1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

241011 EU Analyse

25 октомври 2011

Европската унија нема да најде решение за должничката криза во еврозоната и банкротот на Грција ќе биде неизбежен, смета агенцијата за одредување на кредитни рејтинзи „Фич“.

Двоец со или без кормилар? Канцеларката Меркел и претседателот Саркози по првиот дел од самитотФотографија: picture alliance/ZUMA Press

Оценката на „Фич" доаѓа во пресрет на утрешниот самит на ЕУ во Брисел, на кој се очекува да бидат утврдени мерки за решение на должничката криза. Според агенцијата, пак, се' поверојатно е дека еврозоната ќе западне во нова рецесија, по што ќе биде неизбежно прогласување банкрот на Грција. „Нема да има брзо решение, независно од тоа што ќе биде одлучено на утрешната средба на врвот", смета експертот на „Фич", Тони Стрингер.

„Сепак се движи..."

Во секој случај, на самитот на викендот е постигнато приближување на ставовите на Европејците по прашањето за отпишување на дел од долговите на Грција, рекапитализација на банките и за јакнење на реформираниот европски Фонд за спас на еврото.

Бирото на рејтинг агенцијата „Фшч“ во ЛондонФотографија: picture-alliance/dpa

Станува збор не само за спас на заедничката валута, туку во крајна линија за судбината на целиот европски проект. Затоа сеопфатната програма за спас, што треба утре да биде донесена на самитот на ЕУ во Брисел, мора да биде очекуваниот момент што ќе донесе пресврт во кризата.

Михаел Хитхер, шеф на Институтот на германското стопанство, смета дека шансите за успех се добри: „Ако Европа ја искористи таа шанса кон средината на неделава што се однесува до темите кои се најдоа на преговарачка маса минатиот викенд, а во врска со кои сигнализираше дека постои можност да се најдат компромисни решенија, тогаш сметам дека на берзите по самитот ќе завладее повеќе мир и спокој."

Чекор во исправна насока

Сличен е ставот и на Михаел Хајзе, главниот економист на Алијанц-групата, еден од водечките финансиски концерни во светот. „Сметам дека во секој случај ќе биде направен чекор во вистинската насока.   Уште се преговара за разни елементи на решението, кои заедно погледнати би требало да ја олабават тензијата на финансиските пазари. Мислам дека шансите се добри".

Главниот економ на „Алијанц групата“ Михаел Хајзе

Уште е отворено колкав дел од грчките долгови треба да биде отпишан. Но, со оглед на новите алармантни бројки што пристигаат од Атина, се чини дека приватните доверители ќе мораат да се откажат од најмалку половината од нивните побарувања. Тоа може да разниша дел од банките, кои во поголем обем располагаат со грчки државни обврзници, па треба да бидат снабдени со свеж капитал - по потреба и од буџетски средства. Конечно, со посебен механизам, наречен лост, треба повеќекратно да се мултиплицира фондот за спас ЕФСФ од 440 милијарди евра, и тој да служи за делумно осигурување од ризик на приватните купувачи на државни обврзници на презадолжените земји.

Ризичен, но ефикасен концепт

Михаел Хајзе и' дава поддршка на ваквата идеја: „Овој концепт пожнеа големи критики, бидејќи во себе може да крие дополнителни ризици.   Но, ако се погледне подобро, тогаш ќе се види дека тоа е многу добар концепт за поефикасно користење на релативно ограничените средства на даночните обврзници во Европа."

Ќе најдат ли заеднички јазик или секој ќе влече на своја страна? Групна фотографија од ЕУ самитот во БриселФотографија: dapd

Со тоа престанува дебатата околу францускиот предлог во дејствувањето на Фондот за спас да се вклучи и Европската централна банка. Михаел Хитхер смета дека таа одлука е исправна:

„Ова е многу важно. Не смее да се случува натамошно испреплетување на монетарната политика со финансиската. Доколку ЕФСФ добиеше лиценца да дејствува како банка, тоа ќе отвореше можности за рефинансирање кај ЕЦБ. Со тоа монетарната политика ќе беше инволвирана во решавањето на финансиско-политичките прашања."

Поттик за берзите

Михаел Хајзе смета дека усогласеното дејствување на трите основни елементи од програмата на ЕУ ќе донесе позитивни ефекти: „Сето заедно ќе биде доволно за да им даде позитивен поттик на берзите в четврток, по самитот на ЕУ. Но, на среден рок мора ефикасно да се намали презадолженоста на некои држави, што е срж на проблемот. Ако може тоа тоа да им се сигнализира на берзите, и ако се донесе решение Европа уште повеќе да се обединува во финансиската политика, тогаш сметам дека треба да добиеме јасни сигнали на попуштање на тензијата и тоа и на подолг рок."

Кој ќе го спаси еврото од тонење?Фотографија: picture alliance/dpa

Хајзе нагласува дека намалувањето на државниот долг се однесува пред се' на Италија и Шпанија, кои мораат да ги остварат дадените ветувања. Во спротивно Европа ќе остане под притисок на финансиските пазари. Тоа е структурен проблем на Европа, оценува Михаел Хитхер:

„На кус рок сликата е дека берзите вршат притисок врз политиката. Но, прашање е зошто? Затоа што политиката во многу области со децении не се придржуваше до правилата во финансиската политика, што самата си ги пропиша. Тоа значи дека таа сега од пазарите само ја добива сметката за она што го правела и сега треба едноставно да се погрижи повторно да си ја повради веродостојноста."

Автор: Хенрик Беме / Горан Чутаноски

Редактор:

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми