Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска го најави вториот пакет-мерки за економијата за справување со кризата со коронавирусот. Ќе се субвенционираат платите и придонесите на работниците.
Реклама
Платите на вработените во јавната администрација нема да се кратат, но сите државни функционери, од шефот на државата, преку премиерот, министрите, директорите и градоначалниците во локалната самоуправа, во следните месеци ќе земаат минимална плата од 14,500 денари. Премиерот Оливер Спасовски денеска ги најави новите мерки и повика на солидарност од сите во општеството за надминување на кризата која ја предизвика пандемијата на коронавирусот.
Мерката за намалување на платите во јавната администрација ја предлагаше владејачката СДСМ, а Спасовски вели дека при носењето на владините мерки се консултирани сите водечки експерти и стопанственици во државата.
Во пакетот влегуваат серија мерки кои меѓудругото предвидуваат:
Финансиска поддршка за приватните фирми за исплата на плати на работниците за април и мај, и субвенции до 50% за придонесите. Сите фирми кои ќе добијат поддршка имаат обврска да го задржат истиот број вработени до септември годинава. Услов од владата се овие фирми да не исплаќаат дивиденди. Од враќање на помошта ќе бидат ослободени фирмите кои годинава ќе прикажат загуба;
Спортистите и уметниците во следните два месеци ќе добиваат минимална плата од 14,500 денари;
Граѓаните што останале без работа ќе добиваат плата од државата во висина од 50% од нивната просечна плата во следните 6 месеци;
Сите избрани функционери ќе примаат минимална плата во април и мај. Мерката не ги опфаќа вработените во здравството;
До крајот на јуни се запира закон за извршување;
Се одложува отплатата на кредити кај банките за правни и за физички лица, за период од 3 до 6 месеци;
Бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија, на три години со грејс период од 12 месеци.
Владата донесе одлука да се формира и солидарен Ковид-19 фонд во кој ќе влегуваат сите донации од правни и физички лица за справување со коронавирусот.
Кои фирми профитираат од коронавирусот
Стравот од коронавирусот тешко ги погодува финансиски пазари. Кога компаниите мора да ги коригираат своите прогнози за добивка и промет надолу, тоа е отров за курсот на акциите. Но, сепак има и такви кои профитираат.
Кога во последната недела од февруари курсот на акциите ширум светот драматично падна, акциите на платформата за видео стриминг успешно се спротиставија на трендот. Аналитичарите сметаат дека т.н. „останете дома“ акции , како оние на „Нетфликс“ можат да им обезбедат богатство на инвеститорите за време на појавата на коронавирусот, бидејќи на сѐ повеќе луѓе им се вели да останат дома.
Фотографија: picture-alliance/AA/M.E. Yildirim
„Откачете“ го фитнес-клубот
Акциите на фитнес старт-апот Пелотон Интерактив, кој произведува велосипеди за вежбање и, исто така, нуди фитнес часови преку интернет, скокнаа бидејќи стравот од коронавирусот може да поттикне многу фитнес ентузијасти да не одат во своите теретани и клубови и да се одлучат за понудите на Пелотон.
Шефот на фармацевската компанија „Модерна“, Стефан Банкелза кусо време стана милијардер откако компанијата испорача експериментална вакцина против коронавирусот за клиничко тестирање кај луѓето, со што се зголеми цената на нејзините акциите. И Лим Ви Чаи од Малезија, мнозински акционер во фирмата за медицински ракавици „Топ Глав“, влезе во клубот на милијардери среде избувнувањето на вирусот.
Останете дома, останете поврзани
Акциите на телеконференцискиот старт-ап „Зум Видео“ пораснаа речиси за 50% од февруари, откако инвеститорите проценија дека сѐ повеќе луѓе поради стравот од коронавирусот ќе работат од дома. Компанијата веќе придодаде повеќе активни корисници годинава - 2,22 милиони - отколку во целата 2019 година.
Фотографија: zoom.us
Празни полици во супермаркетите
Во супермаркетите, како германскиот „Реве“ и францускиот „Карфур“, прехранбените производи „летаат“ од полиците додека купувачите во паника ги зголемуваат домашните залихи. Затоа инвеститорите засилено вложуваат во акциите на компаниите за пакувана храна. И онлајн трговците, како Амазон, исто така, имаат поголема побарувачка, бидејќи купувачите поради страв од вирусот ги избегнуваат продавниците.
Произведувачите на маски за лице, дезинфекциски средства за раце и дезинфекциски марамчиња се сведоци на огромен раст на побарувачката, бидејќи купувачите бараат начини да се заштитат од вирусот кој брзо се шири. Фирмата „3M“, која меѓу останатото произведува и маски за лице, е една оние со најголема добивка.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/Yichuan Cao
„Во секое време, насекаде“
Германската софтверска компанија „ТимВјуер“ која им овозможува на корисниците да работат од далечина (од дома), е сведок на голема побарувачка на нејзините услуги, особено во Кина, епицентарот на коронавирусот. На Франкфуртската берза цената на акциите на оваа компанија забележа огромен раст во изминатите неколку дена.