1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корумпиран, но прозападен

З. Јордановски/фац/бц/тац3 декември 2015

НАТО и’ понуди членство на Црна Гора. Коментарите на весниците на германски јазик се фокусираат врз премиерот Ѓукановиќ и начинот на кој тој и неговото семејство управуваат со државата

Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) во политичкиот портрет го опишува црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, кој на 29-годишна возраст стана за прв пат премиер и тоа му беше и прва платена работа воопшто, како „властољубив моќник“.

„Власт е единствената константа во биографијата на овој човек, кој своите алијанси ги менуваше исто толку безгрижно, колку и своите цели. (...) Многу бргу се докажа талентот побргу да ги препознава знаците на времето отколку неговите пријатели и ривали. Од млад марксист стана економски либерал, од некогашен сојузник на великосрпскиот националист Слободан Милошевиќ стана татко на црногорската самостојност, кој на крајот ја водеше неговата земја на пат кон ЕУ и НАТО“.

„Корумпиран, авторитарен и прозападен“

„Балканските владетели се корумпирани, авторитарни и со проруска тенденција, смета светот. Итрите балкански владетели се навистина исто така корумпирани и авторитарни, но притоа и со доверба прозападни. Најдобар пример за тоа е црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ“ - пишува „Берлинер Цајтунг“.

„Од пред четврт век овој 53-годишник ја има цврсто под контрола својата земја - час како шеф на владата, час како претседател, а помеѓу и само како партиски шеф на социјалистите. Кој сака таму да инвестира, мора да прифати договорите да му ги пишува сестрата на премиерот; кој сакаше кредит, до пред две години беше упатуван кај брат му - се’ додека тој, под притисок, не ги продаде неговите акции во најголемата банка во земјата. Кој сака да добие државна работа, мора да е во партијата или барем да е нејзин обожувач. (...) Но, барем процесот за пристапување кон ЕУ со многубројните услови ќе му стави крај на генијалниот тактичар, се надеваше опозицијата. Но се случи спротивното: брзо менуваните амбасадори и ЕУ-емисари дозволија да бидат заслепени“. Ново ремек-дело на Ѓукановиќ е членството во НАТО: „Токму сега, кога расте незадоволството поради корупцијата, Ѓукановиќ со изгледите за ’евроатлантска интеграција‘ повторно ги принудува своите прозападни критичари да застанат зад него. (...) Да ги исполнуваше Црна Гора вистински критериумите на ЕУ за правна држава, на Ѓукановиќ би му се заканувал затвор“, оценува „Берлинер Цајтунг“. За него ни егзил не е решение, оти „не зборува ниеден странски јазик“ ниту било кога „излегол надвор од татковината. Поради тоа критичарите стравуваат дека Ѓукановиќ на крајот сепак нема да ја води својата земја во ЕУ“.

Ни од љубов кон Црна Гора, ниту кон Ѓукановиќ

„тац. ди тагесцајтунг“ во краткиот коментар објаснува зошто „малата држава на Балканот, за која инаку никому не му е гајле,одненадеж се најде во фокусот“:

„Ѓукановиќ не е некој, кој штотуку како да доаѓа од миланската Скала (прочуената оперска куќа од Милано - н.з.). Како еден, кој авторитарно управува со својата мала држава и е вмешан во севозможни нечесни бизниси, тој побргу би требало да научи што навистина се ’највисоки вредности‘. Но, се чини дека е целосно апсурдно што Русите со топ пукаат по тоа врапче. Црна Гора никако не ја загрозува руската граница. Воениот потенцијал на земјата сигурно нема да ги помести тежиштата во светот. Сепак во прашање е нешто друго: Црна Гора уште од царски времиња беше сојузник на Русија, која имаше фрлено око на пристаништата во земјата, за да може да оперира во Средоземното море. (...) Тоа што НАТО сега и’ упати покана на Црна Гора, нема никаква врска со љубов кон Ѓукановиќ, туку првенствено со руските амбиции“, коментира „тац“.

„Приватно царство“

Поканата за членство во НАТО „за Ѓукановиќ несомнено претставува енормна придобивка за престижот и фактор за стабилност за неговиот спорен систем на владеење“, оценува „Ное Цирхер Цајтунг“.

„Јавна тајна е дека Црна Гора е далеку од демократска правна држава. Мило Ѓукановиќ и неговото семејство владеат со земјата како со приватен имот. Истражувањата на различни медиуми повеќекратно ја обелоденуваа неговата вмешаност во шверц со цигари. Органајзинг крајм енд корапшн проџект го проценува имотот на премиерот на речиси 15 милиони долари, додека на неговиот брат Александар на 167 милиони“. Загрозена е и слободата на печатот, новинарите се жртви на напади, дури и со бомби. „Корупцијата, авторитаризмот и економската бесперспективност се причина за масовните протести во октомври, што Ѓукановиќ ги задуши со примена на сила. 40 лица беа повредени. Опозицискиот сојуз бара придржување кон оние европски вредности, на кои премиерот постојано јавно се повикува“, пишува, покрај другото, „Ное Цирхер Цајтунг“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми