Поддршка за Македонија
14 декември 2011![](https://static.dw.com/image/4638732_800.webp)
Реформите кои Македонија ги имплементираше за време на Акцискиот план за членство, како и македонската посветеност на операциите на НАТО, јасно покажува дека македонското членство во Алијансата е повеќе од заслужено. Ја нотираме одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и ја потврдуваме нашата поддршка за полноправно членство на Македонија во НАТО.
Ова се вели во заедничката Декларација што ја усвоија земјите членки на Повелбата за партнерство меѓу Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и САД - таканаречената Јадранска повелба, по состанокот кој се одржа денеска во Тирана, а на кој учествуваше и министерот за надворешни работи Никола Поповски.
Министрите за надворешни работи разменија мислења за натамошната соработка во рамките на Повелбата, со посебен акцент на можностите за унапредување на безбедносната соработка во регионот и пошироко, како и очекувањата во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго во контекст на политиката на проширување на Алијансата.
Министерот Попоски ги запозна присутните со ставовите на Македонија во врска со пресудата на Меѓународниот суд на правдата за прекршувањето на Времената спогодба од страна на Грција, оценувајќи ја како уште еден важен чекор на патот кон зачленување на земјата во НАТО, истовремено подвлекувајќи ја посветеноста на македонската влада кон процесот во рамките на ОН за надминување на разликите со Грција. Притоа, истакна очекување дека Грција ќе ја почитува одлуката на судот и согласно обврските според меѓународното право, нема да го блокира консензусот за зачленување на Македонија во НАТО.
Автор:СН/БГ/миа/макфакс
Редактор: Борис Георгиевски