1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе донесе кризната дипломатија?

ЕМФ /ард/дв5 март 2014

ОБСЕ денеска (5.03) треба да испрати свои набљудувачи во Украина. Дел од мисијата во која учествуваат 15 земји се и двајца германски војници. На Крим веќе е специјалниот пратеник на ОН Роберт Сери.

Фотографија: AFP/Getty Images

Дали невооружените набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа ќе добијат пристап до Крим, е нејасно. Мисијата следува по барање на Украина, а нејзина задача е да разјасни што се случува со контроверзната воена мисија на руските сили на полуостровот.

Инаку, на Крим веќе се наоѓа специјалниот пратеник на ОН Роберт Сери. Холанѓанецот е всушност специјален ополномоштеник за мировниот процес на Блискиот Исток, но важи како политички „пожарникар“ на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. Тој на Крим доаѓа од Киев, каде се наоѓаше во текот на изминатата недела.

Има ли шанси невооружената мисија на ОБСЕ?Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Дипломатските напори за мирно решавање на конфликтот продолжуваат и денеска. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери, неговиот руски колега Сергеј Лавров, шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер и претставници на ЕУ-членките имаат средба во Париз. На маргините на средбата на групата за поддршка за Либан ќе стане збор пред сѐ за состојбата во Украина. Освен тоа, со развојот на ситуацијата ќе се занимава и Советот НАТО-Русија во Брисел. Штајнмајер изрази умерен оптимизам дека конфликтот може да се смири. „Има мала шанса да се почне меѓународен политички процес со кој може да се запре спиралата на ескалација меѓу Русија и Украина на Крим“, изјави тој за „Рајнише пост“.

Во меѓувреме, САД и натаму упатуваат остри забелешки во насока на Москва. Претседателот Барак Обама оцени дека Русија со своите постапки на Крим се изолирала од своите соседи. Според наводи на претставник на американската влада, Обама нема да учествува на средбата на Г8 во јуни, во Сочи. Учество е можно само доколку Русија закочи во кризата околу Украина. Американскиот претседател водеше уште еден телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел. Притоа е заеднички изразена осуда на најновиот развој на настаните, соопшти портпаролот на германската влада Штефен Зајберт.

Според украински наводи, на Крим се распоредени илјадници руски војнициФотографија: picture-alliance/dpa

САД ја обвинуваат Русија дека во текот на изминатите денови го окупирала Крим со илјадници војници, кои намерно не носат ознаки на униформите. Рускиот претседател Владимир Путин тоа го негира и тврди дека станува збор за „сили за самоодбрана“ кои се грижат за безбедност на Крим. Според Путин, Русија не сака да го припои Крим и не сака да води војна против соседна Украина. На прес-конференција во Москва тој се закани со воена интервенција во источниот дел на Украина во случај да има напади врз руски граѓани. Во моментов, меѓутоа, такво нешто не е неопходно, нагласи Путин. По само неколку часа од неговата изјава руската армија испали интерконтинентална ракета на северот на Русија, веројатно во знак на демонстрација на воената сила на земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми