Десетици илјади патници денеска нема да стигнат до саканата дестинација. На осум германски аеродроми има предупредувачки штрајкови на безбедносниот персонал.
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach
Реклама
Предупредувачките штрајкови на осум аеродроми во Германија ги расипаа плановите за патување на десетици илјади луѓе. Со работа престана безбедносниот персонал на најголемиот аеродром во земјата, оној во Франкфурт, како и во Минхен, Хамбург, Хановер, Бремен, Дрезден, Лајпциг/Хале и Ерфурт. Штрајковите ќе траат по неколку часа, во различно време на секој од аеродромите. Во Минхен од штрајкот не е погодена контролата на патници, туку само контролата на персоналот и на стоката.
Целта на синдикатите Верди и ДББ со овој досега најголем штрајк е да се изврши притисок врз работодавачите. Според пресметките на Сојузот на аеродроми АДВ, ќе бидат погодени најмалку 220.000 патници. Само во Франкфурт се откажани 570 од планираните 1200 летови денеска.
„Големи штети“
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch
Раководителот на Сојузот на работодавачи БДА, Штефен Кампетер, критикува дека „напад врз германската воздушна раскрсница број еден и други аеродроми“ не е предупредувачки штрајк: „Верди со целосна намера ја ограничува мобилноста на десетици илјади домашни и странски патници и протокот на стока и со тоа предизвикува големи штети за нашата економија. Тоа е апсолутно несразмерно“, изјави Кампетер.
И генералниот секретар на Сојузот на германскиот туризам (БТВ), Михаел Рабе, се жали: „Повторно еден тарифен конфликт во една професија се прекршува врз грбот на стотици илјади патници, на авиокомпаниите и многу други компании од германската туристичка бранша.“
Предупредувачки штрјакови, но во многу помал обем, имаше и во текот на претходната недела. Прво се штрајкуваше во Берлин, а потоа во Диселдорф, Келн/Бон и Штутгарт.
Фотографија: Reuters/H. Hanschke
„Апсурдно“ барање?
Синдикатот Верди за вработените во обезбедувањето на аеродромите бара 20 евра бруто за работен час за сите, независно од различните квалификации (ДББ: 19,50). Досега платите, зависно од покраината и работните задачи, изнесуваат максимално 17,16 евра бруто за работен час.
Според Сојузот на компании кои се грижат за безбедност на воздушниот сообраќај (БДЛС), барањето за единствена цена на трудот, без оглед на квалификациите, е апсурдно. Сојузот, според сопствени наводи, на последните преговори понудил зголемување на платите за 2 до 6,4%. Тековните тарифни преговори се однесуваат на околу 19.000 вработени, соопшти БДЛС.
Какви ќе бидат авионите во иднина?
Луѓето и во иднина ќе сакаат брзо да патуваат, без притоа да ѝ наштетуваат на животната средина. Научниците и фирмите работат на решение: електро-авиони.
Фотографија: Colourbox
Мал лесен, речиси без штетни емисии на гасови
Авионите кои користат електрична енергија од обновливи извори на енергија, не емитуваат ЦО2 и азотни оксиди, ни фина прашина. Во целина, електро-авионите треба да станат помали, полесни и поефикасни од авионите на керозински погон, на пример како Алфа електро од словенечката старт ап фирма Пипистрел, кој веќе го освои небото.
Фотографија: Pipistrel
Електричен „летечки автобус“
Авионите на електричен погон главно треба да бидат ангажирани во регионалниот сообраќај. Израелската старт ап фирма Евиацион планира револуционирање на меѓуградскиот превоз со својот авион со 9 седишта. Прототипот Алис може да развие брзина од 100 км/час, а во 2019. година би требало да го има својот прв пробен лет.
Фотографија: Eviation
Летечко такси
Летечкото такси на германското претпријатие Лилиум веќе го имаше својот промотивен лет. Тоа стартуваше во април 2017. година и тоа - вертикално. Опремено е со пет седишта и е целосно на електричен погон, достигнува до 300 километри, од Лондон до Париз стигнува за еден час. Авионското такси некогаш треба да може да се порача преку апликација и да не чини повеќе од нормално такси-возење.
Фотографија: Lilium
Мешавина - класичен и електричен
Одделни авионски производители напротив се концентрираат на хибриди. Ербас, Ролс Ројс и Сименс заеднички развиваат прототип на комерцијален авион, т.н. e-Fan X, опремен со три гасни турбини и електромотор. Во перспектива уште една гасна турбина треба да биде заменета со електромотор. Првиот прототип треба да полета во 2020. година.
Фотографија: Airbus
Еколошко патување на одмор
Нискобуџетната авиокомпанија Изиџет сака исто така да овозможи еколошко патување. Во септември 2017. година британската фирма објави соработка на овој план со американскиот старт ап Рајт електрик. Целта е создавање целосно електричен авион кој би превезувал до 150 патници. Кога ќе биде готов резултатот, не е познато.
Фотографија: Wright Electric
Електрична иднина
Според експертите, со првите електро-авиони би можеле да летаме за 20 години. Досегашните прототипови имаат досег од 250 до 1.000 километри. Но, технологијата брзо напредува, што е добра вест за еколошки свесните патници.