Лидерот на германските социјалдемократи Мартин Шулц по објавувањето на резултатите од изборите изјави дека е ова „тежок и горчлив ден за германската социјалдемократија“.
Реклама
Мартин Шулц останува на кормилото на СПД, и покрај постигнатот историски најнизок резултат на изборите за Бундестагот. Во говорот што околу половина час по објавување на првичните неофицијални резултати во партиската централа во Берлин го одржа Шулц, тој најави дека ќе ја води партијата во опозиција.
Предизвикувачот на Меркел оцени дека е ова „горчлив ден за германската социјалдемократија“. Коментирајќи го добриот резултат на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (13,5%), Шулц оцени дека тоа претставува „прелом“ и дека „ниту еден демократ не може едноставно да помине преку тоа“. Ќе продолжи борбата за демократија, толеранција и почит, уверува Шулц. „Ние сме бедемот на демократијата во оваа земја“, изјави тој.
Социјалдемократите на денешните избори, според неофицијалните резултати, освоија околу 20% од гласовите, што е најлош нивен резултат во историјата. На изборите од 1949 година досега, СПД е главно на втора позиција по освоени гласови, по партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ). Само во 1972 година и во 1998 година СПД имаше најголем број освоени гласови на едни сојузни избори. СПД даде тројца канцелари во историјата на повоена Германија: Вили Брант, Хелмут Шмит и Герхард Шредер.Шулц е четврт кандидат на социјалдемократите кој го загубил дуелот против Ангела Меркел.
Битка за гласачите во Германија
Шарено, контроверзно, лично, со многу слогани- во Германија на секој чекор има предизборни плакати. Утре се изборите за следниот состав на Бундестагот. Како партиите се борат за довербата на граѓаните?
Фотографија: picture alliance/dpa/B.Pedersen
Чист патриотизам
Два основни мотиви, 22 илјади големи плакати и буџет од 20 милиони евра: тоа е кампањата на Демохристијаните (ЦДУ). Партијата се претставува патриотски и на плакатите се боите на германското знаме. „Ние сме земја на која и оди добро, можеме да бидеме горди на тоа“, вели генералниот секретар на ЦДУ Петер Таубер. Фокусот е на теми за безбедноста, работата и семејството.
Фотографија: picture alliance/dpa/B.Pedersen
Граѓаните во фокусот
Една кампања и три круга на мотиви. СПД се презентира на плакати на кои се гледаат граѓани среде слогани за теми како образование, семејство, пензии, инвестиции и праведни приходи. Дури во вториот „бран“ во фокусот е кандидатот за канцелар Мартин Шулц. Кампањата на партијата, како што тврдат, ќе чини 24 милиони евра.
Кампања- тоа е тој
Партијата на слободните демократи- ФДП (Либерали) во својата предизборна кампања вложи нешто повеќе од 5 милиони евра. Кампањата се сведува на рекламирање на еден човек- партискиот шеф Кристијан Линднер, кој е често прикажан во кошула, со засукани ракави и неизбричен. Тоа треба да ја сугерира неговата посветеност кон иднината на Германија. Покрај него се гледаат цели пасуси од програмата на ФДП.
„Затоа зелено“
Зелените многу претполагаат на големи текстови испишани со големи букви покрај некој симболичен мотив. Темите секако се заштита на животната средина или интеграција на странци. „Затоа зелено“ е мотото на кампањата. На сите плакати како лајт-мотив се појавува сончоглед.
Контроверзната АфД
Најмногу дискусии предизвика Алтернативата за Германија (АфД). Нејзиниот слоган гласи: „Одважи се, Германијо!“ Оваа десничарска партија сака да ги привлече гласачите со плакати со текстови од кои е јасно дека сака да го намали влијанието на исламот во Германија, да постави јасни граници за доселување, да го укине еврото и да го смени уредувањето на ЕУ.
Без лице
Бели букви, црвена боја која ја симболизира партијата Левица, тоа е стилот во кој се водеа и претходните кампањи. Со тоа што овој пат целосно се откажа од прикажување на лицата на своите главни политичари. Под мотото „Не сакаме понатаму вака“, тиа својата кампања ја концентрираа на темите како борба против високите кирии, праведни пензии и запирање на извозот на оружје.
Не баш сериозно
Платите на менаџерите да се прилагодат на големината на брусхалтерите, а треба да се воведе и граница за поскапување на пивото. Такви и слични барања изнесува партијата Партија, чија предизборна кампања е целосно сатирична- сосема во стилот на нејзините основачи, уредниците на сатиричниот магазин Титаник. Кандидат за канцелар е кабаретистот Сердар Сомунчу.