1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе се прави без бегалците во Идомени?

Јанис Пападимитриу / Е.М. Фиданоска25 мај 2016

Расчистувањето на кампот во Идомени продолжува. Акцијата, која се одвива речиси надвор од очите на јавноста, тече без проблем, тврди полицијата. Жителите во регионот се загрижени за економијата, која живна со бегалците.

Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Baltagiannis

Томас Пурнарас, добро ситуиран пензионер во северногрчкиот град Поликастро, е загрижен поради бегалците во Идомени. Не само затоа што во текот на изминатите месеци доаѓаа во огромен број, туку пред сѐ затоа што сега треба да си заминат. Од вторникот изутрината илјадници бегалци и мигранти од регионот се транспортираат надвор од Идомени и се префрлаат во државните прифатни центри во поширокиот регион на Солун. Преполниот камп во Идомени, кој тоне во вода и кал по секој дожд, конечно треба да биде расчистен.

Томас ПурнарасФотографија: DW/J. Papadimitriou

Таа вест не е само добра, оценува Пурнарас: „Разбирам дека на овие луѓе им се неопходни подобри услови за живот“, вели тој во разговор за ДВ. На бегалските семејства со деца им е веројатно многу тешко на летната горештина, која е погодна за ширење инфекции, вели Пурнарас. Меѓутоа: „Стравувам дека економијата во регионот практично ќе се урниса ако бегалците, а со нив и невладините организации, се повлечат од регионот.“

Поликастро е типичен гарнизонски град на северот од Грција: не е убав, но е некако симпатичен, жив, пријатно прегледен. Доминираат бетонски фасади. Во околината, во добрите економски времиња беа стационирани над 3000 војници. По големиот број рунди на штедење, денес се останати само 800. Единствените гости во Поликастро до 2015 година беа камионџиите, кои беа на минување низ градот. Сѐ додека градот во бегалската криза не го „открија“ невладините организации од цел свет. „Оттогаш, нема апартман или подрум во градот кој не е изнајмен. За локалното стопанство невладините организации се исто толкава поддршка како порано армијата“, вели пензионерот кој во гарнизонскиот град живее 46 години.

Единствените гости во Поликастро до 2015 година беа камионџиите. Сѐ додека градот во бегалската криза не го „открија“ невладините организацииФотографија: DW/J. Papadimitriou

Давање и земање

Пурнарас нагласува дека локалното население, и покрај сопствените проблеми, секогаш несебично им помагало на бегалците. Доброволци од регионот често им делеле прехранбени намирници на новодојденците или готвеле за нив, нагласува тој. Поштарот Панајотис Дапудис, пак, на прашањето дали бегалците во Поликастро наидуваат на подготвеност за помош, одговара: жителите „помагаат и им се помага и ним“. Имено, пред сѐ невладините организации придонесуваат за намалување на невработеноста во регионот, констатира задоволно Дапудис. Тој не верува дека сите бегалци од Идомени ќе си заминат во текот на наредните недели.

„Недостигот на сместувачки капацитети е сериозен проблем и можеби може да се ублажи, но не и сосема да исчезне“, опоменува 50-годишникот. Затоа, според него, локалните политичари и невладините организации би требало правовремено да изработат концепт за училишно образование и интеграција на децата бегалци. Најдоцна во септември, значи по летниот распуст, тие ќе мора да се соочат со овој предизвик, оценува Дапудис.

Панајотис ДапудисФотографија: DW/J. Papadimitriou

Во меѓувреме, Атина се држи до евакуацијата на кампот во Идомени. Околу 2000 бегалци мирно го напуштија кампот на првиот ден од неговото расчистување, се вели од кругови на грчката влада. Претставници на медиумите не се посакувани при акцијата на расчистување и смеат да известуваат од една раскрсница, која е под надзор, а се наоѓа на околу 5 километри оддалеченост од Идомени. Во моментов, пристап до кампот имаат само репортерите на државната агенција АНА и државната телевизија ЕРТ, која и покрај тоа одвај по нешто известува за акцијата. Сите останати медиумски претставници се враќани назад од страна на полицијата. Она што паѓа в очи на патот назад кон Поликастро е дека за разлика од до пред само месец и половина, веќе нема бегалци кои одат кон Идомени. Полициски патроли има на секој километар, автобусите се пропуштаат, сомнителните возила се запираат.

Почна раселувањето на бегалците од Идомени

00:31

This browser does not support the video element.

Таксисти како шверцери?

Меѓу сомнителните се и такси-возилата, доколку превезуваат лица во насока на границата. Ризичен, но вносен бизнис? „Никогаш не би го правел тоа“, објаснува таксистот Лазарос. Тој додава дека полицијата е сериозна и би го третирала таксистот кој превезува бегалци како шверцер на луѓе. Затоа тој речиси и не вози во насока на Идомени. Иако, еднаш, пред две недели, возел за Гевгелија заедно со двајца Грци. Но, тие сигурно не биле бегалци? „Не, тие сакаа да играат покер“, одговара Лазарос. И тоа е дел од секојдневието на грчко-македонската граница.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми