1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штуките дојдоа в зори

Ивица Петровиќ/сн6 април 2016

„По првиот бран бомбардирање отидов да ги посетам роднините и останав заробен во центарот. Кога се вратив, семејството веќе ме прежалило...“ Така 6. април пред 75 години го памети Белграѓанецот Александар Лебл.

Фотографија: Attribution: Bundesarchiv, Bild 101I-646-5188-17 / Opitz / CC-BY-SA

Нацистичкото бомбардирање на Белград на 6. април 1941 година претставуваше вовед во инвазијата на Кралството Југославија. Воздушните сили на Третиот Рајх со околу 500 авиони, без објавување војна, нападнаа цели ширум Белград. Загинаа околу 2.500 луѓе, а беа урнати и тешко оштетени над 2.000 згради.

Александар Лебл во неделата на 6. април 1941. година имал 19 години и е еден од оние кои го преживеаjа тоа бомбардирање. Како што вели за ДВ, бомбардирањето започнало рано наутро, со повеќе авиони, и во него покрај класични бомби, се користени и фосфорни плочки. Така низ Белград имало многу запалени згради. По првиот бран бомбардирање, Лебл тргнал да ги посети роднините во другите делови на градот и се нашол заробен во центарот сѐ до доцна вечерта.

„Кога се вратив дома, семејството го најдов скриено во подрум. Мене веќе ме прежалиле, бидејќи долго не се вратив назад. Низ градот, инаку, тие денови имало многу мртви на улиците“, вели Лебл.

Александар ЛеблФотографија: DW/I. Petrovic

Бегство

Окупацијата на Белград Лебл прво ја поминал на принудна работа. „Добивавме задачи секој ден, потоа нѐ носеа на принудна работа, каде без храна го поминувавме денот и потоа нѐ враќаа дома.“ На крајот на октомври 1941. година Лебл, со помош на лажна пропусница која му ја обезбедила неговата мајка купувајќи ја од Италијанци, успева да побегне од Белград. „Уште тогаш се слушаше дека Италијанците се однесуваат поинаку од Германците, и затоа тргнав за Далмација, а оттаму во слобода.“

Вели дека, додека сѐ уште бил во градот за време на окупацијата, го изненадиле две работи. Првата е, оти во една пригода германските окупациски власти ги ангажирале да изнесат документација од генералштабот на Југословенската војска, кои Германците подоцна ја однесле, а другата дека уште за време на летото 1941. германските војници зборувале оти ’одат за Русија’.

„Ми беше чудно дека тоа не го знаеја и советските разузнавачи кои ги имаше многу низ Србија, а и во околните земји. За време на окупацијата, додека сѐ уште бев во Белград, луѓето главно страдаа во знак на одмазда. Стрелани се 50 луѓе за еден ранет германски војник, а 100 за убиен. Луѓето кои беа во т.н. работни логори практично претставуваа резервоар за стрелање“, истакнува Лебл.

Враќање

Од околу 39.000 Евреи во Србија, во холокаустот беа убиени повеќе од 80 проценти. Евреи, Срби и Роми се убивани во нацистичките логори на белградско Сајмиште, Топовски шуми, Јајинци, на Бањица, Црвениот крст во Ниш, Шабац и во новосадската рација.

Депортации по окупацијата на Југославија од страна на нацистичка ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

По враќењето во Белград, на крајот на 1945. година, Александар Лебл дознава што се случило со членовите на неговото пошироко и потесно семејство додека траела војната и германската окупација. „Германците ни ја одземале целата сопственост, а имотот ѝ го дале на владата на Недиќ. Мојата сестра, исто така, под лажно име била во Германија, а мајка ми починала во логорот Старо Сајмиште, како и поголемиот дел од моето семејство. Настрадале 29 члена од моето семејство“, вели Лебл. „Тогаш исто така дознав дека на Старо Сајмиште настрадале 6.000 жени и деца и многу малку постари луѓе.“

Од белградските Евреи, кои биле околу 11.000 до 12.000, настрадале 90 отсто. Холокаустот за време на Втората светска војна во Белград го преживеале одвај околу 1.500 Евреи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми