Струмичкиот карневал е откажан, јавуваат струмички медиуми. Се очекува Владата денеска и официјално да донесе одлуки во однос на одржувањето на некои претстојни манифестации
Реклама
Короновавирусот ги носи во неизвесност одржувањата на сите манифестации од масовен карактер, што особено може да се одрази на активностите во предизборниот период во земјава, поврзани со одржувањето на бројни партиски митинзи. Од ДУИ вчера изјавија дека донеле одлука за редуцирање на партиските активности во неопределен период, заради спречување на ширењето на коронавирусот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан дали по неодамнешниот ќе продолжат и со други протести, имајќи ја предвид појавата на коронавирусот и апелот да нема поголеми собири, одговори со критика до опонентите.
„Најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат коронавирусот како изговор за ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизира народот во оваа држава. Тие, претпоставувам, молеа Бога да се случи сето ова за ВМРО-ДПМНЕ да не излегува заедно со народот и да протестира против она лицемерие што денеска е секојдневие во Македонија, за жал. Чекорите на ВМРО-ДПМНЕ во следниот период благовремено ќе ги презентираме пред јавноста. Да почекаме, одиме чекор по чекор, внимателно, за да не се создадат какви било причини од страна на исплашените од СДСМ да можат да го злоупотребат тоа против народот и против ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицкоски.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.
Фотографија: picture-alliance/Ch. Mohr
8 фотографии1 | 8
Зависи од ситуацијата
Во моментов, партиите оправдано немаат одговор како ќе ги димензионираат активностите во контекст на потенцијално проширување на вирусот. Најчестите одговори се - „се` зависи од ситуацијата“, „тековно ќе се прилагодуваме“, „не можеме да предвидиме, но се надеваме дека се ќе биде во ред“.
Митинзите и други собиринема да бидат единствената грижа за надлежните. Изборите ќе се одржат на 12 -ти април, на денот кога католичките верници го слават Велигден, а според најавите, голем број македонски иселеници празничните денови ќе ги искористат за посета на татковината и за гласање. Не може да се претпостави дали и со кое темпо дотогаш може да прогресира вирусот, но и колку од нашите државјани би дошле од т.н. ризични подрачја.
Љубов во време на коронавирус
Илјадници двојки низ цел свет склучија брачен сојуз без оглед на загриженоста поради коронавирусот. „Вооружени“ со заштитни маски, двојките ја запечатија љубовта на масовни свадби во Јужна Кореја и Филипини.
Фотографија: Reuters/H. Ran
Љубовта не прекинува
Среќна невеста и среќен зет ја слават својата романтична свадбена масовна церемонија во Гачиеонг, град во северниот дел од Јужна Кореја. Свадбата се одржа на 7 февруари, пред во земјата да бидат откриени масовни случаи на коронавирусот.
Фотографија: picture-alliance/AP/Ahn Young-joon
Бакнежи преку маски
220 двојки во филипинскиот град Баколод на 20 февруари се заколнаа на вечна љубов на масовна венчавка и се бакнаа, но преку маски. „Поинакво е чувството кога се бакнуваш со маска, но бакнежот е дел од церемонијата“, изјави младоженецот Џон Пол за австралиските медиуми.
Фотографија: Reuters/Bacolod City Public Information Office
Ден на вљубените во кризни времиња
Оваа невеста во филипинската престолнина Манила носи заштитна маска и чека да тргне кон олтарот на масовната свадбена церемонија која се одржа на 14 февруари, на Свети Валентин, омилен ден за масовни венчавки во земјата. На Филипини досега се регистрирани неколку случаи на заразени со коронавирус и има еден починат.
Фотографија: Imago Images/Zuma/L.M. David
Ах, љубов....
На масовна свадба во Јужна Кореја, според француската новинска агенција АФП, биле поделени 30.000 заштитни маски за лице на присутните двојки и нивните гости. Венчавката се одржала во Црквата на обединувањето, основана од Сун Мијунг Мун, кого следбениците го слават како месија.
Фотографија: AFP/Jung Yeon-je
Пресни младенци
Во Јужна Кореја беа откажани фестивали, прослави и концерти, зашто се стравуваше дека масовните собири ќе го поттикнат проширувањето на вирусите. Но пред љубовта, сите мерки капитулираа...
Фотографија: Reuters/H. Ran
Избор - дали да се носи маска или не
Заштитните маски беа делени на масовните свадби, но учесниците и гостите имаа право на избор дали ќе ги носат или не - некои се одлучија да не ги стават.
Фотографија: Reuters/H. Ran
6 фотографии1 | 6
Карневалите ќе бидат откажани
Иако во изминатите денови течеа интензивни подготовки и беше најавено како сосема извесно одржувањето на реномираниот Струмички карневал, еден ден пред неговиот почеток стигнуваат информации дека тој ќе биде откажан. Ова го објави Радио Струмицанет, повикувајќи се на потврда од градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, а соопштувајќи и дека нема да се одржи ни маскенбалот во струмичкиот хотел „Сириус“ кадешто се избираат принц и принцеза за карневалот, ниту Детскиот карневал планиран за в недела, на Прочка. Според Радио Струмицанет, ова било обелоденето по синоќешниот состанок што градоначалникот го одржал со Организацискиот одбор на карневалот, и по комуникацијата со надлежните институции задолжени за следење на состојбата со коронавирусот. Според извори од Организацискиот одбор, неколку странски карневалски групи кои требало да пристигнат денеска, вчера попладне веќе го откажале учеството на Струмичкиот карневал.
Според медиумот, се очекува Владата на денешната претпладневна седница да донесе одлука со која ќе препорача или забрани одржување масовни јавни собири во наредните денови , врз основа на предлогот што синоќа го утврдил Управувачкиот комитет. Покрај карневалите во Струмица и Прилеп, можно е со одлуката да бидат опфатени и други манифестации и спортски натпревари.