември 2021

САД најавија дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Кина. Како причина се наведува продолжувањето на „геноцидот“ и другите кршења на човековите права. Што може да се постигне со тоа?

China, Peking | Olympische Winterspiele 2022
Фотографија: Kyodo/dpa/picture alliance

Англичанецот Чарлс Канингем Бојкот, роден во 1832 година, бил толку злобен што никој повеќе не сакал да се занимава со него. Ирците кои од него зеле земјиште под наем, повеќе не плаќале кирија, сите соработници му дале откази, никој не сакал ништо да купи од него или да му продаде, дури ниту поштата која што била испратена до Бојкот, не му била доставувана. Оттогаш, колективното избегнување некого или нешто, по моделот на ирските селани, се нарекува „бојкот“.

Соединетите Американски Држави сега најавија дека дипломатски ќе ги бојкотираат Зимските олимписки игри, кои треба да се одржат во Пекинг од 4 до 20 февруари 2022 година. Портпаролката на Белата куќа, Џенифер Псаки, објасни дека владата на претседателот Џозеф Бајден нема да испрати ниту дипломатски или официјални претставници во Кина. Причината, како што беше речено, е продолжувањето на „геноцидот“ во автономната провинција Синџин и други прекршувања на човековите права. Американската влада ќе ги бодри своите спортисти од дома, велат во Белата куќа. На прашањето зошто американската влада не одлучи целосно да ги бојкотира Игрите, Псаки одговори дека не сакаат да ги казнат спортистите кои интензивно се подготвуваат за тоа натпреварување. 

Дали другите земји ќе го следат американскиот пример? 

„Наредните месеци невладините организации уште поинтензивно ќе се јавуваат за збор и ќе го зајакнат притисокот врз националните влади“, вели за ДВ Јирген Митаг, експерт за спортска политика во Германската спортска школа во Келн. Тој смета дека процесот ќе достигне врв во средината на јануари. Тогаш ќе може да се види дали ќе има заедничка акција, односно дали поголем број претседатели и влади ќе се откажат од одењето на Олимписките игри во Кина. Во тој случај, Игрите секако би биле оштетени, а кинеската влада нема да го постигне она што го очекува: испраќање позитивна слика и со тоа, пред сè, зајакнување на поддршката во земјата. 

Детали од протестот во АвстралијаФотографија: Saaed Khan/AFP/Getty Images

Бојкотот и заканите за бојкот од политички причини имаат долга традиција на Олимписките игри. На пример, Шпанија, Холандија и Швајцарија не учествуваа на Летните олимписки игри 1956 година во Мелбурн, протестирајќи против инвазијата на Унгарија од единиците на Варшавскиот пакт. Во текот на 1960-тите и 1970-тите, земјите јужно од Сахара повеќепати со закана за бојкот спречија на Игрите да учествуваат режимите на апартхејдот во Јужна Африка и Родезија (сега Јужноафриканска Република и Зимбабве). 

Откако советската армија го окупираше Авганистан кон крајот на 1979 година, 42 земји ги бојкотираа Олимписките игри во 1980 година во Москва. СССР и 19 други земји возвратија четири години подоцна со тоа што не учествуваа на Олимписките игри во Лос Анџелес, САД. Во 1988 година, Северна Кореја не ги испрати своите натпреварувачи во главниот град на Јужна Кореја, Сеул, а ѝ се придружија уште пет земји. Летните олимписки игри во 2008 во Пекинг беа проследени со закани за бојкот, поради кршење на човековите права во Тибет, но тие закани останаа без последици. 

Повеќе од „лесен бојкот“ 

Дипломатскиот бојкот, понекогаш наречен бојкот на политичарите, изгледа како „лесна“ верзија во споредба со вистинскиот бојкот. Но, само на прв поглед, објаснува Јирген Митаг. „На крајот на краиштата, во зависност од интензитетот на бојкотот, на овој голем настан може да му биде нанесена штета“ - како во случајот на Европското фудбалско првенство во Полска и Украина во 2012 година, кога многу европски шефови на влади и Европската комисија ги одбија поканите за да дојдат во Украина, протестирајќи против затворањето на тогашната опозициска политичарка Јулија Тимошенко.

Јирген МитагФотографија: picture-alliance/dpa/DSHS Köln

Наспроти тоа, одбивањето на германскиот претседател Јоаким Гаук да оди на Олимписките игри во Сочи во 2014 година предизвика големо внимание во Германија, но не и во странство. Гаук ја оправда својата одлука со кршење на човековите права во Русија. Дипломатскиот бојкот е посилен колку повеќе земји учествуваат во него, вели Митаг, особено ако бојкотот е насочен против земји како Русија или Кина. „Кина е тешка категорија во светската политика, глобална сила. Сите добро ќе размислат дали да се приклучат на дипломатскиот бојкот, бидејќи може да се очекува дека Кина ќе возврати на другата страна“. 

Амнести интернешенел: ниту „за“ ниту „против“ бојкот 

Според организацијата за човекови права „Амнести интернешенел“, по Летните олимписки игри во 2008 година, состојбата со човековите права во Кина не е подобрена - напротив, како што покажува најновиот пример на тенисерката Пенг Шуаи. Организацијата за човекови права ги повикува владите „да ги искористат Зимските олимписки игри во 2022 година за да укажат на драматичната состојба со човековите права и силно да бараат подобрување на што се обврзаа кинеските власти“, изјави за ДВ Дирк Плајтер, експерт за Кина во Амнести Германија. „Сите странски влади се повикани да одлучат за соодветната форма на дејствување. Амнести не се изјаснува ниту „за“, ниту „против“ бојкотот“. 

Лакмус тест за ЕУ 

Уште во јули, Европскиот парламент ги повика владите на членките на ЕУ „да ги одбијат поканите до владините претставници и дипломати да учествуваат на Зимските олимписки игри 2022 година во Пекинг - додека кинеската влада не покаже докази дека состојбата со човековите права во Хонг Конг се подобрува на Тибет, во внатрешноста на Монголија и други делови на Кина“. Јирген Митаг смета дека Олимписките игри во Пекинг, како и Светското првенство во Катар се еден вид „лакмусов тест“ за Европската Унија. „Таа се колне во спортската дипломатија, ја обликуваше во инструмент, но сè уште не дејствувала со нејзина помош или пак дејствувала, но во многу ограничена мера“. 

Олимпискиот стадион во Берлин во боите на виножитото.Фотографија: Michael Sohn/AP Photo/picture alliance

Дебатата за осветлувањето во боите на виножитото за време на Европското фудбалско првенство минатото лето покажа колку во меѓувреме се важни човековите права и на агендата на спортските натпревари. „Односот меѓу спортот и политиката повторно се балансира, за него повторно се преговара“, вели Митаг. „Но, се уште не е јасно во која насока ќе се движи и каде ќе заврши“.

Дипломатскиот бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг би можел да ги даде првите информации за тоа. За Чарлс Бојкот во 19 век, работите завршија со пораз: притиснат од бојкотот на селаните, тој мораше да ја напушти Ирска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми