Штрајк во Франција
10 март 2005
Денешниот ден не е генерален штрајк, но според мобилизацијата тој многу наликува на генерален штрајк. На аеродромот Орли се одвива само 25% од сообраќајот, за разлика од Шарл де Гол-Роаси, каде се гарантирани 75% од летовите, но со задоцнување од 2-3 часа. Во железничкиот сообраќај и париското метро се движат меѓу 25 и 50% од возовите, резултат на тоа - патните сообраќајници кои водат кон француските градови се загушени.
Првите манифестации започнаа пред околу еден месец, во знак на протест на реформата на законот за 35 часовна недела, односно зглемување на работното време, во моментот кога бројот на невработените ја надмина бројката од 10% од активното население.
Во меѓувреме синдикатите на листата на незадоволство ставија и други барања: зачувување на куповната моќ на французите, против стагнацијата на платите во приватниот и јавниот сектор, борба против невработеноста и почитување на законот за работни односи.
На улиците низ цела Франција се организирани околу 150 манифестации, на кои зедоа учество стотици илјади средношколци, студенти, научници и работници од јавниот и приватниот сектор. Во Париз попладневното дефиле е организирано со цел да ја избегни средбата со делегацијата на Меѓунардониот Олимписки Комитет, која ја разгледува кандидатурата на Париз за 2012.
За Генералниот секретар на најбројниот француски синдикат – ЦФДТ, Франсоа Шерек, ревандикациите се поврзани:
- Арбитражата во претпријатијата платите, политиката на вработување и работното време се тесно поврзани. Владата е таа која што рече дека е потребно да се работи повеќе за да се заработи повеќе, затоа не треба да се чуди дека по измената на законот за 35 часовна работна недела, сега работниците ги истакнаа овие ревандикации.
Од француската влада се нагласува дека „не е улицата таа која што владее,“ но во период на предизборна камапња за ратификација на Европскиот устав, таа не може да си го дозволи луксузот од отворена социјална криза.
Левицата охрабрена од мобилизацијата, преку лидерот на социјалистите Франсоа Холанд, побара од владата итни и брзи потези, како повлекување на реформата на образованието и отворање на преговори за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор.
Десет години по претседателската кампања на Жак Ширак на тема: „социјална фрактура,“ денес таа фрактура навистина е присутна во Франција. Но, само го смена името - борба против скапиот живот.