1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавачите на национализмот ја туркаат Македонија во провалија

16 март 2017

Како што се зголемува можноста за избор на претседател на Собранието, уште позабрзано се „вршат подготовки“ за дестабилизација на Македонија, предупредува поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.

Proteste in Skopje
Фотографија: DW/P.Stojanovski

Не престануваат заканите од „патриотски групи“ до новинари и јавни личности,  јавно објавување на нивните адреси на живеење и испраќање абери дека „со нив ќе биде расчистено еднаш засекогаш“. Нападите и навредите врз новинарски екипи кои известуваат од протестите станаа секојдневие, а поради тоа што најголемиот дел од нив не се санкционирани, извршителите посредно добиваат мотивација да продолжат со натамошни притисоци и напади. 

Разни „патриотски здруженија“ оставаат навредливи пораки пред домови на пратеници од СДСМ или ги посетуваат за да ги поканат да излезат на протести „против загрозувањето на унитарноста“ и јавно ги објавуваат снимките од посетата со образложение дека тоа не е ниту закана ниту притисок, туку „најљубезна покана“. Кога ни тоа не е доволно, за дел од нив се објавуваат потерници заради „предавство“: прифаќање на двојазичност, федерализација, обврска за учество на Албанците во спорот за името, промена на банкноти, химна, знаме, грб, полициски и воени униформи, како и промена на уставното име на Република Македонија.

Нема реакција по допрен глас

Во ваква атмосфера се гради одбраната на „заедничка Македонија“. Полицијата не реагира на ваквите случаи, со образложение дека не добила пријави, иако може да реагира и по допрен глас. Но, и случаите за кои досега имало пријави остануваат без епилог. Според аналитичари, со ваквиот однос надлежните институции на крајно неодговорен начин стануваат соучесници во загрозувањето на безбедноста. 

Една од личностите кои во изминатиот период беа цел на напад и навреди од т.н. „патриотски групи“ за ДВ вели: „Не го пријавив инцидентот, со една цел - да видам дали надлежните ќе реагираат по допрен глас, не во само мојот, туку и во многу други случаи. Не реагираа. Веројатно тоа е нивна проценка, но истовремено и многу инидикативен чин. Особено во време кога за вакви 'операции' најчесто се злоупотребуваат или малолетници или  'добро опремени' довчерашни осуденици, а кои ги одработуваат помилувањата за да ги дисциплинираат критичарите на власта. Добро се знае кој ги ангажира и регрутира, и еден ден за ова некој ќе одговара пред законот. Но, ако постои барем малку професионална свест, таквите групи треба да бидат санкционирани, пред да се случи нешто што ќе ги однесе работите во најлош можен правец“.

Прашањето за професионалниот однос на МВР и Јавното обвинителство стануваат  уште поважни во пресрет на можното продолжување на конститутивната седница на Собранието, а во време кога растат повици за засилување на протестите, градење бедем околу Собранието и јавно изречени закани дека „пратениците можеби и ќе влезат во Собранието, но оттаму нема да излезат“.

Фотографија: DW/P.Stojanovski

Да се посочат одговорните

Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, вели дека одговорноста мора да се насочи кон тие што ги менаџираат овие процеси, со јасна порака дека само во мир и стабилност може да се надминат проблемите.

„Како што се зголемуваaт можностите за етаблирање на парламентарно мнозинство, за избор на претседател на Собранието и услови за избор на реформска Влада, така уште позабрзано се 'вршат подготовки' за дестабилизација на Македонија, слично на она што во 1997 се одвиваше во Албанија, кога тотално се распадна одбранбено-безбедносниот систем. Политичко-медиумската кампања за наводна загрозеност на унитарниот карактер на државата, дека Македонија ќе се подели и распадне, дека се предавници тие што нема да ја отфрлат и осудат 'албанската платформа' и нема да се вклучат на протестите, како и повикот за пресметка со предавниците, нападите на новинари и слично, се реални параметри да се процени дека државата се турка во провалија“, вели Трајанов.

Вината за ова ја лоцира во „јавачите на национализам“, кои преку секојдневна манипулација дека ќе се промени знамето, химната и грбот на државата, допираат до чувствата кај многу граѓани и ги потикнуваат на насилство на етничка, верска, но и интеретничка основа.

„Во ваква запалена атмосфера не помагаат повиците за трезвеност, одговорно однесување и создавање услови за мирен и демократски трансфер на власта. Одговорноста мора да се насочи кон тие што ги менаџираат овие процеси, со јасна порака: дека само во  мир и стабилност може да се надминат проблемите, бидејќи со хаосот прво ќе ја 'убиеме' Македонија, но и сите ќе платиме висока цена“, предупредува поранешниот министер за внатрешни работи.

Криењето на вистинските иницијатори на протестите зад наводна граѓанска иницијатива, не поминува во јавноста. 

„Повеќе од јасно е дека протестите се во организација на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Стојанче Ангелов, лидер на партијата „Достоинство“.

„Верувам дека мнозинството граѓани излегуваат на протести искрено верувајќи дека навистина ја бранат унитарноста на Република Македонија, иако не се свесни дека на тој начин можат само да ја загрозат“, вели Ангелов.

Наводните планови, со цел еврокомесарот Јоханес Хан кој во вторник доаѓа во посета на Скопје „да се увери во волјата на мнозинството и да се импресионира од масовноста на протестот“, во политички кругови се оценува како „незрела, несоодветна за состојбите, под нивото на лидерство кое се очекува од домашните политичари и во крајна линија - како прецизен автопортрет на деструктивните сили“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми