1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓукановиќ: Дури ни кризата во Украина сама по себе не ги отвора вратите на НАТО

ЕМФ/бета/миа9 април 2014

Црногорскиот премиер Ѓукановиќ, кој е во пoсета на САД, изјави дека во Вашингтон „постои свест за важноста од ширење на НАТО“. Сепак, дури ни кризата во Украина сама по себе не ги отвора вратите на НАТО, рече тој.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ во Вашингтон изјави дека неговата посета е исклучително фокусирана на тоа - проширувањето на НАТО да се стави на дневен ред на самитот на Алијансата наесен, но наведе дека „не може да се зборува за гаранции од страна на САД“ дека тоа и ќе се случи.

Сите претходни проширувања на НАТО се „реализирани со лидерска позиција на САД“, нагласи Ѓукановиќ, додавајќи дека во разговорите со американските претставници „можел да чуе“ дека во Вашингтон „постои свест за важноста од натамошно проширување“ на Алијансата, што дополнително е нагласено со кризата во Украина. Сепак, дури ни кризата во Украина сама по себе не ги отвора вратите на НАТО, рече Ѓукановиќ.

Според црногорскиот премиер, „реално“ е да се очекува Црна Гора да добие покана за членство во НАТО на септемврискиот самит во Велс, но никој за тоа не може да гарантира, па ни САД. Ѓукановиќ синоќа по средноевропско време се сретна со американскиот потпретседател Џозеф Бајден, со кој разговараше за стремежите на Црна Гора да добие покана за НАТО.

По средбата со Бајден, Ѓукановиќ имаше и обраќање во Атлантскиот совет на САД, каде рече дека главните приоритети на кои Црна Гора мора да работи, покрај борбата со криминалот, се поддршката на јавноста за членство во НАТО, која е само околу 46 проценти, како и реформата на безбедносниот систем, за да се загарантира дека како НАТО членка, Црна Гора безбедно ќе ги чува воените тајни на Алијансата и нема да ги споделува со Русија.

Македонија денес е подалеку од НАТО отколку што беше пред самитот во Букурешт?

Во регионални рамки, Ѓукановиќ оцени дека се потребни дополнителни напори за да се деблокира приемот на Македонија, како друга земја која е подготвена за членство во НАТО на време за самитот во Велика Британија. Ѓукановиќ предупреди дека меѓународната заедница подолго време загубила интерес за Балканот и за неговите интеграции, а сега кризата во Украина мора да ги разбуди Европа и САД за потребата да се завршат интеграциите.

Мило Ѓукановиќ со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во Брисел, во март 2013-та (архива)Фотографија: picture-alliance/dpa

„Сакам да обрнам внимание на Македонија, која веќе долго е целосно блокирана во процесот на евро-атлантската интеграција. Се сеќавате дека беше најавена нејзина интеграција во НАТО во 2008 година во Букурешт, но поради спорот со Грција тоа изостана. Впечатокот денес е дека Македонија не е поблиску до НАТО во однос на 2008 година, дури можам да кажам дека е и подалеку отколку што беше. Тоа не е наивно прашање, не е прашање само на националната стабилност, туку е прашање на регионалната стабилност, и затоа сметам дека е многу важно да вложиме дополнителни напори за да го продолжиме процесот на евроатланска интеграција на Македонија“, изјави Ѓукановиќ.

Фред Кемп, претседателот на Атлантскиот Совет кој го најави обраќањето на Ѓукановиќ, по неговиот говор за МИА изјави дека пред шест месеци проширувањето на НАТО беше незамисливо, но сега шансите се малку подобрени, барем за прием на Црна Гора, додека за Македонија, не гледа голема надеж за надминување на спорот за името.

„Прашањето на Македонија нема врска со нејзината подготвеност за членство. Секако дека би било подобро и Македонија и Црна Гора да влезат во НАТО заедно. Би било полесно за НАТО да ги прифати заедно. Но, двете прашања треба да се решат одделно едно од друго, а јас мислам дека нема време за Македонија“, изјави Кемп.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми