1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

„Јавна соба“ со мрачни тајни 

ДТЗ /ДВ
27 јануари 2021

Девојки сведочат за скандалознатa група на „Телеграм“ која по една гoдина е повторно активна. Се објавуваат експлицитни видеа и фотографии, полицијата немоќна, обвинителството незаинтересирано.

Symbolbild Gewalt gegen Frauen Vergewaltigung
Фотографија: Fotolia/detailblick

Скандалозната група „Јавна соба“ по една година повторно оживеа. Откако со месеци, барем привидно, беше запрена активноста на членовите на групата кои јавно шиканираа и објавуваа експлицитни фотографии на малолетни девојчиња, деновиве повторно е разбранувана јавноста, откако дел од жртвите алармираа за нови злоупотреби. Во групата „Јавна соба“ на „Телеграм“ има повеќе од 6.500 членови и се споделени околу 10.000 фотографии и видеа. МВР истражува кој стои зад групата и ги повикуваат граѓаните да пријават злоупотреби. Тврдат дека наишле на ѕид од страна на „Телеграм“ кои не сакаат да соработуваат за да се сузбие групата. Првата „Јавна соба“ на „Телеграм“ беше откриена лани, па по реакциите во јавноста беше затворена. Досега никој не одговарал за злоупотребата.

Сведоштва на жртвите

„Јас сум Ана, една од девојките којашто беше објавена во Јавна соба“ – со овие зборови млада девојка од Кавадарци, жртва на злоупотребите на интернет, одлучи да ја сподели пред јавноста својата приказна за случувањата во „Јавната соба“, која крие многу мрачни тајни. Нејзина фотографија, направена на летен одмор, заедно со невкусна порака и телефонски број, биле објавени во групата. Оттогаш започнал нејзиниот кошмар. 
 „Над сликата имаше оставено мои лични податоци и мој телефонски број и надолу опис од некоја личност, која сакала на некој начин да ми наштети или го направила тоа за забава“, вели Ана во нејзиното видео-сведоштво споделено на Инстаграм. Таа започнала да добива пораки и повици на мобилниот телефон, на Вајбер, на Ватсап, на Месинџер и на Инстаграм. Не знаела што се случува, се додека наредниот ден не добила скриншот од нејзината слика, којашто не само што била објавена во „Јавна соба“, туку била препратена и на други места.

-повеќе на темата: Ниска свест за сексуалното вознемирување

„Не знаев што да правам, испаничив, се преплашив, никогаш не сум доживеала такво нешто. Отидов во оддел за сајбер криминал да пријавам. Им ја покажав сликата, ги покажав пораките и повиците, дека имам со име и презиме луѓе кои ми пишуваа и ѕвонеа. Кога слушнаа дека сум полнолетна, рекоа дека законот во нашата држава не може ништо да направи, бидејќи е само за малолетници. Бев беспомошна и бесна. Не знаев каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, се разочарав. Малку се повлеков, ено потоа продолжив со животот, иако пораките и повиците не престанаа и уште не се престанати. Кое ниско ниво на морал е тоа?“, сведочи Ана. 
Таа е децидна дека злоупотребите мора да престанат. Апелира да се донесе закон којшто ќе штити од ваков криминал. „Секој еден може за нас да објави и напише што сака. Доколку се случи такво нешто на некоја ваша блиска личност, немојте да осудувате, но немојте и да молчите. Време е да прозбориме и ваквите ситуации да престанат“, вели таа. 

Во групата „Јавна соба“ на „Телеграм“ има повеќе од 6.500 членови и се споделени околу 10.000 фотографии и видеаФотографија: picture alliance/dpa/D. Feoktistov/TASS

Не една, туку три групи

Една година откако полицијата ја блокираше првата група, сега се појавија не една, туку три нови групи. Мрежата „Телеграм” стана дувло во кое членовите споделуваат порнографски фотографии и видеа, имиња, адреси, телефонски броеви и профили од македонски девојки. Бројот на членови во неа брои над 6.200 и во неа се споделени околу 10.000 фотографии и видеа. 
Девојка на возраст од 22 години од внатрешноста на земјата се обратила до дел од медиумуте, откако нејзин пријател ја предупредил дека во групата биле објавени една нејзина фотографија од Фејсбук и уште две експлицитни од девојка која наликувала на неа. Таа пријавила во полиција, но оттаму само и рекле дека вакви групи имало многу. Но, клопчето почна да се одмотува кога медиумите објавија дека 22- годишна девојка пријавила во полиција дека од неа има фотографија на таа социјална мрежа, но и уште две фотографии кои имале екплицинтна содржина од девојки кои наликувале на неа. Потоа следеше нова информација - членови на групата започнале потрагата по девојката којашто пријавила во полиција. Тоа беше доволно за случајот да го привлече вниманието на сите медиуми. 

Апел до полицијата

Граѓаните веќе неколку дена апелираат до полицијата да преземе итни мерки и да ја сопре злоупотребата. Се бара и одговорност за креаторот и за членовите кои споделуваат лични податоци од девојки. Секторот за компјуерски криминал и дигитална форензика во соработка со обвинителството тврди дека работи на случајот. 
„МВР презема активности за расчитување на случајот, а ќе продолжиме и со интензивните напори да се оствари и директна комуникација со платформата ‘Телеграм’ која до сега демонстрира целосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја. Ги користиме сите други активности кои ни се на располагање за расчистување на овој случај“, велат од МВР. Тие апелираат до граѓаните доколку кој било од нив е жртва на злоупотреба, тоа да го пријави до најблиската полициска станица. Испратен е и допис до Телеграм со барање за соработка, но од полицијата наведуваат дека оваа платформа не соработува со владите на државите. „Такво е и нашето искуство, досега на ниту едно барање не одговориле“, велат од МВР. И од Обвинителството додаваат дека се следи случајот и дека ќе се постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев во изјава за медиумите вели дека предолго трае предистражната постапка кога се идентификувани сторителите и затоа сега повторно се активираат такви групи. „Апослутно плодна почва за формирање вакви групи уште поширока ќе се јави затоа што изостануваат неопходните мерки за санкционирање на таквите лица кои отвараат такви групи. Треба ова да биде приоритет, бидејќи се работи за социјални мрежи кои се масовно посетени. Последиците се несогледливи затоа треба предистрагите да бидат реални, брзи и да се преземе санкционирање спрема таквите лица. Се одлагаат работиве и се ставаат во фиоки“, смета Илиев.
На оваа руска апликација за комуницирање пред точно една година беше откриена првата ваква група со над 7.000 членови. Откриен беше и креаторот, но случајот од обвинителството се уште е во предистражна постапка.

Нема казни, нема страв

Од здруженијата кои се занимаат со сексуално насилство велат дека групата всушност никогаш не ни згаснала. Се појавиле повеќе групи со исто или слично име и со иста цел, објавување фотографии од девојки и споделување нивни лични податоци. „Јавна соба“ е кривично дело кое до сега има повеќе од 100 жртви, тврди извршната директорка на Коалицијата Маргини, Ирена Цветковиќ. Според „Маргини“,  непостапувањето на институциите ги демотивира жртвите да пријавуваат, а ги учи идните насилници дека се поминува неказнето.

-повеќе на темата: Криминалот во Македонија „голта“ младешки судбини

„Целиот проблем со Јавна соба е токму непостапувањето на институциите. Јавна соба е кривично дело кое брои над 100 жртви. Кој било друг тип на кривично дело со над 100 жртви ќе беше фокус на целата држава. (…) На овој начин жртвите се обесхрабруваат да проговорат, да побараат правда во институциите, да имаат доверба во системот и на тој начин да го јакнеме системот од една страна. Од друга страна се мотивираат идни насилници и злосторници коишто гледаат дека неказнето многу лесно поминуваат овие кривични дела“, укажуваат од Коалицијата. 
Платформата за родова еднаквост изразува огромно разочарување од игнорантниот однос на надлежните институции во врска со случајот „Јавна соба“. Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.
„Сметаме дека е скандалозен и недозволив односот на Јавното обвинителство, од кое се очекува да го процесуира случајот во насока на докажување на вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување на девојки, од кои голем дел се и малолетни“, велат од Хелсиншкиот комитет за ловекови права. 
Според законот, оној кој ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина, може да одговара за кривичното дело „злоупотреба на лични податоци” член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година. Доколку на видеата има прикажано малолетник, сторителот кој ја произвел детската порнографија со цел нејзина диструбуција, или ја пренел или ја нудел преку компјутерски систем ќе одговара за „производство и дистрибуција на детска порнографијa” член 193-а став 3 од Кривичниот законик за кој е превидена казна затвор од најмалку осум години. Претставници на граѓанскиот сектор велат дека ќе инсистираат сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.
Од прогон на креаторите на групата, нема да се откажат ниту жртвите. Обраќајки им се на сите девојки и жени што се соочуваат со ваква злоупотреба, Ана од Кавадарци преку своето видео им порачува: „Ова не е ваш срам. Ова е срам на некој друг кој сакал да ви наштети, на кој намерата му е да се повлечете, да не излегувате надвор, да немате социјален живот, да си ги нарушите односите со фамилијата, партнерот, пријатели, на работа, да паднете психички – немојте да дозволите, главата горе, не сте вие виновни што користите социјални мрежи, туку оние кои тоа го злоупотребуваат!“.

Целиот проблем со Јавна соба е токму непостапувањето на институциите, велат од невладините организации.Фотографија: picture-alliance/Captital Pictures/R. Gold
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми