1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанева со храбри чекори за најкрупните случаи

Катерина Блажевска27 ноември 2015

Врз основа на првите предмети што ги побара специјалната обвинителка, правосудни извори препознаваат „сериозност и непристраност“ во почетокот на нејзината работа

Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Одличен почеток на обвинителката Јанева“; „Покажа сериозен пристап“; „Добро е што први на ред се 'крупните риби'“ - ова се најчестите оценки откако Специјалното обвинителство вчера од обвинителствата во РМ ги побара првите пет предмети кои се поврзани или произлегуваат од содржините на нелегално прислушуваните комуникации.

И јас би „играл“ така, вели адвокатот Александар Тортевски, коментирајќи ги првите пет предмети побарани од Јанева.

„Очигледно е дека обвинителката Јанева е на вистинскиот пат. Покажува сериозен пристап и решеност да се справува со најкрупните случаи уште на самиот старт. Сигурно веќе има концепт како ќе ги докаже случаите. Се плашам само како тоа ќе помине во судовите“, вели Тортевски.

Атрактивни предмети

Три од побараните предмети, јавноста ги смета за политички „најатрактивни“. Првиот е по поднесена кривична пријава од СДСМ против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, неговата тогашна соработничка, а сега судијка во Вишиот управен суд, Светлана Костова и против Израелецот Хаим Хакијни, за наводна провизија при набавка на израелска опрема за специјалната полиција. Вториот е против премиерот Никола Груевски, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, и против непознати лица вработени во МВР за фалсификување исправи и повреда на избирачкото право. Јанева го побара и предметот „Пуч“, во кој осомничен е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за насилство врз државни претставници. Во истиот случај, обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, полицискиот функционер Ѓорги Лазаревски, како и вработениот во општина Струмица, Бранко Палифров. Разузнавачот Звонко Костовски, кој претходно се спогоди со обвинителството, е осуден на три години затвор.

Од обвинителствата од каде што беа побарани предметите, јавно не сакаат да го коментираат изборот на Јанева. Но, зад плаштот на анонимноста, сепак, не штедат пофалби.

Катица Јанева доби пофалбиФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Изборот на предметите од страна на специјалната обвинителка покажува нејзина непристраност и сериозност во селекцијата. Непристрасност, затоа што покрај 'Пуч' се преземени и предмети против највисоки репрезенти на власта вклучително и против премиерот, а сериозност, затоа што уште од почетокот се побрани некои од најкомплексните и најтешките предмети за работа“, вели обвинител од Скопје.

Поранешниот државен јавен обвинител, Стеван Павлевски, смета дека изборот на предметите е сосема очекуван.

„Тој е, пред се‘, оправдан но и очекуван, бидејќи станува збор за предмети кои се однесуваат на злоупотреби и повреди на човекови права“, кусо коментира Павлевски.

Сомнеж за улогата на судството

Јанева побара предмет и од обвинителствотвото во Битола, против битолскиот градоначалник Владимир Талески и лицето С.Б. за кривично дело - злоупотреба на службената положба, како и еден предмет од обвинителството во Куманово, по кривична пријава од анонимно лице против непознато одговорно лице во мобилен оператор за кривично дело - неовластено прислушување и тонско снимање. Специјалното обвинителство, има надлежност на целата територија на РМ и пред сите судови.

Но, токму најголем е сомнежот во пошироката јавност по прашањето дали судовите ќе постапуваат по словото на законот или на партијата, со оглед дека некои од „бомбите“ сведочеа на кој начин и во кои партиски кругови се решава за изборот на „независни“ судии, како се проверува колку проценти се тие „нивни“, кој гарантира за нив, кој ги препорачал, па се‘ до нивно заведување под број и со партиски оценки (плусови и минуси) во тефтерот на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

„Партизирано судство може да биде најсериозната пречка за ефектуирање на правдата. Но се надевам дека најавениот меѓународен експертски мониторинг на овие процеси, ќе биде еден вид превенција од можно изигрување на правдата. Би било рамно на институционално самоубиство, ако на јавна сцена судии се решат да ја компромитираат професијата во име на партиски интереси, без оглед чии“, вели пензиониран судија.

Независна истрага

Специјалното јавно обвинителство соопшти дека од обвинителствата во земјата ќе бара нови предмети на 15 дена. Јанева уверува дека ќе се спроведуваат независни истраги и дека ќе бидат заштитени лицата кои ќе бидат повикани на разговор, како и оние кои поседуваат релевантни информации, а инсистираат на заштита на нивниот идентитет. Според Законот за кривична постапка, предистражната постапка е тајна и сите информации кои би биле од значење за успешно водење на постапката нема да бидат соопштувани. Тимот на Јанева нема да соопштува податоци дали и против кого се отворени предистражни постапки и под кои сомненија, ниту пак ќе се открива дали некој побарал статус на заштитен сведок, со цел да се охрабрат оние кои сакаат да соработуваат со истрагата.

Новинарот Ерол Ризаов во неговата колумна во „Утрински весник“ оценува дека соопштението на Специјалното обвинителство е на високо ниво на комуникациска, правна и политичка култура.

„Обраќањето до јавноста ветува почеток на сериозна и непристрасна професионална работа на Специјалното обвинителство и на обвинителката Катица Јанева, што влева голема надеж дека во Македонија е можно ослободување на судството од партиските стеги и центри на моќ и обновување на правната држава и владеење на правото. Иако е прерано и неблагодарно да се дава каква било оценка како ќе заврши оваа работа со Специјалното обвинителство и специјалниот закон, чинам граѓанска должност на секој жител на Македонија, без оглед на неговата политичка, партиска, национална, верска.... или каква било припадност, е да даде силна поддршка на обвинителката Јанева и на оваа во вонредни околности создадена институција за гонење на кривични дела кои спаѓаат во доменот на нарушување на човековите права и слободи и во делот на организиран криминал и корупција“, пишува Ризаов.

Според Законот, обвинителствата од кои се побарани предметите треба да одговорат најдоцна за осум дена, а потоа за исто толку време и Специјалното обвинителство треба да процени кои од предметите се во негова надлежност.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми