Штрајк на пилотите ја „приземји“ „Луфтханза“
2 април 2014Без пилот не може да полета ниеден авион, па „Луфтханза“, концерн со над 100 вработени, мораше за три дена практично целосно да го запре работењето. Ова е досега најголемиот штрајк во историјата на најголемата авионска компанија во Европа. Покрај „Луфтханза“ е погодена и фирмата-ќерка „Џерманвингс“. Во неа во наредните денови поради штрајкот на пилотите ќе бидат откажани 700 од 1300 планирани летови.
„Луфтханза“ им понуди на патниците одлагање на резервираните патувања или користење на железницата или на други авионски компании. Мало олеснување ќе преземат концерните-ќерки „Свис“ и „Остриан ерлајнс“, кои со поголеми авиони ќе летаат на дестинации кои се погодени од штрајкот.
Во тарифниот конфликт пилотите и копилотите бараат повисоки плати и се противат на резовите во условите за одење во предвремена пензија. Досега пилотите можеа со 55 години да престанат да летаат, а „Луфтханза“ до старосната граница за пензија им плаќаше до 60 проценти од бруто заработувачката. „Луфтханза“ еднострано ја откажа оваа можност, планирајќи на подолг рок да ја зголеми границата за прдвремено заминување во пензија на 60 години, што синдикатот на пилотите, Кокпит, решително го отфрла.
Синдикатот, освен тоа, бара и значително зголемување на платите - десет проценти за две години, додека „Луфтханза“ е подготвена да плати зголемување од 5,2 проценти и еднократна парична исплата. Пилотите, како што истакнуваат во „Луфтханза“, спаѓаат во група со добра заработувачка во Германија. Почетната плата на младите пилоти изнесува околу 60.000 евра, а на искусните и постари пилоти и над 200.000 евра.
Штетите кои ќе настанат од штрајкот на пилотите „Луфтханза“ ги проценува на двоцифрен милионски износ, односно 70 до 80 милиони евра, што е околу пет проценти од планираната оперативна добивка на концернот за оваа година.