Ѓорѓиев: Среќен сум што ја одбранив титулата
7 декември 2013Во Анталија отпатува со ореолот на светски првак, титула искована на претходното светско првенство во Скопје. Најдобриот македонски кик-боксер Димитар Ѓорѓиев успеа да ја одбрани титулата. Четири пати излегуваше на рингот, четири пати победуваше на патот до златниот медал. Во телефонскиот контакт по финалето, вакви се првите импресии на Ѓорѓиев:
„Среќен сум што ја одбранив титулата. Во финалето влегов самоуверено, сигурен дека ќе победам. Во текот на целата финална борба бев подобар од Полјакот Јержи Вронски. Го совладав надмоќно со 3:0. Да бидам искрен, многу потешко ми беше во полуфиналето против Турчинот Јахја Алемдаг. Таа борба за сите беше финале пред финалето.“
Претходно, во првото коло, Ѓорѓиев го совлада Линардо Поздиседве од Литванија, а во четвртфиналето беше подобар од Молдавецот Севастеан Александру.
Димитар Ѓорѓиев има 21 година. Кариерата ја започна во родното Неготино, а ја продолжи во Скопје под раководство на познатото македонско тренерско име за боречки вештини, Димче Кичевски.