1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавни набавки: Какво е нивото на транспарентност?

12 ноември 2019

Најмногу институции се рангирани во „ограниченото“ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки. На врвот се ресорите економија и одбрана, а на дното - здравство и образование.

Symbolbild | Bla Bla Bla
Фотографија: Colourbox

Има ли транспарентност и отчетност во јавните набавки, како се спроведува процесот, колку постапки се поништени, колку обжалени? На ова и ред други прашања одговори дава третото по ред годишно истражување на начинот на којшто институциите ги спроведуваат тендерите. Истражувањето го спроведе Центарот за граѓански комуникации во рамките на ЕУ-проектот: Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки.

Според резултатите од анализата на 21 институција - министерства, владини секретаријати и Собранието, тие, од максимално можни 100% од критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки, просечно исполнуваат 55,2 %. Тоа е мало подобрување во однос на претходните години. За споредба, во 2017 година изнесувало 53,6 %, а во 2016 година 51,7 %.

Економија и одбрана на врвот, здравство и образование на дното

Најмногу институции се рангирани во „ограниченото" ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, со исполнување на критериумите помеѓу 40% и 60% од можни 100%. На врвот се министерствата за економија и за одбрана, а на дното министерствата за здравство и за образование и наука.

Министерство за економија, кое е прворангирана институција, е во групата на институции со помал обем на јавни набавки  - од само 334.000 евра, а најмногу пари за јавни набавки (39 милиони евра) потрошила институцијата која е најслабо рангирана - Министерството за здравство. Анализираните институции заедно потрошиле 124 милиони евра за јавни набавки во 2018 година.

Институциите со минимално ниво на транспарентност, отчетност и интегритет, во 2018 година потрошиле 31% од парите, за разлика од 2016 година, кога тој удел изнесувал дури 75% од вредноста на тендерите на Владата и на Собранието. Во истражувањето е утврдено и дека на своите веб-страници 86% од институциите го објавуваат годишниот план за јавни набавки, само половина ги објавуваат огласите за јавните набавки, а само две ги објавуваат известувањата за склучените договори.

Mалку институции имаат интерни правила за јавните набавкиФотографија: Colourbox/M. Chab

Колку се реализираат плановите за јавни набавки?

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека плановите за јавни набавки просечно се реализираат 65%. Најниската реализација на една институција изнесува 32%, а највисоката 92%.

Само четири институции просечно добивале повеќе понуди по тендер во споредба со националниот просек. Во дури 68% од набавките, институциите определиле т.н. разумни рокови за поднесување понуди, односно подолги од законски минималните. Утврдено е и дека пораснала концентрацијата на фирмите на тендерите. Кај дури пет институции, уделот на еден носител на набавка во вкупната вредност на тендерите бил повисок од 40%, што се смета како праг за концентрација. Процентот на тендерски документации со дискриминаторски елементи кои можат да ја ограничат конкуренцијата бил намален од 29% во 2016 и 2017 година, на 18% во 2018 година.

Повеќе: 

Транспарентноста расте, но плафонот не е достигнат

МВР во големи набавки: Ќебињата од ЈНА - во историјата!

Резултатите од истражувањето покажуваат дека секој трет тендер на анализираните институции бил поништен. За разлика од 2017 година, кога тоа изнесувало 25%, во 2018 процентот на поништени тендери изнесува 30,3%. Поединечно, процентите се движат помеѓу 10% и 73%. Истражувањето покажува и дека било намалено користењето на постапката со преговарање без објавување оглас и дека е голем уделот на анекс-договорите кај анализираните институции - и во однос на националниот просек и во однос на ланската состојба.

Кај анализираните институции бил зголемен просечниот удел на доставени жалби од фирмите во вкупниот број огласи. Овој удел изнесува 5,7%, што е повисоко од националниот просек за 2018 година од 3,3%, и од ланските 4,6%. Во однос на доставените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, резултатите од истражувањето покажуваат дека се влошува одговарањето од страна на институциите. Лани тие одговориле просечно за 38 дена, годинава за 42, иако максималниот законски рок е 30 дена.  

Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека малку институции имаат интерни правила за јавните набавки, особено за оние аспекти кои не се прецизно регулирани со законот. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми