1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шулц и Јункер против влезот на Турција во ЕУ

АТ/ дпа/ афп/ ард21 мај 2014

Неколку дена пред изборите за Европскиот парламент кандидатите за функцијата претседател на Комисијата на ЕУ на најголемите партии, Мартин Шулц и Жан-Клод Јункер, го имаа последниот ТВ-дуел.

Фотографија: Reuters

На ТВ-дуелот што го пренесуваше првата програма на германската телевизија АРД ставовите ги спротивставија кандидатот на германските социјалдемократи и актуелен претседател на ЕУ-парламентот Мартин Шулц и неговиот противник, конзервативецот Жан-Клод Јункер, поранешен премиер на Луксембург и екс-претседател на Еврогрупата. Тие одговараа на прашањата на околу 200 граѓани. Во изборната арена во Хамбург кандидатите беа единствени по многу точки, а големи разлики во ставовите изостанаа.

Дуелот започна со темата десен популизам. Шулц повика на тоа да се излезе на избори за да се избегне зајакнување на десните сили. Јункер, од своја страна пак, ја исклучи можноста да биде изгласан во ЕУ-парламентот со помош на гласовите на десничарски настроените партии. Тој меѓутоа призна дека дистанцата меѓу граѓаните и Брисел е голема и дека тоа би можело да доведе до фрустрации. Тој се заложи за тоа Комисијата на ЕУ да не се меша во сите животни области. Со ова се согласи и Шулц. И тој исто така го застапува ставот дека на Брисел треба да му се предадат помалку надлежности.

Граѓаните поставија прашања и за европската политика за бегалци. Социјалдемократот Шулц се заложи да им се помогне на бегалците, но и да се реформира правото за доселување на ЕУ. Тој размислува за модел како во САД или во Нов Зеланд. Тоа би предвидувало договарање на квоти меѓу земјите членки, кој колку доселеници може да прифати. Јункер побара пак подобро да се организира легалното доселување и се заложи за подобра грижа за нелегалните доселеници. „Не смееме да дозволиме Средоземното Море да стане гробишта на Европа“, рече тој. ЕУ би требало да ја зголеми својата развојна помош за бегалците да не мора веќе да се качуваат во чамците.

Се дискутираше и за спорниот трансатлантски договор за слободна трговија. И двајцата се заложија за построги правила и за транспарентност. Шулц рече: „Ако склучуваме трговски договор, тогаш стандардите на ЕУ не треба да бидат намалени“.

„Не се преговара за заштита на податоците“, нагласи пак Јункер во однос на дебатата околу шпионските активности. САД би морале да ги прифатат европските стандарди. Социјалдемократот пак категорично ги отфрли специјалните судови, каде американските фирми би можеле да поднесат тужби за да добијат специјални права. „Специјални судови нема да има со мене“.

Шулц смета дека Турција засега не е зрела за пристап во ЕУ

Водечкиот кандидат на социјалдемократите Шулц во блиска иднина не гледа место за Турција во ЕУ. „Мислам дека Турција во овој момент не е зрела за пристапување“, рече Шулц во ТВ-дебатата на АРД. Исто така и кандидатот за претседател на Комисијата на ЕУ на европските народни партии Жан-Клод Јункер одбива прием на Турција во ЕУ: „Кој го забранува Твитер, не ја сфатил иднината“. Турција мора да стане подемократска, смета Јункер.

Социјалдемократот Шулц појасни дека досега се залагал за пристап на Турција во ЕУ. Но, владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган се развива „на драматичен начин“ во обратен правец од европските основни вредности, вели тој. До 2019 година, според ставот на Јункер, секако нема да биде можно натамошно проширување на ЕУ. Во наредните пет години нема да може да пристапи ниту една нова земја во ЕУ. Според него, прво 28- те земји членки треба да се консолидираат по должничката криза.

Околу 400 милиони граѓани се повикани на изборите за Европскиот парламент. Двајцата кандидати атакуваат на функцијата претседател на Комисијата на ЕУ, што во моментов ја извршува Жозе Мануел Барозо. Европските избори започнуваат утре (21.05) во Холандија и во Велика Британика, а завршуваат в недела, кога ќе се гласа во Германија и најголемиот број останати држави на ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми