1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јазот помеѓу богатите и сиромашните се зголемува

Марко Лангер
9 октомври 2019

Германија е една од најбогатите држави на светот. Сепак, многу нејзини граѓани мора добро да размислуваат колку трошат ако сакаат да преживеат до крајот на месецот. Јазот помеѓу богатите и сиромашните е сѐ поголем.

Deutschland Symbolbild Kinderarmut
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Сиромаштијата е компликувана работа. Колку е тежок овој проблем, на пример, зависи од тоа кого го прашувате. Треба ли да се праша во некоја од народните кујни, кои јавуваат за зголемена побарувачка на бесплатни прехранбени намирници? Или треба да се праша министерот за економија Петер Алтмајер кој радо објавува дека на конјунктурата ѝ оди добро? Или пак треба да се прашаат синдикатите, кои се залагаат за повисоки плати? Секој би ја опишал ситуацијата поинаку. Своја верзија имаат и првачињата, чии родители не можат да им купат скапи чанти за на училиште или мобилен телефон. Можеби ќе имаат да им дадат за во кино, еднаш-двапати месечно.

Сѐ повеќе луѓе на маргините

Во Германија во 2019 година се констатира дека „сѐ повеќе луѓе се погодени од сиромаштија“. Тоа произлегува од новиот извештај за распределбата на богатството на Институтот за економија и социјала (ВСИ), објавен од фондацијата „Ханс Беклер“. Еден од главните проблеми: јазот помеѓу богатите и оние кои заработуваат малку со текот на изминатите години уште повеќе се зголемил. „Сѐ повеќе приходи се концентрираат кај многу богатите“, се вели во студијата. А, од друга страна, бројот на домаќинства кои имаат на располагање помалку од 60% од просечната плата и поради тоа важат за сиромашни (според актуелната научна дефиниција за сиромаштија) во периодот од 2010 до 2016 година се зголемил од 14,2 на 16,7 проценти.

Д-р Доротее Шпанагел, социолог кој се занимава со истражувања на сиромаштијата и богатствотоФотографија: WSI/Karsten Schöne

Освен тоа, на домаќинствата кои се сиромашни им оди сѐ полошо. Разликата во приходот која на едно домаќинство му недостига за да ја пречекори границата и да не важи за сиромашно е сѐ поголема. Ако во 2005 година недостигале 2873 евра на годишно ниво, во 2016 година износот бил 3452 евра, што значи зголемување од цели 30%. „Сѐ поголем број луѓе се 'аутирани'“, оценува за ДВ Доротее Шпанагел од ВСИ. Според нејзе, сѐ поголема е групата луѓе кои заработуваат малку и кои го имаат загубено приклучокот кон зголемувањето на примањата во средниот слој на општеството.

Повеќе:

Германците заробени во стапицата од долгови

Богатите побогати, сиромашните посиромашни

„Па, сепак, не се случува ништо“

На прашањето кои се најзапрепастувачки работи, Шпанагел одговара: „На ум ми паѓаат две работи. Од една страна, и покрај добрата конјунктура и добрата ситуацијата на пазарот на труд, не ни успева да ги подобриме работите, значи да ја намалиме нееднаквоста.“ И, второ, тоа е фактот дека е јасно што треба да се стори, а „сепак не се случува ништо“.

Во студијата се бара зајакнување на тарифните договори, зголемување на минималната плата, поголемо оданочување на најбогатите и значително зголемување на Помошта за невработени 2 (Харц 4). Тоа се политички цели кои во Берлин често може да се слушнат од ослабнатата СПД, но речиси воопшто во Унијата (ЦДУ и ЦСУ), од каде доаѓаат канцеларката и министерот за економија.

Луѓето кои заработуваат малку се дефинитивно соочени со закана од сиромаштија во старостаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

За средината на октомври Сојузот на германски синдикати и фондацијата „Ханс Беклер“ канат на „Конференција за распределбата на богатството“ во Берлин. Покана има добиено и првиот човек на Зелените, Роберт Хабек. Со нетрпение се очекува да се слушнат ставовите на човекот кого некои го сметаат за носител на политичка надеж, и тоа не само во неговата партија.

И, кога сме веќе кај богатството: Една неодамна објавена студија на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) констатираше дека богатството во Германија е многу нерамномерно распределено. Според оваа студија, најбогатите 10% од населението располагаат со повеќе од половината од вкупното богатство (56%). Сиромашната половина од граѓаните пак располагаат со само 1,3% од богатството. Значи, еден мал дел од Германците станува сѐ побогат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми