1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе донесе откажувањето на Москва од КСЕ-договорот?

Роман Гончаренко / Е.М. Фиданоска12 март 2015

Русија го прогласи за мртов Договорот за конвенционалните вооружени сили во Европа (КСЕ). Киев, со оглед на воениот конфликт во источна Украина, реагира со загриженост. Експертите го предупредуваа Западот да не избрзува.

Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov

Украина е „особено загрижена“, изјави вчера портпарол на Министерството за надворешни работи во Киев. Одлуката на Русија да се повлече од Договорот за конвенционалните вооруени сили во Европа претставува „реална опасност“. Тој предупреди на опасноста од „нова руска агресија“ во Европа. Претходно, Москва соопшти дека Русија веќе нема да учествува на седниците на групата за советување во рамките на КСЕ-договорот. Со тоа беше заокружена одлуката за повлекување од договорот.

Министерството за надворешни работи во Москва тоа го образложи со новите односи во Европа по распадот на Советскиот сојуз и последиците од проширувањето на НАТО кон исток. Формално откажување на КСЕ-договорот нема да има. Русија, како што се вели, „не сака да ги урне сите мостови“ и е отворена за разговори околу нов договор. Рускиот дипломат демантираше дека одлуката е поврзана со актуелниот конфликт во Украина. „Тоа беше порано најавено“, рече тој.

Наследство на конфликтот Исток-Запад

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров уште во ноември минатата година го прогласи КСЕ-договорот за „мртов“. Тогаш тој рече дека нема враќање кон КСЕ. Слична оценка даде и заменикот министер за одбрана Анатоли Антонов. Тоа, меѓутоа, на Запад мина речиси незабележано.

Договорот за конвенционалните вооружени сили во Европа беше склучен во 1990 година меѓу тогашните држави членки на НАТО и земјите од Варшавскиот пакт. Договорот КСЕ се роди во време кога деценискиот конфликт Исток-Запад беше прогласен за завршен. Сепак, КСЕ-договорот стапи во сила дури во 1992 година. Во тоа време Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт веќе беа распаднати.

Лавров: КСЕ-договорот е „мртов“Фотографија: Reuters

Неуспешен обид за прилагодување

КСЕ-договорот некогаш важеше за „основен столб на европската безбедност“. Министерството за надворешни работи во Берлин на својата интернет страница околу целта на договорот наведува дека со него во Европа треба „да се постигне сигурна и стабилна рамнотежа на конвенционалните вооружени сили на ниско ниво“. Освен тоа, договорот треба да придонесе за тоа во Европа да нема „изненадувачки напади и големи офанзивни дејства“.

Потписниците имаат постигнато согласност за органичување на бројот на тешки оружени системи, како тенкови, топови или авиони. Илјадници парчиња вакво оружје се уништени. Во 1999 година беше постигнат договор за прилагодување на КСЕ на новите односи, но овој договор никогаш не стапи во сила. Западните држави, имено, како предуслов од Русија бараа повлекување на нејзините воени сили од поранешните советски републики Грузија и Молдавија. Тоа до денес не се случи. Русија, од своја страна, го критикуваше проширувањето на НАТО кон исток.

Експертите зборуваат за „симболика“

Западните експерти сегашната одлука на Русија ја оценуваат како „симболична“. „Тоа сигурно не е позитивен чекор“, вели Волфганг Целнер од Институтот за истражување на мирот и за безбедносна политика на универзитетот во Хамбург. Тој за ДВ оценува дека потегот на Русија покажува „колку е тешко да се дојде до нова согласност меѓу Русија и Западот околу конвенционалното разоружување“.

Целнер: Потегот на Москва е „симболика“Фотографија: privat

И Стивен Пајфер, експерт за оружје во американскиот тинк-тенк Брукингс Институт, е на мислење дека се работи за „формалност“. „Не сум изненаден, зашто групата за советување ќе беше механизам за заживување на договорот. Но мислам дека во последните години стана многу јасно оти Русија за тоа не се заинтересирани.“ Западот не би требало да реагира избрзано и претерано, оценува Пајфер, додавајќи дека се‘ уште не е јасно дали ќе дојде до нова трка во вооружување во Европа.

Иан Ентони од Институтот за истражување на мирот СИПРИ во Стокхолм во истапувањето на Русија од КСЕ-договорот гледа „натамошен удар за контролата на вооружувањето и мерките за доверба во Европа“. Затворен е уште еден „пат за дијалог“, изјави Ентони за Дојче веле. „Чекор по чекор се враќаме кон ситуација во која ниедна од страните нема претстава штп ќе се случува во воената сфера“, анализира експертот на СИПРИ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми