Од СЈО најавуваат повеќе жалби до Советот за утврдување на факти, но и кривична пријава против судијката Татјана Михајлова за фалсификување на службена исправа (записник, н.з.).
Реклама
Досега ги игнориравме, но веќе е време јавноста да знае дека судиите не може да се кријат зад нивните функции, повикувајќи се на имунитетот и на слободното и независно судиско искажување, бидејќи овде се работи за повреда на кривичната постапка, вели обвинителката Катица Јанева, потсетувајќи дека голем број одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се однесуваат токму на повредата на таа процедурална рамка.
Таа најавува повеќе жалби до Советот за утврдување на факти, но и една кривична пријава.
„Веќе се изготвени жалби до Советот за утврдување на факти, за судии кои ја повредуваат кривичната постапка во делот на предистражната и истражната постапка, но и во делот на закажаните рочишта по предмети. Таква претставка ќе има и за судијката Татјана Михајлова, а против неа ќе поведеме и постапка по членот 361 од Кривичниот законик, за фалсификување на службена исправа“, изјави Јанева за Дојче веле.
Повод за последново, е постапката на судијката на денешното рочиште за случајот „насилството пред Општина Центар“, во кој е обвинет и поранешниот премиер, Никола Груевски. Тој беше присутен, но судењето беше одложено за 10. март, поради тоа што дел од обвинетите не беа присутни во судницата. Како причина за претставката и пријавата, Јанева ги наведува постапките на судијката Михалјова на денешното рочиште.
„Сакавме да прашаме зошто не ни е доставена аудио-визуелната снимка од претходното рочиште, што ја имавме побрано, а не ја добивме. На тоа судијката констираше дека обвинителката Фатиме Фетаи се однесува недолично, бидејќи зела збор без да ѝ го даде судијата, што не беше точно. Зборот 'недолично' судијката го издиктира и во записникот, на што реагирав јас и побарав да го избрише, бидејќи не беше соодветен. Но таа продолжи, а притоа и погрешно го цитираше името на нашата институција, на што исто така реагиравме“, објаснува Јанева. Обвинителките укажале и дека предмет не може да се суди ако некој ја опструира работата на тоа Обвинителство.
И Јанева и Фетаи заради овие реакции од судијката се казнети со по 2.000 евра.
„Атак врз судскиот систем“
Реакциите продолжија и надвор од судницата. Груевски рочиштето го оквалификува како „театар“, а неговиот адвокат Никола Додевски изјави дека „нема друго објаснување, освен дека е однапред подготвено сценарио за да се изврши флагрантен притисок врз судијата".
Со соопштение се огласи и Основниот суд Скопје 1.
„Во досегашното 72-годишно постоење на Основниот суд Скопје 1 - Скопје, не се памети вакво однесување и непочитување на Јавен обвинител во судница, како кон судот, судската власт, така и кон судијата кој ја води постапката, како што присутните можеа да го видат на денешното судење“, се вели во соопштението од Судот.
Во него, однесувањето на обвинителките Јанева и Фетаи е оценето како „дрско, крајно непрофесионално, злупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавно обвинителска етика“, а однесувањето на судијката Михајлова, кој е и в.д. претседателка на Судот, е опишано како „мирно и достоинствено, како што доликува на вршител на судската власт“.
„И покрај опoмените, истите не престанаа да навлегуваат во збор на судијата, да го навредуваат, а со тоа да го нарушуваат редот во судницата. (...) Од сите овие причини судечкиот судија, согласно член 7 од Законот за СЈО, а во врска со член 361 од ЗКП, донесе одлука предметот целосно да го достави до Советот на Јавни обвинители како единствено тело надлежно да се признесе околу однесувањето на јавните обвинители од ова обвинителство“, соопшти Кривичниот суд, оценувајќи го однесувањето на обвинителите од СЈО како „атак врз судскиот систем на Република Македонија“.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.