1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мора да се најде лек за корупцијата во јавните набавки

ДТЗ
17 март 2021

Отстранување на корупцијата во јавните набавки е една од реформите која треба да биде преземена во процесот на преговорите за членство на С. Македонија во ЕУ.

Symbolbild Geheim Geheimdienst
Фотографија: Colourbox/M. Chab

Јавните набавки се извор на корупција и го поткопуваат владеењето на правото. Отстранување на корупцијата во јавните набавки е една од реформите која треба да биде преземена во процесот на преговорите за членство во ЕУ, посебно со новата методологија, а од тоа ќе зависи и квалитетот на животот на граѓаните. Ова е пораката којашто ја испрати амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Дирк Јан Коп на онлајн-дебата, на која беа претставени предлозите за намалување на корупцијата во јавните набавки и унапредување на начинот на нивно спроведување, во организација на Центарот за граѓански комунунации (ЦГК).

Дел од препораките се да се изготват планови за интегритет во јавните набавки во кој ќе се идентификуваат ризиците на корупција, да ротираат членовите на комисиите за јавни набавки, електронската аукција да се спроведува само за стоки за широка потрошувачка, но и да се сведе на минимум нетранспаретната постапка на преговарање без претходно објавување оглас. Надлежните препорачуваат и често да не се поништуваат јавните набавки, како и да се даде образложение за таквиот чекор. 

Вкупната вредност на договорите на јавните набавки што ги спроведуваат јавните претпријатија и акционерски друштва основани од Владата и од локалните самоуправи изнесува околу 300 милиони евра и претставува една третина од вкупните јавни набавки во земјата. Познавачите на состојбите сметаат дека поголемата јавна одговорност и создавањето на механизми за управување со ризиците од корупција во овие претпријатија ќе придонесат кон намалување на корупцијата.

Истражувања 

Истражувањата спроведени од Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека 70 отсто од анкетираните јавни претпријатија и акционерски друштва никогаш не направиле проценка на ризиците од корупција, а раководствата на овие претпријатија во изминатите три години не поднесле ниту една иницијатива за поведување на кривична постапка заради сомнеж за корупција во јавните набавки и ниту една дисциплинска постапка за вработен во констатирани проблеми при спроведувањето на јавните набавки.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации вели дека овие податоци покажуваат оти во претпријатијата основани од Владата и единиците на локална самоуправа не се работи системски врз превентирање и сузбивање на корупцијата во јавните набавки.

Потенцијалот за корупција во јавните набавки е огромен, велат од Антикорупциската комисијаФотографија: picture-alliance/U.Baumgarten

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, укажува дека најважна е свеста кај сите чинители за да се сузбие корупцијата, бидејќи законските решенија не можат да ги предвидат сите можни ситуации. Ова особено доаѓа до израз кај Законот за јавни набавки. 

-повеќе на темата: Македонска практика: „Тендерциозно местење на тендери“

„За првпат овој закон се донесе на крајот на 1990-те години, а од 2007 до 2018 година е менуван 15-тина пати, за во 2019 година да се донесе нов закон. Ова укажува дека колку и да се сака со закон да се уреди сѐ, сепак човечкиот фактор е пресуден за правилно, односно неправилно спроведување на законот, или за принципиелно и транспаретно спроведување на постапките за јавни набавки“, вели Ивановска.

- повеќе на темата: Јавните набавки загрозени од тајните на шуробаџанаковизмот

Вкупниот број на јавни претпријатија и акционерски друштва основани од Владата и единиците на локалната самоуправа се проценува на 145, но оваа бројка секојдневно се менува. Тие имаат вкупни годишни приходи од 800 милиони евра и вработуваат околу 30 илјади луѓе. Вкупната вредност на јавните набавки што ги спроведуваат е околу 300 милиони евра годишно, што е една третина од сите јавни набавки во земјата.

Имајќи ги предвид сите овие бројки, според Ивановска, огромен е потенцијалот за корупција, бидејќи човечки фактор е вклучен во проценување на вредноста на тендерите и во критериумите за оценка на понудувачите. Па, оттаму, се случува да дојде до концентрирање на јавните набавки само кај одреден број на фирми, нетранспарентна постапка, како и неоправдно високи цени во однос на пазарните.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми