Јадеме ли ефтини имитати?
22 јули 2009
Ни сирењето повеќе не е сирење. До овој заклучок дојдоа санитарните инспектори за време на контролата на примероци на овчо сирење земени од берлинските ресторани, продавници и пекари. Називот сирење може да го носи само оној производ кој во себе содржи 100 насто млеко. Меѓутоа млечните масти во некои готови производи се заменети со ефтина мешавина од билни масти, вода, белковини во прав и арома.
Листата на имитати е долга
Со ваквата замена за вистинското сирење, производителите заштедуваат и до 40 насто од трошоците. Ефтините имитати во Германија се дозволени, но дали се и опасни по човечкото здравје: Мануела Марин стручњак за исхрана, објаснува: „Тие не се штетни по здравјето и нема причина за загриженост. Нивната употреба ја одобри Сојузното министерство за здравство и затоа од оваа перспектива и нашето моментално научно достигнување, одговорно тврдам дека тие имитати не се ни штетни ниту опасни.“
Листата на т.н „ лажливи производи“ е долга. Шунка направена од остатоци од месо и хемиски засилувачи на вкус, италијански сос од босилек без ниту една капка маслиново масло, сладолед од ванила без вистинска ванила.
Се’ е во рацете на потрошувачите
Експертите тврдат дека вината во голем дел ја сносат и самите потрошувачи. Тие во трката за ефтини производи ја купуваат најповолната храна: „Кога и ние би биле подготвени за нашите прехранбени производи да издвојуваме повеќе пари, мислам дека и производителите помалку би користеле ефтини имитати. За да ја задоволат желбата на купувачите, а истовремено и сопствениот интерес, не им преостанува ништо друго освен да користат ефтини вештачки производи“, смета Мануела Марин.
Претставниците на Здружението на заштита на потрошувачите бараат од производителите имитатите во иднина појасно да бидат означени на пакуваните готови производи. Истовремено апелираат до граѓаните да ја променат својата потрошувачка свест и да избегнуваат купување на вакви производи. Колку побарувачката е помала, толку помала ќе биде и понудата. Домашното е сепак најбезбедно. Во тоа, без сомневање е согласна и науката.
Автор: Селма Филиповиќ/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска