Ѕвездени моменти на Ангела Меркел
9 јуни 2007Хајлигендам, мало место на свеероистокот на Германија, три дена беше центар на светската политика. За глобалните проблеми таму дискутираа шефовите на држави или на влади на големите индустриски нации, на земји во подем и на оние кои се допрва во развој. Благодарение на шармантниот и енергичен преговарачки стил на канцеларот Ангела Меркел, не остана се’ само на дискусии, туку е постигнат и напредок.
Без сомнение – за Ангела Меркел самитот беше ѕвезден момент на нејзиното владеење. Таа беше добар домаќин и истовремено му стави свој печат на самитот. Уште повеќе – резултатот од разговорите е забележителен, иако ни оддалеку не се исполнија сите желби. Во секој случај, се измамија сите кои претходно страхуваа од неуспех. Со шарм, упорност и преговарачка вештина, таа успеа да наметне поголем дел од она што планираше.
Американскиот претседател Џорџ Буш ја надмина својата игноранција по прашањето за климатските промени, италијанскиот премиер Романо Проди на крајот не можеше да ги одбегне новите напори за помош на Африка. Рускиот претседател Владимир Путин и Буш во Хајлигендам се обидоа да спречат враќање кон студена војна.
Не се постигнати конкретни обврски кај целта за заштита на климата, но сега има заедничка база од која се можни натамошни чекори. А, има и заедничка цел. Задача на министрите за екологија е да изработат регулатива што ќе го наследи Договорот од Кјото. Лесно може да биде токму самитот во Хајлигендам од историска перспектива да се смета за пресвртница не само во борбата против затоплувањето на земјината клима, туку и во односот меѓу индустриските и дравите во подем.
Групата на осумтемина согледа дека самата веќе не може да ги реши глобалните проблеми и оти за тоа и’ е потребна помошта од Кина, Индија, Бразил Мексико и Јужна Африка. Ексклузивниот клуб се’ уште не сака да се отвори и за нив, туку само да стапи со нив во структуриран договор, што Меркел го означува како “процес од Хајлигендам”. Но, тоа не може да остане вечно така – на земјите во подем местото им е на преговарачката маса.
Тоа е исто толку неизбежно, колку и продолжувањето на дијалогот со Африка. Африканците се во право кога бараат не само натамошна помош, туку пред се’ инсистираат на тоа, по зборовите да мора да уследат дела. Но, во право се и државите на Г8 кога бараат добро водење на владините работи во Африка, ефикасни мерки против корупцијата и напредок кај демократијата. Само може да се поздрави согласноста, на наредниот самит в година во Јапонија да биде поднесен извештај за обостраното придржување кон меѓусебните ветувања.
Демонстрациите, со кои во меѓувреме е придружена секоја голема меѓународна конференција, не ги попречија консултациите на конференциската маса. На насилниците "рампа" им стави не само полицијата, туку и мирољубивите демонстранти. Притисокот од невладините организации е секако од помош за напредокот кај заштитата на климата, развојната соработка и обезбедувањето на мирот. Со нивните маршеви младите луѓе од многубројни земји јасно им ставија на знаење на политичарите дека исчекувања, одложувања и содржински празни компромисни формули веќе не се опција.
Карл Цавацки